Македонија
АВМУ: Новинарство без страв и наклонетост е тема на Светскиот ден на медиумите
Секоја година, на 3 мај се слават фундаменталните принципи и независноста на медиумите, се оценува нивната слобода и се оддава почит на новинарите кои ги загубиле своите животи при вршење на професионалните обврски. Воедно, овој ден служи и како потсетник за улогата на медиумите во развојот на демократијата и обврската на владите да ја почитуваат нивната слобода.
Годинава, светскиот ден на медиумите се одбележува под мотото „Новинарство без страв и наклонетост“, при што акцентот е на тоа дека независните медиуми, ослободени од сите видови притисоци, играат клучна улога во носењето на информирани одлуки и во обезбедувањето транспарентност и одговорност на институциите.
„Во услови кога пандемијата од Ковид-19 го диктира темпото на живот, навремени, веродостојни информации и нивниот слободен тек се суштински во соочувањето, разбирањето и надминувањето на кризата. Професионалното, етичко и точно известување придонесува не само за превенција и справување со заразата, туку и за разобличување на дезинформациите и на лажните медицински совети кои би можеле да го загрозат здравјето. Токму затоа е неопходно да се овозможи слободен и еднаков пристап до информациите и да не се ограничува слободата на движење на новинарите. Воедно повторно апелираме дека е неопхопдно да се вложат максимални напори за обезбедување заштита и безбедност на медиумските работници при извршување на професионалните задачи“, соопшти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по повод Светскиот ден на медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.