Свет
СЗО: Светот е во средиштето на битката со вирусот, не сме безбедни без вакцина
Некои делови од светот започнаа да се извлекуваат од пандемијата на коронавирусот и претпазливо започнуваат со враќање во нормала, но вирусот останува голем ризик сè додека не се развие вакцина против него, изјави денеска експертот на Светската здравствена организација, Мајк Рајан.
Тој процени дека некои земји сè уште се во центарот на пандемијата, додека други почнале да покажуваат знаци на намалување на обемот на заразата, пренесува „Ројтерс“.
„Во таа смисла, постои надеж. На глобално ниво, ситуацијата е многу, многу сериозна, но причините за заболувањето и траекторијата на вирусот се многу различни во различни делови на светот. Можно е да се стави болеста под контрола и можно е да се продолжи нашиот нормален економски и социјален живот, но на нов начин и со голема претпазливост“, рече Рајан.
Тој посочи дека во некои земји во Африка и Централна и Јужна Америка, траекторијата на вирусот сè уште расте, и дека иако сега се чини дека тоа не претставува голем проблем, можноста за тестирање останува проблематична.
„Ние сме во средиштето на битката на нашите животи, сите ние низ целиот свет. Ќе биде голем и долг ризик сè додека не добиеме безбедна и достапна за сите вакцина“, рече Рајан.
Ублажувањата на мерките што започнаа да ги спроведуваат некои земји не значи дека вирусот е апсолутно поразен, туку дека дојден е моментот кога вирусот може да се контролира и економскиот и социјалниот живот одново да започнат.
Рајан исто така предупреди дека владите кои сакаат да ги ублажат мерките, мора да го сторат тоа со голема претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Пред нас се уште понестабилни, непредвидливи и опасни години
Американските акции против Венецуела дадоа дополнителен доказ дека сегашниот глобален поредок се распаѓа, додека новиот свет сè уште не е целосно изникнат, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој повтори дека неговата влада има намера да остане на „патот на мирот и безбедноста“.
„Во првите денови од оваа година добивме важен потсетник дека либералниот светски поредок е во состојба на колапс“, рече Орбан, осврнувајќи се на американската воена операција овластена од претседателот Доналд Трамп за заробување на венецуелскиот лидер Николас Мадуро. Унгарскиот премиер додаде дека враќањето на Трамп во Белата куќа пред една година му зададе „фатален удар“ на либералниот светски поредок.
„Сепак, новиот свет сè уште не добил јасна форма. Се соочуваме со уште понестабилни, непредвидливи и опасни години“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој рече дека ако неговата партија, Фидес – Унгарска граѓанска унија, победи на парламентарните избори закажани за април, Унгарија ќе продолжи да води „политика на мир и безбедност“.
„Не сакаме да испраќаме унгарска младина на фронтот и не сакаме да ја уништиме земјата или унгарската економија“, рече Орбан, нагласувајќи дека Унгарија има намера да „се држи подалеку од војната во Украина“.
Свет
Венецуела оддаде почит на Кубанците загинати во американски напад
Венецуела оддаде почит на 32 кубански државјани кои загинале во американски напад, наведувајќи дека тие ги дале своите животи извршувајќи ја својата должност. Овој инцидент би можел да го означи првиот директен борбен судир меѓу Куба и Соединетите Американски Држави во последните неколку децении.
„Ова персонал дејствуваше во рамките на соработка меѓу суверени држави и извршуваше задачи на институционална заштита и одбрана. Нивното дејствување се одликуваше со храброст, дисциплина и непоколеблива посветеност на мирот и регионалната стабилност“, се наведува во соопштението.
Владата во Каракас упати и братска прегратка до Кубанските револуционерни вооружени сили и до семејствата на загинатите борци, чија жртва ги зајакнува историските врски на братство, суверенитет и заедничка борба меѓу нашите народи, се додава во соопштението.
Претходно се огласи и кубанската влада, која потврди дека нејзини државјани загинале во борбени дејства, извршувајќи мисии во име на Револуционерните вооружени сили и Министерството за внатрешни работи, на барање на колегите од јужноамериканската земја.
Свет
Кина до САД: Веднаш ослободете го Мадуро
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг изјави дека светот се наоѓа во период на нестабилност и промени и предупреди дека едностраните и насилнички акции сериозно го нарушуваат меѓународниот поредок, пренесе кинеската државна телевизија Си-Си-Ти-Ви.
Без директно да ги спомене Соединетите Американски Држави или Венецуела, Шји порача дека „сите земји треба да ги почитуваат развојните патишта што народите на другите држави самостојно ги избрале“. Тој додаде дека државите мора „да се придржуваат до меѓународното право и до целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации“, нагласувајќи дека „големите сили, особено, треба да предничат во тоа“.
Овие изјави Шји ги даде за време на средбата со ирскиот премиер Мајкл Мартин во Големата сала на народот во Пекинг, објави кинеската државна телевизија. Кина е долгогодишен сојузник на Венецуела.
По неодамнешната американска воена акција во таа земја, Пекинг ги повика Соединетите Американски Држави веднаш да го ослободат венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга, кои се наоѓаат во американски притвор.
Кинеските власти соопштија дека се длабоко шокирани и дека најостро ја осудуваат отворената употреба на сила на САД против суверена држава.

