Македонија
Јавниот и приватниот сектор партнери во креирањето на услови за одржлив развој
Подигнување на свеста кај компаниите за поголема општествената одговорност и креирање на пракса за грижа за развојот на заедницата е главната тема на годишната конференција на европските мрежи на Глобалниот договор на Обединетите нации (ОН), што во вторник се одржува во Скопје.
Подигнување на свеста кај компаниите за поголема општествената одговорност и креирање на пракса за грижа за развојот на заедницата е главната тема на годишната конференција на европските мрежи на Глобалниот договор на Обединетите нации (ОН), што во вторник се одржува во Скопје.
Во насока на обезбедување на континуирани активности од страна на компаниите и институциите во доменот на општествената одговорност и примената на принципите на Глобалниот договор на ОН, во рамките на конференцијата беше потпишан и Меморандум за соработка со Националниот совет за претприемништво и конкурентност, преку кој се зајакнува соработката помеѓу приватниот и јавниот сектор.
За унапредување на примената на концептот на општествената одговорност за обезбедување на одржлив развој, неопходна е тесна соработка помеѓу приватниот сектор и институциите. За таа цел на конференцијата се обрати Заменик-претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.
„Општествената одговорност е непишана обврска за сите нас, независно дали се работи за компанија, институција или невладина организација. Невозможен е долгорочен раст на една компанија, доколку заедницата во која делува назадува. Истото важи и за институциите и за системот воопшто. Владата на Република Македонија преку сите свои активности се залага за поттикнување на рамномерен развој кој ќе овозможи раст на компаниите, но и на заедницата. Со заеднички и координирани активности помеѓу приватниот и јавниот сектор ќе создадеме сериозни услови за долгорочен развој на сите чинители во општеството, а токму овој Меморандум е јасна потврда за нашите сериозни намери. Владата и во идниот период ќе продолжи да креира политики кои ќе поттикнуваат уште поголема примена на општествено одговорни практики на сите нивоа“, истакна Пешевски.
За најновите трендови од областа на општествената одговорност и искуствата од имплементацијата на принципите на Глобалниот договор, на конференцијата зборуваа и претставници на Цементарница Усје АД Скопје, ЕВН Македонија и други компании, како и претставниците на мрежите на Глобалниот договор од Шпанија, Бугарија, Грција и Турција.
„Глобалниот договор, кој веќе е прифатен од над 12.000 претставници од 800 компании од 145 земји и 4000 непрофитни организации, е еден вид на глобална синхронизирана акција која е колективен обид за подобрување на условите и поттикнување на развојот. Денес се соочуваме со низа предизвици кои упатуваат на фактот дека за посинхронизирана активност и видливи резултати неопходна е соработка и од највисоките државни институции. Иако се соочуваме со нови предизвици, целите на Глобалниот договор остануваат исти, тој да даде колективен одговор на потребите на заедницата, а истовремено да поттикне соодветно вклучување од сите засегнати страни“, изјави Валид Наги, одговорен за локалните мрежи во седиштето на Глобалниот договор на ОН во Њујорк.
Македонската мрежа на Глобалниот договор која годинава прославува десет години од своето делување, преку своите активности придонесе за поголема примена на принципите предвидени во договорот, овозможи членките да бидат навреме информирани за сите актуелни трендови и активности на овој план и придонесе преку најразлични активности да се популаризираат принципите на Глобалниот договор и да се едуцира за значењето и потребата од нивната примена.
„Преку своите активности во изминатите десет години, Македонската мрежа придонесе за подигнување на свеста во бизнис заедницата и кај институциите дека сите подеднакво сме одговорни за примена на принципите на Глобалниот договор. Развојот на компаниите и развојот на заедницата се обврска на секој чинител и тој принцип ние се обидуваме да го прошириме, бидејќи само со заедничка и синхронизирана акција можеме да очекуваме долгорочен развој на сите сегменти од нашето живеење“, изјави Никица Кусиникова од Секретаријатот на Македонската мрежа на глобалниот договор – Здружението Конект.
Глобалниот договор на ОН беше активиран во Македонија во 2004 година од страна на УНДП. Денес Македонската мрежа на Глобалниот договор брои 50 компании, невладини организации и други членови. За понатамошен развој на оваа проблематика во Македонија, на иницијатива на Македонската мрежа на Глобалниот договор и со поддршка на УНДП беше воспоставено и Национално координативно тело за општествена одговорност и развиена националната агенда за општествена одговорност на компаниите за Република Македонија 2008 – 2012, што ја усвои Владата на Република Македонија.
Глобалниот договор на светско ниво е најголема доброволна иницијатива за општествена одговорност на компаниите со над 8700 членки од 130 земји во светот. Иницијативата произлезе од Обединетите нации и се темели на десетте принципи што ги опфаќаат областите: човекови права, работнички права, животна средина и борба против корупцијата. Компаниите членки на Глобалниот договор ги прифаќаат овие принципи и ги применуваат во своето секојднево работење, за што редовно известуваат, а на тој начин стануваат движечка сила на глобалниот развој, преку конкретниот придонес за развој на локалната заедница во која делуваат.крај
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Министерството за економија: Законските измени ќе придонесат до поквалитетни инвестиции и повисоки плати
Со усвојувањето на измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите во август и со дополнителните измени што треба да се финализираат до крајот на годината, се создава стабилна и транспарентна рамка за стимулирање на поквалитетни инвестиции, соопшти Министерството за економија и труд.
Според Министерството, новите законски решенија ќе резултираат со забрзан економски раст, отворање на нови работни места и раст на продуктивноста, што ќе се одрази и врз повисоки плати и пониска инфлација.
„Нашата цел е преку новите мерки да поттикнеме инвестиции со поголема додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведат нови технологии и иновации и ќе создаваат одржливи работни места“, наведуваат од ресорното министерство.
Законот прецизно ги дефинира субјектите кои можат да користат финансиска поддршка – компании што реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра во преработувачката индустрија. Истовремено, се исклучуваат субјектите што работат во примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и фирмите што се занимаваат со изградба и продажба на станови и деловни објекти.
Министерството за економија и труд ја води целата постапка – од евалуација и склучување договори до следење на нивната реализација, со што, како што се наведува, се обезбедува континуитет, контрола и отчетност при користење на јавните средства.
Примената на законот започнува на 1 јануари 2026 година, а Министерството очекува конкретни и мерливи резултати, додавајќи дека останува посветено на создавање предвидлива и поддржувачка бизнис-клима за домашните и странските инвеститори.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Создаваме стабилно и транспарентно финансиско опкружување за развој на приватниот сектор
Создавање и одржување предвидливо, стабилно и транспаретно финансиско опкружување е еден од приоритетите на Владата со цел приватниот сектор да се развива, граѓаните и компаниите да имаат доверба во институциите. Ова беше пораката на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќањето на Ерсте инвеститорискиот појадок што се одржува во Скопје во организација на Ерсте групацијата и Шпаркасе банка.
„Светската економија се наоѓа во период на прилагодување на новите монетарни политики, геополитички предизвици и брзи дигитални иновации. Во такви услови, како креатори на политики на национално ниво, внимателно ги следиме и анализираме глобалните текови и врз основа на тие сознанија носиме соодветни мерки. Нашата цел е да создадеме поволно бизнис-окружување и нови можности за економски раст“, рече Димитриеска-Кочоска
Таа потенцира дека и покрај предизвиците што ги носи глобалното економско окружување домашната еконмија од средината на минатата година до вториот квартал од 2025 година бележи раст од над 3% и дека тоа говори за стабилизација на економската активност, отпорност на економијата и ефективност на политиките.
Посочи дека растот на економијата за ова година е проектиран на 3,5% и дека се очекува таквиот тренд да продолжи и во наредната година со раст од 3,8%. Главен двигател се бруто инвестициите, но дека значаен придонес има и кредитната поддршка за инвестициите, која во септември забележа раст од 16,5% во корпоративниот сектор, како и кредитната линија на Владата за финансирање на инвестиции на приватните компании.
Таа пред присутните посочи дека Министерството за финансии континуирано работи на реформи во јавните финансии, поттикнување инвестиции и развој на нови финансиски инструменти што ќе ја поддржат иновацијата и конкурентноста.
Во таа насока, во изминатиот период во Министерството за финансии интензивно се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиски инструмени за инвестирање, како и нивно модернизирање и поедноставување. Нашата цел е да се допре до сите интересни групи и да се излезе во пресрет на интересот на граѓаните.
Оттука, имајќи го предвид интересот на граѓаните за државните хартии од вредност, во Министерството се подготвува нова емисија на Граѓанска обврзница, која ќе биде наменета за граѓаните што сакаат да инвестираат безбедно и директно. Со тоа го збогатуваме портфолиото на достапни инструменти и овозможуваме современ, едноставен, ефикасен и транспарентен систем за инвестирање.
Економија
Од полноќ повисока цената на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%
Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,427 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.

