Македонија
Онлајн работилница како безбедносните системи во регионот се справуваат со коронавирусот
Во 12:00 часот Факултетот за безбедност – Скопје во соработка со Факултетот за безбедност при белградскиот универзитет и факултетските студентски собранија на двата факултета во рамки на клубот за креирање јавни политики за безбедност и меѓународни односи ќе се одржи онлајн работилница на тема „Компаративна анализа на безбедносните системи со посебен осврт на справувањето на институциите со пандемијата во Република Северна Македонија и Република Србија”.
Покрај студентите, на работилницата ќе говорат: проф. д-р Марјан Ѓуровски од Факултет за безбедност -Скопје, проф. д-р Никола Дујовски од Факултет за безбедност – Скопје, проф. д-р Марјан Николовски од Факултет за безбедност – Скопје и проф. д-р Зоран Драгишиќ од Факултет за безбедност – Белград и проф. д-р Зоран Ќековиќ од Факултет за безбедност – Белград
Целта на оваа онлајн работилница е да се прикаже како безбедносните системи во регионот, односно на Република Северна Македонија и Република Србија, се справуваат со коронавирусот и дали нивната поставеност е ефикасна во однос на борбата против овој невидлив непријател. Замислата е да се идентификуваат сите добри страни, меѓутоа воедно и сите пропусти кои се однесуваат на правната детерминираност, во однос на функционирањето на државните институции во време на вонредна или кризна состојба.
Факултетот за безбедност – Скопје при УКЛО со поддршка на Американскиот центар за образование започна со онлајн активности преку организирање сесија на предавања од областа на јавните политики за безбедноста и меѓународни односи за студентите од Факултетот за безбедност – Скопје и другите факултети од земјата кои ги следат предметните програми за безбедносните политики, безбедносните стратегии, креирање на јавните политики, современи теории и концепти за безбедност и др.
Преку оваа активност е постигната целта за поттикнување на активностите во високото образовните и во овие вонредни околности со цел мотивирање на студентите преку електронска комуникација, информираше проректорот на УКЛО проф.д-р Марјан Ѓуровски, иницијатор на онлајн клуб за креирање јавни политики. Сесиите вклучуваат предавања и дискуии од професори од странство, споделување практики за донесување одлуки, пишување трудови, симулации и евентуални посети на институции кога ќе се создадат услови за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели, со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.
Македонија
Владина делегација на средби во УНЕСКО: Потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион
Владина делегација во состав Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам; Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање; како и градоначалниците на Општина Охрид и Општина Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, вчера и денес престојуваа во работна посета на Париз, каде остварија средби со високи претставници на УНЕСКО.
На средбите со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, претседателот на 43-та Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб, беше разговарано за значењето на УНЕСКО во современиот свет како единствена мултилатерална организација што промовира дијалог и меѓународна соработка во областите на образованието, науката, културата и комуникациите.
Во фокусот на разговорите беше состојбата на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство, при што беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство.
За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот.
Македонија
Утре променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.

