Свет
Трамп инсистира ѕидот на границата да биде црн, за да се отежни прекачувањето на мигрантите

Американскиот претседател, Доналд Трамп, уште еднаш побара ѕидот што се гради на мексиканско-американската граница да биде обоен црно, иако повеќето владини претставници го убедуваат да се откаже од идејата затоа што се работи за премногу скап и непотребен проект.
„Вашингтон пост“ пишува дека само бојадисувањето на ѕидот би чинело 500 милиони долари. Трамп инсистира на тоа, бидејќи е уверен оти поради црната боја челичниот ѕид ќе биде премногу жежок во летните месеци, па луѓето нема да може да се прекачуваат преку него.
Трамп вети ѕид на границата со Мексико, за спречување на илегалните мигранти, уште пред да стане претседател. Тој тогаш тврдеше дека Мексико ќе плати за неговата изградба, но тоа ќе го сторат американските даночни обврзници. Ѕидот треба да биде долг повеќе од 800 километри.
Во моментов очекувањата се дека изградбата ќе биде завршена во 2021 година, како дел од предизборните ветувања за втор претседателски мандат во ноември, но за нешто такво, брзината на изградба на ѕидот треба да се удвои во наредните месеци.
Неколку американски експерти веќе рекоа дека боењето на ѕидот нема никаква смисла и дека тоа е непотребен трошок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Калас: Крајот на човечкото страдање во Газа е наш апсолутен приоритет

Крајот на човечкото страдање во Газа е наш апсолутен приоритет, овој циклус на смрт мора да се запре, изјави денес високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
На состанокот меѓу ЕУ и Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив, што се одржа во Кувајт, Калас рече дека мора да се искористи политичкиот моментум од Њујорк, објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
„Ги поддржуваме тековните напори за постигнување прекин на огнот, ослободување на заложниците и воспоставување политичка рамка за мир. Европската Унија е подготвена да придонесе за овој план со сите расположливи средства“, рече Калас.
Според неа, ЕУ е најголемиот хуманитарен донатор во Газа, основа нова Група на донатори за Палестина и останува најголем финансиски поддржувач на Палестинската самоуправа со 1,6 милијарди евра наменети за периодот 2025-2027 година.
ЕУ се обидува да добие улога во преодната влада на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа, изјави Калас пред новинарите на маргините на состанокот. „Да, сметаме дека Европа има важна улога и дека и ние треба да бидеме вклучени во тоа“, рече таа, одговарајќи на прашањето дали ЕУ сака да учествува во Комитетот за мир на Трамп.
„Европската унија е еден од главните донатори на помош за Палестинците и има врски и со Палестинската самоуправа и со Израел, истакна Калас. „Мислам дека Европа не треба да биде само давател на средства, туку и активен учесник“, рече таа.
Калас нагласи дека ЕУ работи на мировен план и соработува со арапските партнери. „Тие разбираат дека е во интерес на сите да бидеме присутни, па се надеваме дека и Израелците ќе се согласат со тоа“, додаде таа.
Фото: принтскрин
Свет
Путин разговараше со Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток

Рускиот претседател Владимир Путин денес разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и конфликтот во Појасот Газа.
„Владимир Путин имаше телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“, објави веб-страницата на Кремљ.
Путин и Нетанјаху разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и во контекст на предложениот план на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на проблемот во Газа.
Путин му го повтори на Нетанјаху цврстиот став на Русија во корист на сеопфатно решение за палестинското прашање врз основа на меѓународното право.
Дополнително, лидерите изразија интерес за наоѓање договорено решение за ситуацијата околу нуклеарната програма на Иран и стабилизирање на ситуацијата во Сирија, пренесува Танјуг.
Путин му го честиташе на израелскиот народ еврејскиот празник Сукот. Нетанјаху му ги изрази своите најдобри желби на рускиот претседател во пресрет на неговиот роденден, на 7 октомври.
Фото: принтскрин
Свет
Холандскиот премиер: Мислиме дека Русите стојат зад упадите со беспилотни летала, но нема докази

Холандскиот премиер Дик Шуф изјави за време на посетата на Киев дека европските земји веруваат дека Русија стои зад бранот мистериозни беспилотни летала низ целиот континент, но дека во моментов нема цврсти докази.
На прашањето на „Киев Индепендент“ дали постои консензус меѓу европските држави за одговорноста, Шуф одговори: „Да, секако. За жал, не можеме да докажеме кој стои зад тоа, но многумина мислат дека се Русите. Но, не можеме да го докажеме тоа“.
Беспилотните летала го нарушија воздушниот простор на најмалку осум европски земји во последните недели – Данска, Литванија, Финска, Естонија, Романија, Германија, Белгија и Холандија.
Неколку аеродроми мораа привремено да го запрат сообраќајот.
„Се надевам дека еден ден ќе можеме да докажеме дали Русите или некој друг стои зад ова. Но, навистина е загрижувачки што тие сега се појавуваат околу нашата инфраструктура, околу нашите аеродроми. Мислам дека треба да ги засилиме безбедносните мерки во тој поглед“, рече Шуф.
Фото: принтскрин