Македонија
Се разгледува можноста за воведување имунолошки пасош за патувања надвор од земјава
Комисијата за заразни болести ја разгледува можноста за воведување имунолошки пасош за нашите граѓани, кои би патувале надвор од земјава, како и за странци, кои би пристигнувале по отворањето на границите. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека засега можноста само се разгледува, а земјите немаат консензус за воведување на имунолошкиот пасош. Во него треба да има податоци за направени негативни тестови на коронавирус за оние што планираат да патуваат.
Министерот Филипче рече дека пред два дена на состанок на Светската здравствена организација се разговарало делумно за имунолошкиот пасош за кој вели дека е актуелно прашање, особено во изминатите неколку дена.
„Имунолошкиот пасош е сè уште на ниво на размислување на одделни земји. Дилемите се кој е тој протокол што ќе се признае како валиден, колку денови направениот тест ќе важи како валиден, колку ќе се комплицира целиот тој процес ако станува збор за краткотрајни патувања на еден или два дена и, на крајот, каква е гаранцијата од земањето на тестот па сè до влегувањето во некоја земја дека некој не се заразил од вирусот. Многу отворени прашања. Ние дискутиравме во рамките на нашата Комисија, засега, во согласност со овие препораки, сметаме дека нема некаква голема вредност во смисла на сигурност, но сме отворени за опцијата и за наши граѓани што би патувале и за странци што треба да дојдат доколку станува збор за пристап на повеќе земји во смисла на регионален пристап или во земји од Европската Унија. За ова прашање сè уште нема некој поширок консензус. Повеќе земји го разгледуваат, вклучително и ние. Засега немаме став“, рече министерот Филипче.
Владата на 14 март донесе одлука, поради коронавирусот, да се затворат сите гранични премини, со исклучок на граничнините премини Богородица, Ќафасан, Табановце, Блаце и Деве Баир. Со оваа одлука затворен беше и аеродромот во Охрид. Два дена подоцна, на 16 март, беше донесена одлука да се затворат сите гранични премини, вклучително и скопскиот аеродром.
За повторното отворање на границите, препорака до Владата треба да даде Комисијата за заразни болести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

