Македонија
Џамиите ќе се отворат на 12 мај

Од 12 мај, Исламската верска заедница ги отвора џамиите за молитви, одлучиле 13 муфтии на чело со реисот Сулејман Реџепи на вчерашниот состанок. Тоа значи дека од вторник, сите верници можат да одат на колективни молитви во џамиите. Тие велат дека одлуката ја донеле, врз основа на фактот што во земјата се намалил бројот на заразени од коронавирусот.
Отворањето на џамиите следува по вчерашната литија одржана во Струга, а организирана од МПЦ, каде стотици верници излегоа на улиците.
„Вреди да се напомене дека во текот на суспензијата на колективните молитви во џамиите, ИВЗ строго ги спроведе препораките на релевантните институции за заштита на здравјето на населението, свесна за последиците. ИВЗ е единствената верска институција во земјава која јавно побара од исламските верници да се придржуваат кон препораките за одржување на здравјето, иако ниту еден од надлежните органи не даде позитивна оценка за нас, туку напротив, некои кругови блиски до Владата постојано ја напаѓаа ИВЗ и лидерот на ИВЗ“, пишува во објавата на ИВЗ.
Одлуката донесена од ИВЗ се применува од нејзиното донесување, информираат оттаму, додавајќи дека се надеваат оти одлуката на Ријасетот ќе наиде на разбирање кај државните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицевски: Со молкот Филипче призна, тој стои зад тепачот Акиов од Кочани

Венко Филипче со денови молчи и не смее да побара оставка од советникот тепач од Кочани, кој повреди вработена во општина Кочани во текот на неговото дивеење на седницата на Советот минатата недела, изјави Јане Мицевски, пратеник и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата тврди дека Акиов е човек од доверба на експремиерот Зоран Заев, а планот Акиов да почне со правење на тензија и ескалација на состојбите во Кочани го дал токму тој, на состанокот со Филипче во Дубаи.
„Филипче само спроведува тоа што Заев му кажал. Венко Филипче не смее да побара оставка од тепачот Акиов затоа што истиот може лесно да каже по чија наредба делувал. Планот на Заев пропадна, Филипче не успеа да ја зоврие состојбата во Кочани до ниво на ескалација. Тоа што Заев и Филипче, не се откажуваат од тепачот Акиов, е јасен знак дека обидите за ескалација во иднина ќе продолжат“, рече Мицевски.
Партијата ги повика сите граѓани и општествено политички чинители, да не наседнуваат на пропаднатите обиди на Заев и Филипче да се спасат политички преку сеење омраза и страв кај народот во Кочани. Се вели дека обидите им се јалови.
Македонија
Филипче: Младите не смеат да ги враќаат долговите од 7 милијарди направени за бизнис интерес на власта

Во обраќање пред младите социјалдемократи, претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја осуди, како што рече, неодговорната и корумпирана власт која ја задолжила Македонија со над 7 милијарди евра, без отчет и без развој.
„Страшно ми е што сите вие, младите, па дури и вашите неродени деца треба да враќаат седум милијарди евра коишто се земени на којзнае каков, на сомнителен начин. Тоа е недозволиво“, рече Филипче.
Тој нагласи дека младите немаат никакви реални можности во сопствената држава, дека системот е нефункционален и дека сè почесто единствен услов за вработување е партиска книшка.
„Целосно неодговорна власт. Ниту има опции, ниту има можности, ниту има какви било индикатори за светла и добра иднина на младите. Единствено нешто што треба да имате е партиска книшка. Тоа значи дека сценариото е – да добиете работа со купена диплома, без полагање англиски, со документ од студиото Јулија од Бугарија. И никому, ама баш никому, око да не му трепне“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
ДУИ: Ја поддржуваме заложбата на САД и нивните сојузници за спречување на ширењето на нуклеарното оружје

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток и ја поддржува координираната заложба на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници за спречување на ширењето на нуклеарното оружје во рацете на авторитарни режими, соопштија од партијата.
„Последните случувања покажуваат дека демократскиот свет не може да стои со скрстени раце пред заканата од нуклеарно вооружен Иран, кој би претставувал директна опасност за глобалната безбедност, мирот во регионот и правата на милиони невини граѓани. ДУИ стои цврсто на страната на евроатлантските вредности: спречување на нуклеарни закани, заштита на мирот и зајакнување на меѓународниот систем заснован на правила и одговорност“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, ова е време кое бара решителност, координација и зрелост.
„ДУИ ја повторува својата посветеност на мирот, колективната безбедност и непоколебливото партнерство со САД, НАТО и Европската Унија“, велат од партијата.