Македонија
Партиите со реакции за новите ауидо-снимки на кои се слуша гласот на Заев
Откако денеска дел од медиумите објавија четири аудио-материјали на кои се слуша гласот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, реакции стигнаа од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, а на социјалните мрежи со коментар се огласи и Заев.
Од владејачкиот СДСМ велат дека бунилото во ВМРО-ДПМНЕ е толку големо што преку нелегални снимки ја водат нивната внетрапартиска пресметка, несвесни дека со тоа прават промоција на политиките на Зоран Заев и СДСМ.
„Во аудио разговорите, претседателот Заев категорично потврдува дека не постојат разговори кои се дадени на никаков Чауш и на никој друг освен на СЈО. Разговорите потврдуваат дека граѓанскиот сектор е најсилниот поддржувач на правдата, на борбата против режимот и концептот едно општество за сите. Тоа се политиките кои ги поддржува граѓанскиот сектор, наспроти политиките на поделби, национализам и криминал и тоа е една од најголемите болки на режимското ДПМНЕ. Конечно, нелегално снимениот разговор покажува дека нема спас за криминалните тајкуни на ВМРО ДПМНЕ и дека одговорност за секој што го прекршил законот ќе има“, велат од СДСМ преку соопштение.
И коментарот на Заев е во насока на тоа дека снимките ги промовираат владините политики. Тој саркастично искоментира дека зад аудио-записите веројатно стој некој од тимот на СДСМ или Владата.
„После внимателно и детално размислување за тоа кој би бил мотивиран да ги пушти овие денешни разговори во јавност, конечно сфатив. Јасно е. Мора да е или Ацко Поповски, шефот на ПР на СДСМ или Марјан Забрчанец, шефот на ПР на Владата. Мора да е некој од нив двајца. Нема кој друг да е мотивиран да пушти вакви разговори во јавност. Тие се задолжени и тие најмногу работат за афирмација на нашите политики и ставови“, напиша Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пишува дека на снимките може да се види дека Заев го пцуе народот, а го контролирал студентското движење.
„Гледаме дека од СДСМ се чудат кој ги пуштил денешниве разговори и тука не можеме да им помогнеме, ама можеме од истите да го препознаеме гласот на нивниот лидер Заев како го пцуе и навредува својот народ. Вредно е да се напомене и дека Заев го контролирал студентското движење чувме што мисли за шарените, но добро е и да знаат Албанците што мисли тој за Али Ахмети. Исто така е добро и да чујат тој извесен Ацко, Костадинов, па и средношколецот Забарчанец како ги пцуе нив и целиот народ. Е тој човек за жал ја води државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку допис до медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Младеновска: Власта тера луксуз и тендери, а крати 3 милиони евра за болните од ретки болести
Додека власта се расфрла со луксуз, брои летови со владиниот авион, патувања на море и милионски тендери, крати пари каде што не смее.
Следни на удар на оваа забегана и корумпирана власт се болните од ретки болести, истакна Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Парите од програмата за ретки болести се скратени за 180 милиони денари, односно околу 3 милиони евра. Нема 3 милиони евра за пациентите, ама има за авион, за 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 74 за трета, има 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ и тендер преку пошта. Нема за плати, нема за земјоделци, нема за болни. И тоа додека бројот на пациенти со ретки болести расте, владата буџетот го намалува.
За Владата, како што рече, тоа можеби е само бројка во табела. Но, за пациентите, според неа, тоа е терапија што може да доцни, лек што може да недостига, третман што може да се прекине.
„Регистарот за ретки болести брои 1.093 пациенти. 240 од нив се деца до 14 години.
Ова не се бројки, туку тажни човечки судбини, дечиња, родители кои собирале пари, оделе од болница во болница, живееле во страв дали терапијата ќе стигне навреме.
За овие семејства секој ден е борба. За нив, здравјето не е политика – туку живот.
Кај ретките болести, доцнењето значи влошување, а понекогаш и неповратна штета“.
Како што оцени, со вакви кратења за 3 милиони евра, Владата директно ги доведува во ризик овие пациенти. Ова е неправда која мора веднаш да се исправи.
СДСМ, додаде таа, бара итно и неодложно зголемување на парите за програмата за ретки болести, најмалку на нивото од минатата година, со дополнителни средства согласно зголемениот број пациенти.
„Време е да се прекине луксузот на власта и да се поддржат најранливите“.
Македонија
Полицаец возел без положен испит за возачка, одземено му е оружјето и упатен е на психијатриски прегед
Одделот за внатрешна контрола поведе постапка против еден полицаец кој возел автомобил без да има положено за возачка. На полицаецот му е одземено оружјето и е упатен на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Ѓ.К. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,безобѕирно управување со моторно возило“.
„Пријавениот Ѓ.К., на работно место „полицаец“ во Одделот за заштита на определени личности и објекти, на 06.02.2026 на ул. „Даме Груев“ во Скопје управувал патничко возило „сеат алтеа“ без положен возачки испит, при што како учесник во јавниот сообраќај без да поседува возачка дозвола за управување со моторно возило не се придржувал до прописите за безбедноста во сообраќајот, со што управувал моторно возило на безобѕирен начин“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Ѓ.К. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муницијата и упатување на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.
Македонија
Андоновски: Дигиталната трансформација мора да стигне до секој граѓанин
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Кочани порача дека дигиталната трансформација мора да се спроведува рамномерно и да стигне до секоја општина и до секој граѓанин, преку конкретни и практични проекти што директно го подобруваат секојдневието.
На промотивниот настан за иницијативата WiFi4WB – WiFi за Западен Балкан, министерот истакна дека целта е да се обезбеди подобра дигитална поврзаност токму таму каде што граѓаните секојдневно се движат, учат, работат и се дружат – во јавни простори како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции.
„Кога бев тука претходно, зборувавме за потребата Кочани да добие бесплатни интернет зони и јасно кажавме дека овој регион ќе биде меѓу нашите приоритети. Денес со поддршка од нашите пријатели тоа го претвараме во дела. Она што го ветивме – како и многу пати досега – го испорачуваме. Со иницијативата WiFi4WB обезбедуваме бесплатен јавен Wi-Fi во 64 општини низ државата. Тоа значи бесплатен интернет пристап во јавни простори – плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции – каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност£.
Министерот посочи дека ваквите проекти се дел од пошироката заложба на институциите дигиталните услуги и можности да бидат подеднакво достапни, без разлика дали граѓаните живеат во Скопје или во помалите општини.
Во рамки на настанот се обратија и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, претставници на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Македонски Телеком. Беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ГИЗ и Општина Кочани, по што следеше и официјално активирање на WiFi мрежата.
Андоновски најави дека наскоро Кочани ќе добие нов Центар за услуги и дека Министерството продолжува со активности и проекти што ќе ја забрзаат дигиталната трансформација на локално ниво, со фокус на реални придобивки за граѓаните и општините низ целата држава.

