Регион
Повторно заменети пациенти, директорот на болницата во Сплит поднесе оставка
Директорот на Клиничкиот болнички центар во Сплит, проф. д-р Јулије Мештровиќ, поднесе оставка кога дозна за уште еден случај на замена на идентитетот на пациентите.
Првиот случај бил на 2 мај кога во Клиничката болница во Сплит била задржана здрава корисничка на Сплитскиот дом за стари лица од улицата Вуковарска, а старица позитивна на коронавирусот била вратена во домот.
За среќа, не дошло до посериозни последици затоа што конфузијата била откриена пред контакт со други станари на домот.
Случајот за кој директорот на КБЦ во Сплит поднел оставка до министерот за здравство, Вили Берош, почнал на 10-11 април.
Во тие денови во Клиничкиот болнички центар во Сплит, во речиси исто време, биле примени две стари жени од два старски дома и, колку што е познато, тогаш дошло до замена на нивните идентитети.
И двете жени биле во таква здравствена состојба што имале тешкотии во комуникацијата со вработените во болницата, така што не се одѕивале на своето име.
Нивните дијагнози биле правилно спроведени, но цело време под погрешно име.
Една од двете пациентки починала, а бидејќи немала блиско семејство, била погребана во присуство на својот внук, адвокат од Загреб.
Поради епидемијата на коронавирус, ковчегот не бил отворен пред погребот, па погребувањето поминало навидум сосема нормално.
Она што навистина се случило е откриено подоцна кога здравствените работници сакале да ја вратат другата старица во старскиот дом во кој престојувала.
Работниците во домот веднаш забележале дека станува збор за друго лице, а не за нивната штитеничка.
Штом дознал што се случило, Мештровиќ го повикал министерот Берос, си дал оставка и веднаш почнала внатрешна истрага за случајот.
Потоа тој го посетил семејството на старицата, која всушност починала, и лично им кажал што се случило.
Иако Мештровиќ поднесе оставка лично до министерот, тој мора да биде разрешен од Управниот одбор на КБЦ во Сплит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кси слета во Србија: Претседателот на Кина пречекан од Вучиќ и државниот врв
Заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и првата дама, кинескиот претседател Кси Џинпинг беше пречекан на црвениот тепих од српската делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, српската амбасадорка во Кина Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград Ли Минг со сопругата.
Свечениот пречек на кинеската делегација која брои 400 лица е закажан за в среда пред палатата „Србија“.
Домаќин на претседателот Кси Џинпинг ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, а двајцата лидери ќе разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.
За време на дводневната посета на Кси Џинпинг на Србија, планирано е да се потпишат над 30 договори.
Беше организиран и свечен ручек на кој кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик, која ќе заврши со песната „Ова е Србија“.
Поради доаѓањето на кинескиот претседател преземени се големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја обезбедуваат 3.400 полицајци.
Регион
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции, изјави министерот за одбрана Ејуп Македончи.
„Група руски хакери извршија сајбер-напад на Косово како одмазда за мојата изјава за поддршка на Украина“, изјави Македончи.
Во текстот на руските хакери се споменува говорот на тој косовски министер кој, според нив, рекол дека „Косово е подготвено да и понуди воена помош на Украина“.
„Косово е подготвено да ги здружи колективните напори за поддршка на одбраната на Украина. Треба повеќе да размислат за ова“ – напишаа хакерите на руски, спомнувајќи го министерот Македончи.
Министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала објави дека „Русија врши хибриден напад на Косово“.
Гервала на мрежата „Х“ изјави дека „рускиот хибриден напад на Косово“ доаѓа по најавата за поддршка на Косово за Украина со воена опрема.
Регион
Александар Вулин: Пријателството меѓу Србија и Кина е челик затоа што го ковавме во оган
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на промоцијата на културната размена меѓу Кина и Србија на тема „Што ги делат планините и реките, пријателството обединува“, изјави дека пријателството меѓу двете земји е челик бидејќи е ковано во оган и дека Србија и Кина се разделени за многу работи, но најважното ги обединува, а тоа е одлуката на две држави да бидат слободни.
„Пријателството на нашите лидери, претседателот Вучиќ и претседателот Си Џинпинг, не обврзува да сториме сè, исто како нив, за нашите народи да бидат поблиски отколку што нè прави блиски географијата или историјата. Србите и Кинезите ги дели сè, ние сме различни во сè, но нас нè обединува она најважното – нашата одлука да бидеме слободни, нашата посветеност на најважната карактеристика на народите и луѓето – слободата“, рече Вулин на настан организиран од China Media Group.