Македонија
Засега нема скратување на полицискиот час

Засега немаме стриктна препорака за дополнително скратување на полицискиот час, рече министерот за здравство, Венко Филипче, кој не ја исклучи можноста дополнително да се дискутира на владината седница и за тоа.
„Ја следиме состојбата. Доколку треба, ќе го предложиме тоа до Владата, но засега не“, рече Филипче.
Тој рече дека во контекст на скринингот на населението, од утре ќе почне тестирањето на коронавирусот на вработените во градинките. Станува збор за речиси 2.000 вработени во градинките за кои Филипче очекува дека може да бидат тестирани за една недела.
„Пред нас е еден мирен период, видливи се резултатите од рестрикциите, така што сите овие мерки што досега беа во сила ги дадоа овие резултати. Пред нас е период што може да се менаџира од страна на здравствениот систем. Има мали варијации во изминатите неколку дена, но сите тие се поврзани со одредени настани“.
Тој рече дека во последните денови имало зголемување на случаите на Ковид-19 поради поврзани настани. Па, така, на пример, еден кластер е од погреб, кој бил одржан во Тетово, а другите случаи од Скопје биле поврзани со семеен настан, кој бил одржан во околината на Скопје.
Министерот за здравство наброја повеќе причини што довеле до сегашната состојба на намалувањето на интензитетот на коронавирусот, а и повеќе фактори поради кои може да се очекува дека вирусот е ставенот под контрола.
Силно изразените посткарантински ефекти кога беше ограничено движењето, затворењето на границите, случаите со локална трансмисија. Фактот што белодробните епидемии најчесто траат 8-12 недели, а кај нас е 11-та недела. Очекувањата се дека високите температури ќе придонесат да се намали преносот.
„Може да бидете спокојни дека сите досегашни мерки ги носевме врз основа на стручни медицински анализи, кои очигледно дадоа резултат. Уште еднаш апелирам да се почитуваат трите клучни препораки – држење дистанца, носење маска и редовна дезинфекција на рацете. Во согласност со нашите трендови, се очекува стабилизација на ширењето на вирусот, но свесни сме дека целосно исчезнување на вирусот тешко е да се очекува“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Да не дозволиме СДСМ да биде влада во Македонија, зошто секогаш кога се власт се случуваат грешки како прифаќањето на бугарскиот ултиматум

На денешниот народен митинг во Новаци во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека политичкиот противник, СДСМ оваа кампања ја започна невообичаено наспроти сите теории и практики во кампања, од прв ден со црна кампања, со монтажи, со спинови, со дефокус и со напади, најчесто против него и неговото семејство, додавајќи дека и нема што да се очекува од луѓе што нема што да кажат.
Мицкоски посочи дека ако не е црната кампања тие нема за што да зборуваат, затоа што тие од нивното време не оставиле ништо вредно, освен криминал и корупција, а потоа се сетија да го извадат слоганот дека се бореле за нивниот дом.
„Но имам јас една дилема која би сакал пред вас да ја соопштам. А, тоа е за кој дом? За хациендите на Халкидики, за хациендите во Дубаи или за јахтите коишто ги гледавме ова лето. За кој дом зборуваат? Затоа што тие имаа можност да се борат за домот седум години, а тие го опустошија и го распродадоа домот и во секоја смисла на зборот, го понижија македонскиот народ. Да не дозволиме тоа повторно да се случи“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека секогаш кога Социјалдемократскиот сојуз бил на власт се случувале грешки, како на пример временото име и последно, прифаќањето на ултиматумот од Бугарија.
„Затоа што, сетете се во минатото, СДСМ кога бил влада во Македонија, секогаш се случувале историски грешки. Вратете се назад од она времено име па се до прифаќањето на бугарскиот ултиматум. Да не дозволиме овие луѓе никогаш повеќе да бидат дел од македонската Влада, а тоа можеме да го направиме и потврдиме овие локални избори на 19 октомври. Ве повикувам масовно да излеземе и да испратиме силна порака како никогаш до сега“, повика Мицкоски.
Македонија
Поради снег и паднати дрва, во прекин сообраќајот на патот Никфорово – Леуново

Сообраќајот на регионалниот пат Никфорово – Леуново е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловозот, се интервенира за негово расчистување, соопшти АМСМ:
Сообраќајот на регионалниот патен правец Бунец – Леуново од 17.00 часот е нормализиран.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди , утринските температури ниски, дневната до 15 степени

Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во недела утрото ќе биде ведро и студено со ниски утрински температури, кои наместа ќе се спуштат под нула степени. Во текот на денот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност, која кон крајот на денот ќе се зголемува. Во текот на ноќта и во понеделник ќе има повремени локални врнежи од дожд. До среда ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите ќе се задржат под просекот за овој период од годината.