Македонија
Премиерот Спасовски треба да сведочи за „27 април“
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, денеска треба да се појави во Основниот кривичен суд во Скопје како сведок во предметот за организаторите на 27 април. Спасовски е повикан да сведочи за настаните во Собранието на 27 април 2017 кога тој беше пратеник. Покрај премиерот, за денешното рочиште е планиран уште еден сведок.
Обвинети во овој случај се тогашниот претседател на законодавниот дом, Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавач од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата со обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе им бидат достапни на органите.
Ова е второ сведочење на Спасовски, кој беше повикан во судот како сведок за најмасовниот предмет поврзан со крвавиот четврток, во кој имаше 33 обвинети, од кои 15 добија амнестија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Учество на министерот Муцунски на конференцијата „Медитерански дијалог“ во Рим
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во работна посета на Рим, Италија, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе учествува на 10-то издание на годишната конференција „Медитерански дијалог“ (Rome MED Dialogues), каде ќе има обраќање на панелот под наслов „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“.
Дополнително, на маргините на конференцијата министерот Муцунски ќе се сретне со својот египетски колега – министерот за надворешни работи, Бадр Абделату и со сенаторот Џулио Терци ди Сант’Агата.
Македонија
Утрото студено, преку денот сончево со слаб ветер
Утрото ќе биде ведро и студено, по одделни котлини со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде претежно сончево со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -11 до -3, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје утрото студено, во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во следните денови времето ќе биде стабилно и претежно тивко со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и пониска дневна температура. Во петок кон крајот на денот се очекуваат повремени врнежи од дожд.
Скопје
Без струја делови од Аеродром и Гази Баба
Од ЕВН Македонија добиено е известување дека поради планирани зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· Од 08:30 до 12:30 часот корисниците од дел од булеварот 3та Македонска Бригада – кај ресторан Дион во општина Аеродром;
· Од 08:30 до 11:00 часот корисниците од дел од улицата Гемиџиска во општина Гази Баба.