Црна хроника
Приведен дилер на дрога во Струшко
Полицијата уапси 49-годишен жител на село Заграчани, Струга, осомничен за продажба на марихуана, која ја набавил од Албанија. Со одлука на судот определена му е мерка притвор од 30 дена.
Според информациите на МВР, по спроведена истрага во врска со реализиран случај на недозволена трговија со марихуана, во кој беше запленета дрога од пет килограми, на 11 мај поднесена е кривична пријава против Ф. Д. (55) од Албанија и З. А. (48) од Струга поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во текот на ноември лани Ф. Д. извршил неовластена набавка и транспорт на марихуана од територијата на Албанија во Северна Македонија, која З. А. ја чувал во семејната куќа во село Заграчани со цел понатамошна продажба.
Притоа, Ф. Д. и З. А. се сретнале во семејната куќа на З. А., каде што било извршено предавањето на марихуаната и ја презел Р. А., кој ја сместил во автомобил „опел корса“ по што се упатил во правец на Кичево. Од полициски службеници било сопрено возилото управувано од Р. А. и по извршен преглед на возилото, во предниот дел на подот пред совозачкото седиште пронајдени биле пет најлонски пакувања со марихуана.
По извршеното вештачење, било утврдено дека се работи за вкупна нето-маса од 5.019,6 грама марихуана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена од Битолско ранетa со воздушна пушка додека работела на нива
Жителка на село Долно Српци, во битолскиот регион, завршила во болница со повреда од воздушна пушка додека работела на нива.
Според информациите од полицијата, во четвртокот околу 15:30 часот, во Клиничката болница во Битола била примена 54-годишната Д.М. со повреда во пределот на главата. Таа им објаснила на полицајците дека додека работела на нива помеѓу селата Долно Српци и Вашарејца, слушнала звук налик на истрел, по што почувствувала болка и забележала дека е повредена.
Увидна екипа на СВР Битола извршила увид на местото и потврдила дека повредата најверојатно потекнува од воздушна пушка.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителот.
Црна хроника
Неготинец снимил и објавил навредливо видео, реагирале над 100 жители на Криволак
Полицијата во Неготино поднесе кривична пријава против 67-годишен жител на градот, осомничен дека на социјалните мрежи објавувал расистички и ксенофобични содржини.
Како што соопшти полицијата, Љ.Т. на 20 октомври годинава, преку својот личен профил и уште еден профил што го администрирал, објавил видео во кое користел погрдни и навредливи изрази за жители на селото Криволак. Во снимката, според пријавата, тој повикувал на дискриминација и ускратување на избирачкото право на група граѓани по етничка основа.
Ден подоцна, во полицијата во Неготино биле поднесени три пријави против него, а на 24 октомври дополнително реагирале и 107 жители на Криволак, кои писмено пријавиле дека видеото содржи навреди и невистини на национална основа поврзани со изборниот процес.
Осомничениот се товари за кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, а пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство во Кавадарци.
Црна хроника
Охриѓанец уапсен со оружје, муниција и 488 стебла канабис
Полициските службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид го уапсиле 48-годишниот Г.М. од селото Подмољје, поради сомнение за нелегално поседување оружје, муниција и наркотични растенија.
При претрес во поранешен угостителски објект во селото Мешеишта, општина Дебрца, кој го користел уапсениот, полицијата пронашла и одзела 1.357 парчиња муниција од различен калибар, 488 стебла од растението канабис, еден сандак со куршуми калибар 7,62 милиметри, два стари револвери, еден пиштол „VZOR“ калибар 7,65 милиметри, две автоматски пушки, како и делови од рачна бомба, тромблонски држач, пакување со црна грутчеста материја и ќеса со кафеава прашкаста материја.
Предметите биле одземени, а лицето е задржано во полициската станица во Охрид. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

