Македонија
Цветанка Симоновска е избрана за нов претседател на Советот на Општина Центар
На 46. седница на Советот на Општина Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ и советниците, со 14 гласа „за“, 2 „против“ и 4 „воздржани“ го донесоа решението за престанок на мандатот на Јана Белчева-Андреевска на функцијата претседател на Советот на Општина Центар. За нов претседател на Советот е избрана Цветанка Симоновска како еден од најистакнатте советници од советничката група на СДСМ во Советот, дипломиран инжинер архитект и универзитетски професор во пензија.
„Ѝ честитам за изборот на новата претседателка на Советот на Општина Центар од редот на советниците, Цветанка Симоновска. На досегашната претседателка Јана Белчева-Андреевска ѝ посакувам среќа во понатамошното дејствување, а на новата претседателка ѝ посакувам успех во претседавањето со Советот и многу успешни проекти и ефикасност при работењето за Центар да го направиме поубаво и подобро место за живеење на сите нас“, изјави градоначалникот Богдановиќ.
На денешната седница на Советот на Општина Центар изгласана е одлуката за дополнително користење грант-средства од Меѓународната банка за обнова и развој (Светската банка) за Проектот за подобрување на општинските услуги.
Во членот 1 од самата одлука наведени се средства од 3.459.546 денари, кои Општината ќе ги искористи за доопремување на објектот „Пепелашка“, клон на градинката „Кочо Рацин“. Покрај обезбедените средства, Општина Центар ќе учествува со сопствени средства од општинскиот буџет за 2020 година со вкупен износ од 224.768 денари.
„Целиот овој грант и обезбедувањето дополнителни финансиски средства се должат на успешната реализација на Општина Центар за реконструкција на новиот објект – детската градинка ‘Пепелашка’, како и реконструкцијата на водоводната мрежа на улицата Титовелешка во Маџир Маало и нивна навремена реализација според дадениот рок од страна на Светската банка и Министерството за финансии на Република Северна Македонија“, додаде Богдановиќ.
Врз основа на сето ова, Општина Центар ќе потпише меморандум за соработка со ЈП „Водовод и канализација“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

