Црна хроника
Запленето досега најголемо количество марихуана вредна околу три милиона евра
Македонската полиција во понеделникот заплени повеќе од половина тон марихуана на граничниот премин Ќафасан, вредна околу три милиона евра.
Висококвалитетната марихуана запленета во полициската акција „Заседа“ била најдена во камион натоварен со 25.200 килограми цемент од цементарница од албанскиот град Елбасан.
Дрогата била скриена во специјално изработен бункер во предниот дел, каде биле најдени 511 пакувања облепени со широка проѕирна селотејп лента. Вкупната тежина изнесува 540 килограми.
Според првичните претпоставки, педесетгодишниот возач на камионот, Драган Стојановски дрогата ја набавил од засега непознати лица од Албанија и требало да ја транспортира во западноевропските земји.
Возачот во полициска станица не кажал детали за случајот и не открил кој и каде помогнал да биде натоварен камионот.
Единствено рекол дека камионот го оставил на лица кои не ги познавал, а откако го натовариле само го презел камионот.
Против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” .
Осомничениот возач досега не учествувал во вакви кривични дела, во полиција бил пријавуван за имотни деликти.
Вештачењето покажало дека станува збор за 513 килограми висококвалитетна марихуана, на нарко пазарот позната како „Сканк“.
„Од она што го покажаа првичните проверки на квалитетот се работи за високо квалитетна дрога којашто на пазарот достигнува највисока цена за ваков тип на наркотични средства. Тоа е само делот од растението кое има највисока токсична вредност“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Ова е најголемата заплена на марихуана досега во Македонија. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Кој да ја плати сметката-тепачка во скопска кафеана
Синоќа околу 21.45 часот во угостителски објект на подрачјето на Карпош во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода М.Н.(34), С.А.(46) и С.С.(54), тројцата од Скопје и Б.Ј.(34) од Крива Паланка.
Тие се сомничат дека околу 19.40 часот со уште неколку лица, во и пред угостителскиот објект, поради недоразбирање околу плаќање на сметка во објектот, физички ги нападнале В.Р.(45), Ј.Д.(44) и Б.П.(40), сите од Скопје.
Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Скопјанки се степале на паркинг поради недоразбирање во сообраќајот
Вчера околу 08.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.Т.Д.(53) и Х.П.(51), двете од Скопје.
Според полицијата, по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Охриѓанец измамен поради биткоини за сума од над 700.000 денари
На 26.11.2024 во 11.00 часот во СВР Охрид, 54– годишник од Охрид пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од околу 730.000 денари.
Според пријавеното, лицето му се јавило на 15.11.2024 и се претставило како претставник на фирма која работи со биткоини и дека е добитник на 15.000 долари како нивен корисник, а потоа му кажало дека за да ги подигне ќе треба да инсталира апликација преку која ќе се изврши наплатата, но дека прво ќе треба да изврши уплата на одредена сума на пари.
Како што е пријавено, во два наврати тој ги уплатил парите, за што подигнал и брз кредит од финансиско друштво.
Исто така, според пријавеното, на 24.11.2024 им пишал на нивната електронска адреса со барање за информација кога ќе ги добие парите, а откако го известиле дека биле заглавени во Народна банка, пишал и на официјалната електронска адреса на банката, од каде што добил известување дека тие не се нивни уплатници и дека најверојатно се работи за измама.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.