Економија
Во август викенд без ДДВ, ќе може да го користат само оние што имаат апликација „Мој ДДВ“
Кон крајот на август или почетокот на септември се планира да биде најавениот викенд без ДДВ, мерка за помош на економијата, која вчера ја најави техничкиот премиер Оливер Спасовски. Фатмир Битиќи, советник на премиерот, вели дека очекуваат оваа мерка да се спроведе во услови кога ќе спласне епидемијата за да се избегнат евентуални негативни последици. Мерката предвидува еден викенд граѓаните да може да купат гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги, без ДДВ, по пониски цени.
„Ова е мерка што се предвидува да се реализира кон крајот на август или почетокот на септември, со очекувањето дека ефектите од коронавирусот и пандемијата ќе спласнат и ќе се создадат услови за непречено функционирање на општеството и во таа смисла не сметаме дека евентуалното групирање на луѓете ќе предизвика бран негативни ефекти. Секако дека ако во тој период има препораки за негрупирање, ќе се види кога е погодниот момент за тоа да се реализира. Нема да креираме мерка што ќе ги загрози животите на граѓаните“, рече Битиќи.
За да се спречат даночни злоупотреби од компаниите опфатени со оваа мерка, без ДДВ ќе може да купуваат само корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“. Советникот Битиќи вели дека ова ограничување нема да дозволи компаниите да го пријават во тој викенд прометот без ДДВ што би го направиле претходно.
„Ова не е ништо ново, не е нова активност што не е направена и во други земји. За начинот како ќе се реализира, посочуваме дека е само за корисниците на апликацијата ’Мој ДДВ’. Само тие ќе може да учествуваат и само продуктите што ќе се продадат исклучиво тој ден и за нив ќе има фискална сметка, влегуваат во овој пакет-викенд без ДДВ. Сите евентуални можности за кои секако и ние размислуваме и ги согледуваме во соработка со стопанските комори и со јавните институции одговорни за следење на стопанството, се земаат предвид и сметам дека можноста за евентуално негативна употреба и злоупотреба ќе биде минимална“, објасни Битиќи.
Владата очекува воведувањето на викендот без ДДВ за сите граѓани да ги поттикне потрошувачката и растот на приходите кај домашните производствени и продажни капацитети.
„Се очекува преку оваа мерка 20 милиони евра да се слеат во стопанството. Мерките, покрај зацелување, имаат цел економијата да ја трансформираат и модернизираат. Одлучивме дека оваа здравствена и финансиска криза нема да ја гледаме само како проблем и ризик, туку, пред сè, како нова можност за нова развојна економија за структурни промени и раст“, рече Битиќи.
Бранимир Јовановиќ, советник на поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски, вчера, веднаш по објавувањето на мерката, предупреди дека со оваа мерка ќе има групирање луѓе, дека од неа ќе имаат поголема корист богатите и дека ќе придонесе за даночна евазија. Нагласи дека и тој како советник на министерот ја разгледувал мерката, но утврдиле дека е неприменлива, па ја повика Владата и овој пат да се откаже од неа и да ја повлече.
Викенд без ДДВ е само една од третиот сет мерки за помош на економијата за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина
Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.
Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.
Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.
Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.
Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.
(ПР)
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)

