Свет
Ковид-19 убива 20 пати повеќе луѓе неделно отколку грипот
Ако постоеше сомневање дека новиот коронавирус не е само силен грип, новата научна студија го отфрли и тој мит. Авторите на студијата откриле дека имало речиси 20 пати повеќе смртни случаи неделно од Ковид-19 во САД отколку од грипот во најсмртоносната недела од просечната сезона на грип, пренесува livescience.com.
„Додека некои официјални лица ќе речат дека САРС-КоВ-2 е само уште еден грип, не е точно“, се вели во трудот на научниците од Медицинскиот факултет на „Харвард“ и Универзитетот „Емори“, објавен во престижното американско списание „JАМА интернешнл медицин“.
Бидејќи бил откриен новиот коронавирус на почетокот на јануари, луѓето го споредувале со грипот нагласувајќи дека грипот убива десетици илјади луѓе секоја година само во САД. И, навистина, Центрите за контрола и спречување болести( ЦДЦ) проценуваат дека од октомври 2019 година до април 2020 година 62.000 луѓе починале од грип во Соединетите Амњрикански Држави.
На прв поглед оваа бројка може да изгледа слична на последиците од Ковид-19, кој однесе 65.000 животи во САД до почетокот на мај, а повеќе од 90.000 луѓе починаа во меѓувреме. Но, тоа не одговара на она со што медицинските служби се соочуваат во секојдневната борба против пандемијата, особено во области како Њујорк, каде што има недостиг на респиратори и многу болници се преоптоварени, се вели во студијата.
Оваа споредба е погрешна затоа што процените на ЦДЦ за смртноста од грип сепак се само процени, а не сурови бројки. ЦДЦ не знае точно колку луѓе во САД се разболуваат или умираат од грип секоја година. Тој број се проценува врз основа на податоците за хоспитализација во 13 држави. Од друга страна, пријавените смртни случаи на Ковид-19 се всушност реалниот број луѓе што починале од болеста, а не процена. Со други зборови, споредбата на проценетата смртност од грипот со точниот број смртни случаи на Ковид-19 е всушност споредба на круши и јаболка, сметаат авторите на студијата.
Затоа, во една нова студија истражувачите го разгледале бројот на потврдени смртни случаи од грип неделно и ја споредувале со бројот на потврдени смртни случаи на Ковид-19. Врз основа на смртовниците, се покажа дека во најсмртоносната недела од сезоната на грип во последните години бројот на починати во САД варира од 351 во сезоната 2015/2016 до 1.626 во сезоната 2017/2018 година. Во просек неделно умирале 752 луѓе за време на шпицот на сезоната на грип од 2013 до 2020 година.
За споредба, во неделата што завршува на 21 април и која беше најсмртоносната во САД досега, од пандемијата на Ковид-19 починале 15.455 луѓе. Тоа значи дека бројот на смртни случаи на Ковид-19 во таа недела бил од 10 до 40 пати поголем отколку во текот на најсмртоносната недела во последните седум сезони на грип. Авторите забележаа дека неделниот врв на смртност од Ковид-19 е речсиси 20 пати поголем од неделниот врв на смртност од грип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.
Свет
Четири американски воени бази на Блискиот Исток нападнати од Иран
Иранската војска вели дека започнала напади врз четири американски воени локалитети во Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати како одмазда за заедничките напади на САД и Израел низ Иран.
Целите вклучувале воздухопловната база Ал Удеид во Катар, воздухопловната база Ал Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати, како и американската поморска флота во Бахреин, според иранската новинска агенција Фарс.
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека ракетите биле насочени кон земјата и биле соборени од катарската воздушна одбрана. Сведоци изјавија дека слушнале експлозии во главниот град на Катар, Доха. Претходно во текот на денот, Министерството за внатрешни работи на Катар соопшти дека земјата е „безбедна“, но внимателно ја следи ситуацијата по нападите на САД и Израел врз Иран.
„Ситуацијата во Катар е стабилна и безбедна и во моментов нема индикации што предизвикуваат загриженост за внатрешната безбедност“, соопшти Министерството.
Извор рече дека дел од персоналот на американската воздухопловна база во Катар бил евакуиран по нападите на Израел и САД врз Иран.
Во Кувајт беа вклучени сирени за воздушен напад, каде што се слушнале силни експлозии. Во Кувајт се наоѓа седиштето на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).
Во исто време, државната новинска агенција на Кувајт објави дека кувајтската армија пресретнала ракети во нејзиниот воздушен простор.
Претходно денеска, иранската државна телевизија официјално објави дека како одговор на заедничките напади на САД и Израел, силите на Техеран извршија ракетен напад врз седиштето на Петтата флота на САД во главниот град на Бахреин – Манама.
Силни експлозии одекнаа и во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати. Државната агенција на ОАЕ објави дека земјата делумно и привремено го затворила својот воздушен простор.
„Овој напад е грубо кршење на националниот суверенитет и меѓународното право, а ОАЕ го задржува правото да одговори на ескалацијата“, се вели во соопштението на ОАЕ.
Амбасадата на САД во ОАЕ, како и дипломатските мисии на САД во Катар и Бахреин, воведе режим на изолација за сите свои вработени и ги повика сите граѓани на САД на територијата на арапската земја да се самоизолираат до понатамошно известување.
Според медиуми, силни експлозии одекнле и во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Сирија затвори дел од својот воздушен простор на југот од земјата, во близина на израелската граница.
САД и Израел почнаа да напаѓаат локалитети низ Иран денеска, вклучително и во главниот град Техеран, бидејќи тензиите меѓу земјите прераснаа во отворен конфликт. Иранските сили, исто така, лансираа бран ракети кон Израел.

