Свет
„Њујорк тајмс“ одбил да објави руска компаративна статистика на смртните случаи од Ковид-19
Амбасадата на Русија во САД го обвини „Њујорк тајмс“ дека одбил да објави споредба на стапката на смртност од Ковид-19 во Москва, Лондон и во Њујорк кога претходно ја обвини Русија дека не известува за стапката на смртност од оваа болест, пренесува РТ.
На 11 мај „Њујорк тајмс“ објави статија во која се тврди дека ја решиле мистеријата за релативно пониската стапка на смртност од Ковид-19 во Русија, што е под светскиот просек.
Наведувајќи ја официјалната статистика, весникот истакна дека бројот на смртни случаи во Москва во април го надминал петгодишниот просек за истиот период за повеќе од 1.700 случаи заедно со официјалниот број на жртви на Ковид-19 во градот, само 642 во тоа време, со ова обвиненувајќи ги руските власти дека пријавуваат значително помалку случаи.
Во понеделникот весникот објави писмо од највисокиот службеник во здравството на Москва, Алексеј Хрипун, во кое се вели дека бројките не ја откриваат причината за смртта и варираат многу за секој случај додавајќи дека во руската престолнина имало 11.846 смртни случаи во април, зголемување од 1.841 во однос на април 2019 година, но за 985 во споредба со истиот месец во 2018 година. Исто така, 639 од смртните случаи во април 2020 година се последица на Ковид-19.
„Вршиме обдукција во секој случај и затоа сме сигурни во точноста на нашите податоци. Зголемувањето на стапката на смртност е нормално со зголемувањето на акутните респираторни вирусни инфекции, кои ги влошуваат основните заболувања. Но, дури и ако сите дополнителни смртни случаи за април во Москва му се припишат на коронавирусот, стапката на смртност во Москва од Ковид-19 би била пониска од стапките во Њујорк и Лондон“, рече Хрипун.

Руската амбасада во САД тврди дека „Њујорк тајмс“ одбил да ја објави компаративната статистика за да го илустрира ставот на Хрипун. На својата страница на „Фејсбук“ таа објави дека била цензурирана тажната споредбена статистика за Москва, Њујорк и Лондон.
Москва постојано ги критикува западните медиуми за нивното неточно покривање на борбата на Русија против пандемијата на Ковид-19 и бидејќи ги обвинувааат надлежните органи за пријавување помал број жртви, без да дадат доволно докази.
Претходно месецов, „Блумберг њуз“ објави сторија со наслов „Експертите сакаат да знаат зошто коронавирусот не уби повеќе Руси“. Насловот бргу предизвика реакција на интернет и беше оценет како ужасен од портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
По предизвиканиот гнев, „Блумберг“ го смени насловот во „Експертите прашуваат зошто коронавирусот не уби повеќе Руси“, а подоцна и во „Експертите се сомневаат во руските податоци за смртноста од Ковид-19“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: САД ги притискаат Русија и Украина да ја прекинат војната пред летото
САД сакаат Москва и Киев да најдат решение за тоа како да се стави крај на војната во Украина пред летото, изјави претседателот Володимир Зеленски. Неговата изјава ја пренесе „Ројтерс“.
Во изјава за новинарите објавена од неговиот кабинет денес откога Украина и Русија одржаа дводневни разговори со посредство на САД во Абу Даби оваа недела, Зеленски рече дека Вашингтон предложил разговори во Мајами за една недела и дека Киев се согласил со тоа.
Зеленски, исто така, ја критикуваше Русија поради нападот врз украинските енергетски постројки извршен преку ноќ, велејќи во коментарите објавени на „X“ дека на Москва мора да ѝ се одземе можноста да го користи студеното зимско време како средство за влијание против Киев.
Фото:Депоситотос
Свет
Франција ги истражува поранешниот министер за култура и неговата ќерка за измама поврзана со Епштајн
Француските финансиски обвинители соопштија дека отвориле истрага против поранешниот министер за култура Џек Ланг и неговата ќерка Каролин Ланг под сомнение за „перење пари поврзано со сериозна даночна измама“ во случај поврзан со починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија француските медиуми.
Се зголемува притисокот врз Ланг да поднесе оставка од функцијата претседател на Институтот за арапски свет во Париз, откако документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела покажаа дека Епштајн и Ланг повремено се допишувале помеѓу 2012 година и смртта на Епштајн во затвор во 2019 година.
Француските медиуми, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Ле Фигаро“ и „Медиапарт“, објавија дека прелиминарната истрага е отворена откако документите на Министерството за правда на САД открија години преписка и финансиски врски меѓу Ланг и Епштајн, вклучително и оние во странство.
Канцеларијата ја потврди истрагата, но не даде дополнителни детали.
Џек Ланг, кој негира какво било кривично дело, е повикан на сослушување од Министерството за надворешни работи, надзорниот орган на Институтот за арапски свет, културна и истражувачка институција која промовира разбирање на арапскиот свет.
„Џек Ланг беше државен министер, тој ќе донесе одлука со чиста совест“, изјави неговиот адвокат Лоран Мерле за француските медиуми, одговарајќи на повиците Ланг да ја напушти институцијата.
Името на Ланг се појавува повеќе од 600 пати во досиејата на Епштајн, според прегледот на документите од страна на Ројтерс.
Пред шест дена, ќерката на Ланг, Каролина, поднесе оставка од функцијата раководител на Францускиот синдикат на независни продукции откако се открија нејзините врски со Епштајн. Ланг вели дека тоа е неправда
„Џек Ланг верува дека презентирањето на фактите е многу неправедно, но тој е борец и ќе ги даде сите потребни објаснувања на неговото надзорно тело и на судовите за да докаже дека не бил вмешан во никакво недолично однесување или кривично дело што може да му се припише“, рече неговиот адвокат.
„Немаше трансфер на средства… Но, мислам дека е нормално судијата да сака да го испита тоа“, рече тој, додавајќи дека се надева оти обвинителот ќе дејствува брзо.
Објавувањето на документите ја интензивираше истрагата за глобалните врски на Епштајн со јавни личности, вклучувајќи го Британецот Ендрју Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс, и Питер Манделсон, поранешниот британски амбасадор во Соединетите Држави.
Фото:ЕПА
Свет
Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зелениски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина, но без учество на Киев. Тој тоа го изјави на брифинг за новинари вчера, во време на засилени дипломатски активности насочени кон завршување на војната, при што веќе следната недела се очекува можено продолжение на трилатералните преговори помеѓу Украина, САД и Русија, веројатно на американска територија, пишува „Киев индипендент“.
„Со оглед на потенцијалните ризици, украинската делегација го пренесе ставот дека, ако и дојде до билатерални договори меѓу Русија и САД, одредбите што се однесуваат на Украина не смеат да бидат во спротивност со нашиот устав“, рече Зеленски, алудирајќи на територијални прашања.
Тој нагласи дека Киев добива сигнали за можно потпишување на билатерални документи помеѓу Вашингтон и Москва, вклучувајќи ги и оние за економска соработка.
Зеленски додаде дека Украина нема целосен увид во сите можни деловни аранжмани, но дека некои детали протекле низ разузнавачките канали. Како пример тој го наведе таканаречениот „Дмитриев пакет“, кој во САД наводно го претставил рускиот преговарач Кирил Дмитриев.
„Разузнавачите ми го покажаа таканаречениот ‚Дмитриев пакет‘ претставен во САД – вреди околу 12 трилиони долари“, рече Зеленски, опишувајќи го како предлог за обемна економска соработка меѓу двете земји. Тој додаде дека Киев забележал и знаци дека потенцијалните американско-руски документи можат да содржат одредби кои се однесуваат на Украина.
„Јасно велиме дека Украина нема да поддржи никакви договори за нас без нас“, заклучи тој.

