Македонија
Отворена сензорна соба за деца со атипичен развоj во градинката во Радишани
Град Скопје и Општина Бутел изминатиов период адаптираа и опремија сензорна соба за деца со атипичен развој во градинката „11 Октомври“, работна единица „Ташко Караџа“, во населбата Радишани. На отворањето на оваа сензорна соба денеска присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, и Санела Шкријељ, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика.

„Со заедничка инвестиција од речиси 1,5 милион денари ја опремивме досега најдобрата сензорна соба, која ќе им овозможи на децата со атипичен развој, односно развојни задоцнувања, што полесно да ги надминуваат тешкотиите. Искуствата покажуваат дека токму ваквиот тип интерактивност и тоа како помага во развојот на овие деца. Имајќи предвид дека е голем бројот на деца со развојни задоцнувања во претшколската возраст и дека тоа е период кога најмногу може да придонесеме за нивниот развој, всушност тоа е и причината поради која инвестираме во вакви содржини, кои досега ги немаше во детските градинки. Град Скопје во последните две и пол години сериозно инвестира во ваков тип активности и во кадар, со цел на што повеќе наши сограѓани да им овозможиме поедноставување на животот. Овде нема да застанеме, сега разговаравме и за опремување на градината, на дел од дворот на градинката, која ќе биде веројатно првата сензорна отворена градина кај нас“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Оваа сензорна соба е наменета за деца со атипичен развој, односно со развојни задоцнувања, и се очекува да ја користат деца до 6 години како неопходна поддршка во раната интервенција кај специфичните развојни потреби. На почетокот ќе се примаат деца од градинката „11 Октомври“ и со нив ќе работи постојниот стручен кадар, а со зголемување на бројот на стручните лица, ќе се прошири и опсегот на деца.

Новоотворената сензорна просторија е со површина од 64 квадрати и е составена од два дела – дел за едукација и дел за играње. Просторијата има посебен тоалет, кој е адаптиран за лица со физичка попреченост.
Шилегов потсети дека пред речиси три месеци Град Скопје го поддржа отворањето на Центарот за рана интервенција и поддршка на семејствата во општина Центар преку Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, кои исто така овозможуваат специјализирана поддршка за деца до 6 години и услуги што го стимулираат детскиот развој преку реализација на активности за развој на вештини, способности и компетенции и создавање стимулирачка средина во која ќе се чувствуваат безбедно и сигурно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

