Македонија
ТАВ Македонија ги пречека првите холандски туристи на охридскиот аеродром
Со воден мост во форма на виножито, традиционалната македонска закуска, како и торта за добредојде, ТАВ Македонија во вторникот утрото на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ ги пречека првите 180 туристи кои пристигнаа од Амстердам со чартер-летот на компанијата Корендон.
Од ТАВ Македонија потенцираат дека се задоволни што чартер-летовите со холандски туристи продолжуваат и оваа летна сезона, шеста година по ред.
„Пресреќни сме што денеска дојдоа нашите ценети туристи со летот на Корендон и што традицијата продолжува. Очекуваме ова лето Корендон да носи туристи од Холандија на почетокот со два лета неделно, а потоа во екот на сезоната, во јули и август, со три лета неделно кон Охрид. Овие чартер-летови, како и трите редовни линии од „Свети Апостол Павле“ кон Базел, Лондон и Цирих, заедно со новата линија Охрид-Белград која следниот месец ќе ја воведе Ер Србија, како и чартер-летовите од Брисел кои ќе почнат оваа сезона со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук и од Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа, заедно со регуларните чартери на Аркефлај, исто така од Холандија, ќе придонесат за заживување на охридскиот аеродром, поголем сообраќај, но и проширен и збогатен прилив на туристи во Охрид“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.
„Оние што повторно доаѓаат во Охрид добро ги познаваат неговите убавини, а оние што денеска прв пат стапнуваат на македонско тло веруваме дека ќе се воодушеват од природата и културните знаменитости на македонскиот туристички бисер. За сето ова, сакаме да им се заблагодариме за добрата соработка на локалните власти – Општина Охрид, како и на Фибула, домашната компанија што ги организира чартерите со Корендон“, додаде Крстевски.
Чартер-летовите на релација Амстердам-Охрид-Амстердам, почнаа во вторник и ќе траат до седми октомври. На почетокот Корендон ќе лета двапати неделно до Охрид, во вторник и во петок, додека во најголемиот ек на сезоната – во јули и август, компанијата ќе додаде уште по еден лет во истите денови од неделата, со што на оваа релација ќе сообраќа четири пати неделно.
Од ТАВ Македонија велат дека летово во Охрид, преку чартер-летовите на Корендон и Аркефлај кои почнуваат во мај и ќе траат до октомври, може да се очекуваат над 25 илјади туристи од Холандија. Во овој период, од двете компании заедно, се очекува во Охрид да долетаат над 150 авиони полни со холандски туристи.
Лани во периодот мај-октомври преку „Свети Апостол Павле“ во Охрид биле превезени над 80 илјади патници.
Од аеродромскиот оператор очекуваат натамошно зголемување на сообраќајот на „Свети Апостол Павле“ во текот на оваа летна сезона, како резултат на воведувањето на новата линија Охрид-Белград на авиокомпанијата Ер Србија, но и на воведувањето на чартер-летовите на Томас Кук од Брисел и на Аркиа од Израел.
ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22 проценти пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Свети Апостол Павле“, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11 отсто, достигнувајќи 15.510.
Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите три месеци од 2016-та година преку двата македонски аеродроми биле превезени 344.267 патници, што е пораст од 28 отсто споредено со истиот период во 2015-та година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ѓорѓиевски со порака за посилна регионална соработка на форумот на Стопанската комора на Војводина
Во рамките на осмиот форум кој е организиран од Стопанската Комора на Војводина во Нови Сад се одржа панел дискусија со фокус на регионалната соработка,зелената транзиција и идните чекори на регионот на која покрај домаќинот господин Владимир Гак преседател на стопанската комора на Војводина учествуваа Горан Ѓорѓиевски преседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, преседателот на Стопанската комора на Република Српска Горан Ракиќ и Горан Јаниќ преседател на советодавниот одбор на Зелен Навигатор.
Пред голем број на присутни учесниците на панелот испратија јасни пораки за зголемување на соработката на ниво на Комори како и идни чекори кои е потребно да се преземат со цел да се овозможи подобро позиционирање на бизнис секторот во регионот и на европскиот пазар. Коморите преставуваат катализатор помеѓу владите и бизнис секоторот секогаш фокусирани да работат на градење мостови на соработка со цел подобрување на условите за бизнис,а тоа е возможно со поголем број на Б2Б средби,размена на искуство и воведување на нови практики во зелената транзиција која се бара од страна во Европската Унија,а нашите држави се обврзаа на тоа.
,,Затоа регионот е потребно се повеќе да го гледаме и третираме како еден пазар со фокус на зголемена ,но фер транзиција на која ќе се работи во континуитет на дигитализацијата и нови технологии без кои не можеме да замислиме дека ќе има развој” истакна Ѓорѓиевски во своето излагање.
На маргините од осмиот форум делегацијата на Соузот на Стопански комоти на Македонија реализираше состаноци со Истамбулската стопанска комора со кои се оцртаа новите форми на идна соработка со примарен фокус на инвестициите.
Со почит,
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.
Економија
Кузманоска: Домашните капитални инвестиции во 2026 година ќе бидат мотор за економскиот раст на земјата
Биљана Кузманоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година порача дека Предлог-буџетот за 2026 година носи ред, мерливи резултати и стабилен економски раст, со силен фокус на инфраструктурата и инвестиции кои треба да отворат нови работни места.
,,Буџетот за 2026 година не е само финансиска рамка, тој е одраз на новиот начин на работа, на новата политика што ја ветивме, политика на одговорност, ред и чесност“, рече Кузманоска и додаде:
,,Воведуваме јасни прагови за реализација, и тоа не на хартија туку со мерливи рокови. До крајот на првиот квартал, 15% до вториот 40% до третиот 65% и најмалку 70% до 15 ноември“.
Кузманоска посочи дека фокусот на Предлог-буџетот за 2026 година е и инфраструктурата.
,,Фокусот е на инфраструктурата што ја поврзува Македонија. Патишта, железници, училишта, болници, локални проекти. Со овој буџет имаме реален раст и стабилност. Буџетот е поставен на реални и внимателни проекции. Раст на економијата од 3,8% проекти, инфлација стабилна на 2,5%, и дефицит кој е намален н 3,5% од БДП“, истакна Кузманоска.
Таа дополни дека во 2025 година Македонија имаше рекордни странски инвестиции, што според неа, покажува стабилност, а истакна и дека во 2026 година се очекува инвестициите заедно со домашните капитални вложувања да бидат мотор на економскиот раст и да отворат нови работни места.
,,Минатата година го достигна највисокото ниво на странски директни инвестиции во својата историја, над 1 милијарда евра. Тоа не се бројки, туку доказ дека инвеститорите гледаат стабилност, предвидливост и волја за работа. Во 2026 година, заедно со домашните капитални вложувања очекуваме инвестициите да бидат мотор што ќе го движи економскиот раст и ќе отвора многу нови работни места“, кажа Кузманоска.

