Македонија
Приватните стоматолози бараат договор со ФЗО за да не дојде до зголемување на цените
Стоматолозите алармираат за зголемените трошоци за заштитна опрема во согласност со протоколите за работа со цел превенција од ризиците поврзани со Ковид-19. Тие велат дека капитацијата од 48 денари не ја вклучува и дополнителната опрема и дека потребно е итно почнување преговори со ФЗО бидејќи, како што велат, во овој момент моделите се нефункционални и се на штета на пациентите и докторите на стоматологија.
„Стоматологијата се наоѓа на врвот како една од најризичните професии во време на пандемијата, каде што има можност за зараза од аеросоли поради работа на растојание помало од половина метар. Ризикот за докторите, вработените, нивните семејства, но, пред сè, за пациентите, во услови на Ковид-19 е голем“, велат здруженијата на приватните стоматолози.
Тие наведуваат дека сега во стоматолошките ординации потребна е нова вонстандардна опрема за лична заштита и дека е намален приемот на пациенти, што придонесува за зголемување на цената на услугата од 500 до 1.500 денари.
„Зголемени се цените и на материјалите и на средствата за дезинфекција, а исто така ограничени се и стоматолошките интервенции што може да се даваат на пациентите. Намален е приемот на пациенти поради почитување на мерките и протоколите и сето ова придонесува за зголемување на цената на услуга од 500 до 1.500 денари во зависност од интервенцијата“, се наведува во соопштението на Групацијата за приватно здравство при Сојузот на стопанските комори, Здружението на докторите специјалисти концесионери од специјалистичко-консултативната стоматолошка здравствена заштита и Здружението на приватните здравствени стоматолошки установи и приватни доктори на дентална медицина.
Тие испратија допис до Министерството по одржаниот состанок со министерот за здравство на 12 мај, со конкретни предлог економски мерки за ПЗУ, како и обезбедување лична заштитна опрема и продолжување на преговорите со Фондот за здравство за што сè уште се очекува одговор.
„Во ова време на криза, кога е намалена финансиската моќ на пациентите, товарот не треба да падне на пациентите, покрај стоматолошката услуга, пациентите да треба да плаќаат повеќе за вонстандардната опрема. Капитацијата од 48 денари и цените на услугите при договор склучен со Фондот за здравство не ја вклучуваат и дополнителната опрема. Во таа насока потребно е итно почнување преговори со ФЗО бидејќи во овој момент моделите се нефункционални и се на штета на пациентите и докторите на стоматологија“, велат стоматолозите.
Стоматолошките ординации беа ставени во вонреден режим од 11 март, а подоцна и целосно затворени. Од 13 мај ординациите почнаа со работа под посебни услови со ограничен број интервенции и ограничен број пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрото студено, преку денот сончево со слаб ветер
Утрото ќе биде ведро и студено, по одделни котлини со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде претежно сончево со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -11 до -3, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје утрото студено, во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во следните денови времето ќе биде стабилно и претежно тивко со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и пониска дневна температура. Во петок кон крајот на денот се очекуваат повремени врнежи од дожд.
Скопје
Без струја делови од Аеродром и Гази Баба
Од ЕВН Македонија добиено е известување дека поради планирани зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· Од 08:30 до 12:30 часот корисниците од дел од булеварот 3та Македонска Бригада – кај ресторан Дион во општина Аеродром;
· Од 08:30 до 11:00 часот корисниците од дел од улицата Гемиџиска во општина Гази Баба.
Македонија
Фани Каранфилова-Пановска е новата заменичка-претседателка на СДСМ, следната недела ќе бидат избрани и останатите раководни тела
По завршување на 30. Конгрес на СДСМ, претседателот на партијата, Венко Филипче информираше за донесените одлуки, констатирајќи дека имало одлична енергија, нова сила и ентузијазам кој бил многу видлив кај сите присутни.
На овој конгрес беше избрана новата заменик-претседателка на СДСМ тоа е Фани Каранфилова-Пановска на која Филипче и’ упати честитки. За неа рече дека е човек кој го познава долго време и знае дека таа цврсто верува и во себе ги носи социјалдемократските вредности.
„Учествувала во работата на многу граѓански организации и соработувала со други правни субјекти коишто ги делат вредностите така како што се поставени во постулатите на нашата партија“, рече Филипче.
Истовремено беа избрани и нови членови на Централниот и Надзорниот одбор. Филипче рече дека се избрани луѓе коишто се почитувани во општинските организации, имале соодветни критериуми по кои биле избрани и им посака успешна работа.
Првиот човек на СДСМ најави и дека во текот на наредната недела ќе биде комплетиран изборот и на останатите раководни органи и тела на СДСМ.
„Првиот состанок на новиот состав на Централниот одбор ќе се одржи во текот на оваа недела и тука ќе бидат избрани членовите на новиот Извршен одбор, Потпретседателите и секретарите на партијата со што во текот на оваа недела се заокружува целокупниот процес на поставување на ново партиско раководство“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче на почетокот на Когресот имаше обраќање пришто, меѓудругото, потенцираше дека СДСМ во моментов се соочува со голем предизвик за враќање на довербата на граѓаните по катастрофалниот пораз на претходните избори. Тој сепак е уверен дека партијата ќе се издигне, а предизвиците ќе ги претворат во можности. Партискиот претседател најави нов почеток, кој го нарече пресвртница во делувањето на СДСМ.