Македонија
(Видео) Царовска: Со здравјето на граѓаните нема компромис, потребни се избори за полн политички капацитет

„За нас здравјето на граѓаните е најважно и со тоа прашање нема компромис. Владата предводена од СДСМ направи значајни чекори и оствари големи задачи. Но, за да може да продолжиме со исто темпо во наредниот период потребна е Влада со политички мандат и потребно е сите демократски институции во еден демократски систем да бидат ставени целосно во функција, за да можеме уште подобро,уште поквалитетно и поинклузивно да се справуваме со сите предизвици кои ги имаме денес, но и кои следуваат“, оцени Мила Царовска, носителка на Изборната единица 1 на Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, по денешниот координативен состанок со кандидатите за пратеници во скопскиот регион.
Таа нагласи дека и домашните и меѓународните експерти зборуваат дека оваа здравствена криза нема да заврши ниту денес, ниту наредниот месец и дека со неа ќе мора да се навикнеме да живееме. Затоа, неопходен е полн политички капацитет на Владата. Да носиме нови политики и сите институции да може да се справат со предизвиците на современото живеење кое што ни следува по оваа криза.
„Токму заради тоа, почитувајќи ги сите протоколи со сите насоки на здравствените работници, сметаме дека треба што поскоро, според условите од здравствената ситуација, да излеземе на фер и демократски избори.Ја користам оваа можност да се заблагодарам на сите здравствени работници коишто неуморно работат со цел да го заштитат нашето здравје и да ја заштитат нашата држава од можна ескалација на кризата. Но, исто така сакам да се заблагодарам и на комуналните работници, на вработените во маркетите коишто не служат и кои ги почитуваат протоколите, со цел заштита на сопственото здравје и здравјето на нивните семејства“, додаде Царовска.
Од исклучително значење е, објасни таа, во наредниот период заеднички да се трудиме да ја задржиме оваа координирана заштита на здравјето на граѓаните, поради тоа што граѓаните кои ги почитуваат мерките придонесуваат кон системот кој не дозволува проширување на оваа криза во нашата држава.
„Заеднички како тим во наредниот период заедно со Никола ќе работиме и во промоција на тоа како треба да се користи заштитната опрема, но исто така ќе ги споделуваме и сите оние активности и мерки коишто беа превземени, на пример како да се спречи отпуштањето на работници, како да се поддржат компаниите во оваа социо-економска криза. Но, исто така направивме многу мерки, имплементиравме многу активности коишто значат директна заштита на граѓаните коишто се ранливи се со цел да не одат во продлабочување кон сиромаштија во која живееле претходно“, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

На летот од Лондон до Глазгов се случи инцидент, откако еден од патниците извика дека има бомба, со слогани „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алах акбар“. Патникот кој се закани дека ќе постави бомба беше совладан од Зоран Настески, по потекло од Македонија и Србија, кој живее во Велика Британија.
Настески го собори човекот на подот за време на летот и го држеше до слетувањето, кога го презеде шкотската полиција. Во меѓувреме, во Велика Британија е започната истрага за терористичкиот напад. Индискиот „Јутуб“ канал „НДТВ“ објави видео од инцидентот, на кое се гледа моментот кога Настески совладува патник кој извикува дека има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп.
View this post on Instagram
„Вчера наутро тргнав на одмор во Глазгов. Десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ми истури топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески, пренесува „Телеграф.рс“.
Патниците паничеа, додаде Настески, децата врескаа, а екипажот беше видливо вознемирен.
„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетавме. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.
По слетувањето на аеродромот, пожарникарите и полицијата дојдоа на пистата и уапсија 41-годишен маж. Целиот настан го снимила патничка. Видеото набрзо станало вирално на социјалните мрежи.
По десет години работа во Велика Британија, Настески планира да се пресели со својата партнерка во Србија, каде што има семејни корени. Неговиот татко е Македонец, роден во Скопје, а неговата мајка е Србинка.
„Се селам во Белград затоа што ја запознав најпрекрасната жена на светот, Сандра“, рече Настески.
Авиокомпанијата „Изи џет“ објави дека човекот што го предизвикал инцидентот бил уапсен веднаш по слетувањето во Глазгов и дека персоналот на авионот бил обучен да се справува со вакви ситуации, за да не биде доведена во прашање безбедноста на сите во авионот.
Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.