Европа
Германската влада од 15 јуни ги укинува предупредувањата за патувања во земјите од ЕУ
Германската влада планира од 15 јуни да ги укине предупредувањата за патувања во европските земји, воведени во средината на март како дел од борбата против пандемијата на коронавирусот, објави во германската новинска агенција (ДПА).
„Укинувањето на предупредувањето се однесува на 31 европска земја, односно на земјите членки на ЕУ, Велика Британија и земји што се наоѓаат во шенгенот, но не се членки на ЕУ“, објави ДПА повикувајќи се на документ со наслов „Критериуми за овозможување европски туризам“, што треба да се усвои на редовната седница на владата.
Предуслов за укинување на предупредувањата за патувања е поволен развој на состојбата во онос на ширењето на пандемијата на коронавирусот.
Германската влада предлага и низа заеднички мерки што треба да спречат повторна појава на пандемија, а исто така ќе побара од европските партнери да воведат мерки што важат во Германија во случај на повторно враќање на заштитните мерки.
Правилото бара да се воведат строги заштитни мерки ако бројот на новозаболени случаи на 100.000 жители во даден регион надминува 50 во рок од една недела.
Земјите познати како туристички дестинации исто така треба да развијат остварливи концепти за да обезбедат придржување на мерките, како што се одржување физичко растојание, носење маски и проветрување и дезинфекција на места каде што престојуваат туристи.
Концептите исто така треба да вклучуваат јасни мерки во случај туристите да се разболат, вклучително и доволен капацитет во болниците, како и објекти за тестирање инфекции. Покрај тоа, препораките на Европската комисија за воздушно патување мора да бидат применети.
Германската влада бара од Европската комисија да развие постапка за процена на примената на мерките во одделни земји.
Притоа се наведува дека треба да се земе предвид односот помеѓу ризикот од инфекција и важечките мерки, како и регионалните разлики во одделни земји.
Министерството за внатрешни работи, надлежно за отворање на границите, соопшти дека треба да се регулира прашањето за патување до и од земји што не се членки на ЕУ, а во кои ситуацијата со ширењето на инфекцијата е поповолна отколку во некои земји членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Се шири снимка од Русија: Униформирани тинејџери во црква со автоматски пушки
На социјалните мрежи циркулира видео од Русија на кое се гледа група униформирани малолетници како ракуваат со автоматско оружје во православна црква.
Според украинските медиуми, видеото е снимено во селото Обухово во Московскиот регион, каде што руската православна црква организирала обука за огнено оружје за тинејџери.
🥴A military performance was held in a 🇷🇺Russian Orthodox Church temple involving teenagers in uniform armed with Kalashnikov rifles. pic.twitter.com/IW7u7XoK3E
— 🪖MilitaryNewsUA🇺🇦 (@front_ukrainian) February 19, 2026
Снимката прикажува малолетници како ги демонстрираат своите вештини со автоматски пушки во црковната сала под надзор на инструктори. Во позадина се видливи икони и други религиозни симболи.
Според истиот извор, ова е дел од програма што е претставена како „курс за млади војници“ и се одржува во просториите на црквата. Видеото прикажува инструктори како ги надгледуваат младите луѓе додека држат и креваат оружје.
Ваквите активности се поврзани со активностите на таканаречените воено-патриотски клубови, кои често работат со поддршка на одредени црковни структури.
Европа
Анкета: Четвртина од Унгарците веруваат дека поразот на Орбан би ја турнал земјата во војна
Речиси една четвртина од Унгарците, поточно 23 проценти, веруваат дека победата на главната опозициска партија Тиса над владејачката партија Фидес на Виктор Орбан на изборите би ја фрлила земјата во војна, според анкета на институтот 21 Kutatóközpont.
Резултатите, собрани кон крајот на јануари откриваат длабока поларизација во унгарското општество. Само 54 проценти од испитаниците веруваат дека такво сценарио не може да се случи, додека преостанатите 23 проценти немаат јасен став за ова прашање.
Анализата на одговорите според партиските преференции покажува дека дури 58 проценти од поддржувачите на владејачките партии веруваат во главната порака на кампањата, според која влада предводена од Тиса би ја вовлекла Унгарија во војна. Само 15 проценти од гласачите за владејачката партија не го делат ова мислење, а 28 проценти се неодлучни. Меѓу непартиските испитаници, 17 проценти веруваат дека победата на Тиса би донела војна.
Институтот 21 Kutatóközpont прашува дали 23 проценти од целото население и 58 проценти меѓу гласачите за владејачката партија се многу или малку. „Ако го гледаме како процент на луѓе кои се согласуваат со главната порака на кампањата на Фидес, уделот може да изгледа релативно мал. Меѓутоа, ако ја земеме предвид тежината и вистинското значење на тврдењето, тогаш овој број е исклучително висок“, се наведува во анализата.
„Ако речиси два милиони луѓе можат да замислат дека Тиса би предизвикала таква штета, се поставува прашањето каде е границата и во што повеќе не може да биде убедена оваа група гласачи? Исто така, што сметаат дека е прифатлива цена за Фидес за да се спречи сценарио кое, според нив, би довело до масовно крвопролевање? Ретко некое прашање ја одразува толку добро поларизацијата на општеството.“
Анализата додава дека силата на владината комуникација е очигледна во фактот дека, покрај 23 проценти од испитаниците кои се согласуваат со тврдењето, речиси една четвртина од општеството не е имуно на него.
„Значителен дел од нив нема да излезат на гласање, но сепак дури 46 проценти од вкупното население не го смета обвинувањето за војна против Тиса за целосна бесмислица“, се истакнува во него.
Европа
(Видео) Зеленски: Десетици илјади Украинци загинаа за Донбас, не се работи за земјата, туку за луѓето
Претседателот Володимир Зеленски вчера повтори дека Украина нема да отстапи територија на Русија, ниту да се повлече од областите што моментално ги контролира. Изјавата доаѓа во време кога разговорите со посредство на САД за ставање крај на руската инвазија се во застој поради територијални прашања пред четвртата годишнина од војната, објави „Киев Индепендент“.
„Донбас е наш народ, не само територија“
„Илјадници, десетици илјади Украинци се убиени бранејќи го тој дел од Украина“, рече Зеленски во интервју водено од Пирс Морган. „Мора да разбереме дека Донбас е дел од нашата независност. Тој е дел од нашите вредности. Не станува збор за земја. Не станува збор само за територии. Станува збор за луѓе“.
Зеленски рече дека преговарачите постигнале поголем напредок во техничките дискусии, како што е тоа како да се следи потенцијалното примирје, отколку во политичките прашања. Тој нагласи дека секое трајно решение бара силни безбедносни гаранции и европска вклученост.
„Кога зборуваме за безбедносни гаранции, мислиме на цврсти гаранции дека остатокот од светот – или барем некои земји – ќе бидат подготвени да одговорат ако Путин се врати со својата агресија“, објасни Зеленски. Тој ја отфрли идејата за лична доверба во рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека на Украина ѝ се потребни „институционални“ гаранции.
Тој ги опиша Украинците како исцрпени по речиси четири години војна, но нагласи дека земјата останува обединета. Како примери ги наведе националната мобилизација за време на зимските енергетски напади и брзите поправки во Киев и другите градови. „Најтешката ситуација беше во Киев по сите овие напади врз енергетската мрежа“, рече тој, додавајќи дека „240 бригади дојдоа од сите региони за да ја обноват клучната инфраструктура во Киев“.

