Македонија
Спасовски: Изборите да се одржат за 22 дена

Изборите да се одржат во првиот можен рок, кога и ќе има најмногу створени услови, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски, презентирајќи ги одлуките на Владата за олабавување на мерките воведени за заштита од коронавирусот.
Според Спасовски, изборите треба да се одржат за 22 дена, по укинувањето на вонредната состојба.
„Датумот на изборите е детерминиран со уредбата законска сила која има важност до завршување на вонредната состојба. Во моментот кога ќе заврши, за 22 дена, ќе треба да се одржат избори. Тоа е фактичка состојба. Затоа треба да се реализираат изборите во првиот можен рок. Мора да бидеме принципиелни, а изборите да бидат во моментот кога ќе има најмногу створени услови. Една од нашите одговорности е да направиме се колку што е можно побрзо да се обезбеди новата нормалност“, рече Спасовски.
Тој потенцираше дека на граѓаните им требаат стабилни институции.
„Преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може сите вообичаени активности да ги спроведеме така како што очекуваме, а таква активност сигурно би биле и претстојните парламентарни избори. На македонската демократија и развој им требаат стабилни институции и колку што е можно побрзо, враќање на нормалниот колосек, на функционирање на државата. На македонските граѓани им треба функционално Собрание“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.