Македонија
Караџовски: Изминатите 14 дена беше намален бројот на новозаболени затоа препорачавме олеснување
Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, член на Комисијата за заразни болести ги објасни причините зошто Комисијата се одлучила да препорача укинување или намалување на рестриктивните мерки, точно 3 месеци откако беше утврден првиот случај на коронавирусот во земјава.
Тој рече дека препораките се правени во однос на последниве 14 дена, кога се гледа подобрување во однос на новорегистрираните случаи на коронавирусот.
„Во периодов од 14 дена имаме просечно од 10-40 случаи, што значи во просек на дневно ниво 20 случаи. Смртноста изнесува 1,1 случај на дневно ниво, што е многу подобро од земјите каде има десетици. Станува збор за намалениот морбидитет, морталитет кој ги следи европските и светски држави“, рече тој.
Караџовски рече дека во последниве 14 дена се направени речиси 1500 тестирања на 1 милион жители.
„Ако на почетокот ги следевме само лицата што имаат симптоми, алгоритамот сега e надграден и се проширува, како на пример тестирањето на вработените во градинките, а правиме напори да ги тестираме вработените во домовите за стари лица“, рече тој.
Во периодот што следува, ќе бидат тестирани здравствените работници, тaксистите, полицијата, армијата и за ова се предвидени 10.000 тестирања.
Во последниве 14 дена, рече Караџовски, од 2,7 отсто до 8,7 отсто од тестовите се позитивни на Ковид-19, што во просек изнесува 5,7 отсто, што е бројка која укажува дека треба да се намалат мерките.
„Кластерите се под контрола“, рече Караџовски, додавајќи дека нема новорегистрирани случаи, туку точно се знае кои се фамилиите и општините каде што има позитивни на Ковид-19 и лицата кои биле во контакт со нив се во изолација и во самоизолација, па оттаму можат и полесно да се следат.
Во седум градови, според него, има од еден до тројца пациенти, а 5 градови се под надзор, каде што има по дваесетина кластери (Скопје – Чаир, Сарај и Гази Баба, Тетово, Куманово, Велес…)
„Поголем проблем ни е Тетово, но успеавме да ги локализираме кластерите и повеќето од лицата да ги ставиме во изолација“, рече Караџовски.
Тој вели дека голем проблем во сиот процес бил фактот што десетици лица се јавувале многу доцна на инфективните одделенија, па како последица на тоа настапила и смрт.
„Петнаесетина лица беа донесени на инфективните одделенија во терминална фаза, што значи дека дел од нив не се осмелувале веднаш да дојдат на преглед или да дојдат кога е предоцна“, вели Караџовски.
Тој рече дека државата се надминала себе во однос на навременоста и стручноста за справувањето со коронавирусот, им се заблагодари на сите членови од Комисијата за заразни болести и на сите здравствени работници. На граѓаните им препорача да не веруваат во лажните вести дека вирусот не постои и да ги почитуваат препораките за носење маска, држење физичка дистанца и редовно миење раце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за избори кога и да се одржат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата е подготвена да настапи на парламентарни избори кога и да се одржат – годинава, следната година, па дури и на редовните избори во 2028 година.
Филипче посочи дека работа е на премиерот да каже што мисли, но оцени дека, поради, како што рече, катастрофалното водење на државата, убеден е оти ќе има предвремени парламентарни избори.
Според него, не е важно дали изборите би се одржале на пролет, на есен или кон крајот на годината, бидејќи СДСМ е подготвена за изборен процес во секое време.
Македонија
Филипче: Нема услови за укинување на техничката влада
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека укинувањето на техничката влада треба да се случи дури кога општеството ќе биде зрело за тоа.
Филипче истакна дека слободната волја на граѓаните и фер изборите не смеат да бидат предмет на политички пазар, нагласувајќи дека се неопходни суштински реформи по европски стандарди, особено во областа на правосудството.
Според него, дури кога реформските закони ќе бидат донесени, целосно имплементирани и ќе почнат да се применуваат во судството, обвинителството и полицијата, ќе се создадат услови за укинување на техничката влада.
Филипче нагласи дека СДСМ ќе поддржи исклучиво реформи што ја движат државата кон европските стандарди.
„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, истакна Филипче, додавајќи дека во овој момент не постојат услови за укинување на техничката влада.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со лидерите на политичките партии изјави дека постигнале согласност за укинувањето на техничката влада.
„Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски.
На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше.

