Македонија
Караџовски: Вирусот слабее, но никој не знае што ќе се случи за три месеци

Може да има зголемен број на случаи во идниот период, вели доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје. Додаде дека системот е изграден и државата може да се справи и при таква ситуација, а како што нагласи, ситуацијата е под контрола.
„Да, може да се случи зголем број ние ги викаме џебови. Вие ги спомнавте ифтарските празници, ама не се само ифтарските и едните и другите се потенцијално опасни, но и обичното непочитување на блискиот контакт може да донесе инфицирани луѓе. Никој не може да каже што ќе се случи за месец два три, но цел свет кажува дека силината или вируленцијата на вирусот Ковид -19 слабее“ рече Караџовски.
Тој додаде дека во пет градови има поголем број на заболени лица, кои, како што рече, ги држат под контрола, бидејќи се познати кластери.
„Лично не очекувам зголемен број дотаму да ние не можеме да држиме контрола. Ние кога имавме сто случаи дневно ситуацијата ја држевме под контрола, бидејќи имавме 1000 резервни кревети. Цел свет кажува дека вируленцијата на вирусот слабее. За неколку стотина проценти е намалена можноста за инфекција. Системот го имаме изградено, а кога го имаш него, знаеш како да се справиш“, рече Караџовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.