Македонија
Мицкоски: Датумот за избори да биде одреден со консензус

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека третата вонредна состојба била прогласена за да се донесе нова уредба, која треба на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да му послужи за да ги поткупи граѓаните за поддршка за следните избори.
Тој го повтори ставот дека вонредната состојба треба да се прогласи по консултација со политичките партии.
Во однос на изборите, Мицкоски и натаму бара датумот да биде одреден со консензус од сите политичари.
„Нашиот принцип е јасен дека датата за следните парламентарни избори треба да биде донесена со консензус на сите политички партии што седеа на таа маса уште на првата лидерска средба што ја организира претседателот Пендаровски, без разлика што во меѓувреме се видоизмени содржината на масата и некои од тие што беа на таа маса се во коалиција, ние стоиме на тој принцип и не бегаме од тој принцип. Исто така, стоиме на тој принцип дека секоја вонредна состојба треба да се носи во консултација со политичките партии иако за време на втората вонредна состојба тој принцип беше напуштен од страна на Владата и претседателот Пендаровски. За втората состојба, ние исто така имавме спротивен став бидејќи ако зборуваме за состојба кога сме ја победиле пандемијата и сме лидери во регионот, не ја гледавме причината за прогласување трета вонредна состојба. Но, очигледно беше јасно дека треба да се донесе нова уредба, која треба на Зоран Заев да му послужи за да ги поткупи граѓаните и да ја добие нивната поддршка за следните предвремени парламентарни избори. Тоа нема да му успее бидејќи граѓаните знаат и никогаш нема да го заборават тоа што го правеше оваа пандемија наречена Зоран Заев и СДСМ во претходните три години, а и овие дополнителни 1.500 евра долг за секое семејство нема да ги заборават граѓаните и жестоко ќе го казнат на следните избори кога и да се одржат“, рече Мицкоски.
Тој рече дека комуникација за одредување на датумот на избори постои, но не сакаше да коментира ништо во врска со неа тврдејќи дека ако има договор меѓу партиите, тоа ќе се соопшти јавно.
„Нашите позиции поврзани со предвремените парламентарни избори ги знае македонската јавност. Нашата позиција дека компромис треба да се постигне во интерес на граѓаните, во интерес на државата, но тоа не треба да биде по цена на здравјето на граѓаните. Канална комуникација постои. Јас не би сакал денеска да изнесувам дополнителни коментари поврзани со тој канал за комуникација што постои бидејќи не сме сите исти и не се занимаваме сите со ваков тип брифинзи. Доколку има договор и кога ќе има договор, ќе ѝ го соопштиме тоа на јавноста. Но, повторно ќе кажам, здравјето на граѓаните треба да биде водилка за сите нас“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Албанците дискриминирани дури и под раководство на Албанец

Демократската унија за интеграција јавно ги осудува, како што велат, дискриминаторските практики при вработувањето во Центарот за управување со кризи, каде на последниот конкурс се примени 12 Македонци и тројца Албанци.
Оваа институција, велат од ДУИ, се води од директор со албанска етничка припадност, но, очигледно, со лојалност кон политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ситуацијата е алармантна. За Албанците нема значење ако раководителот е само Албанец по име, но не и по дела. Кога менаџментот служи како етничка декорација за да се прикрие систематското доминирање на една етничка група во институциите, тоа веќе не е јавно раководење, туку извршување на политички наредби спротивни на јавниот интерес и етничката рамноправност. ДУИ нема да молчи пред оваа политичка хипокризија, каде во име на „албанско претставување“, се прават валкани зделки за власт, а Албанците продолжуваат да бидат дискриминирани, дури и во институции што „формално“ се водат од Албанци, но во суштина ја газат рамноправноста и мултиетничкиот карактер на државата. Ја потсетуваме јавноста: духот на Охридскиот договор не се исполнува со декоративни Албанци на раководни позиции, кои ги спроведуваат одлуките на антиалбански центри на моќ“, велат од партијата.
Од ДУИ велат дека нема да дозволат албанското претставување да се сведе на имиња и функции, додека резултатите се исклучување и политичка послушност.
Македонија
Арсовска: Не биди ѓубре, не биди криминалец, не биди Јулијана

Ако се прашувате зошто со месеци и години има проблеми со собирање на комуналниот отпад низ Скопје, одговорот е поради Јулијана Спировска од ВМРО, која од судот во Република Македонија е осуден криминалец, а во исто време е претседател на Управниот одбор на Комунална хигиена избрана да раководи од ВМРО и Влен, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Таа обвини дека Комунална под раководство на Спировска е во тотален хаос.
„Со партиски инструираната работа на Јулијана како претседател на УО на Комунална хигиена Скопје документирана во записници со содржина, насоки и заклучоци, претпријатието под нејзино водство е хаос! На госпоѓата која е со правосилна судска пресуда осуден криминалец, работите никако да и тргнат од рака да ги тера по пропис, па за денес во 13 часот закажала тајна затворена седница на управен одбор. Госпоѓо Јулијана, согласно правните акти и член 3 од Деловникот согласно кои ти си должна да работиш, седниците на Управниот одбор на JП КХС се јавни“, напиша Арсовска.
Таа вели дека на седницата може да присуствуваат претставници на средствата за јавно информирање и да jа известуваат јавноста за работата, што, како што вели, и се надевам дека ќе го направат за да може да видат што си правела 3,5 години, а и за пресудата да можат да те прашаат како осуден криминалец уште има образ да носи јавна функција.
Според Арсовска, Спировска, директно го крши член 13 со тоа што Предлогот на дневниот ред треба да го утврди во соработка со директорот на JП КХС, а не сама, како што вели Арсовска, по насоки од штаб.
„Директно го кршиш член 14 со тоа што материјалот со поканата за седницата на Управниот одбор не ги доставуваш на Директорот, Заменикот и раководните работници со посебни овластувана и одговорности, зошто сакаш во јавно претпријатие да тераш тајни седници за да го доупропастиш претпријатието со кое управуваш. Не биди ѓубре, не биди криминалец, не биди Јулијана“, напиша Арсовска.
Македонија
Евакуирани првите македонски државјани од Израел

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека првата група македонски државјани кои побараа евакуација од територијата на Израел, синоќа безбедно пристигна на скопскиот аеродром.
Станува збор за осум лица, четири деца и четири возрасни, кои, како дел од поголем организиран транспорт, ја напуштија територијата на Израел и се упатија кон Египет, од каде со авион во сопственост на Владата беа транспортирани до Скопје.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалните мрежи информираше за успешно завршениот процес на евакуација, нагласувајќи дека со оваа операција нашата земја се вбројува меѓу првите во Европа кои организираа и реализираа безбедно враќање на свои државјани од зоната на конфликт на Блискиот Исток.
Министерството, преку дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, останува во континуирана комуникација со останатите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел. За сите прашања и конзуларна поддршка, на располагање се дежурните телефонски броеви.