Македонија
Филипче: Да знаевме дека нема да се почитуваат мерките, немаше да дадеме препорака за отворање на кафеаните
По објавата на фотографиите од скопски кафеани, каде што, наместо почитување на препораките, се правеле забави, без одржување дистанца, без маски и со групирање, министерот за здравство, Венко Филипче, побара Министерството за внатрешни работи да биде поинтензивно на терен и да ги санкционира прекршувањата.
Филипче рече дека ако Комисијата за заразни болести знаела дека нема да се почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, тие немало да дадат препорака за отворање на угостителските објекти.
„Не е ова само на личната одговорност на граѓаните иако е еден сериозен дел од оваа работа. Здравствениот систем во однос на менаџментот на пациентите, граѓаните во однос на почитување на мерките и, секако, Министерството за внатрешни работи во однос на спроведување на контролата и санкциите. Овој систем нема да успее ако кој било од овие три најважни делови потфрли во работата. Еве, сега, слободни се капацитетите на Министерството за внатрешни работи, нема веќе полициски час, јас искрено верувам дека многу поинтензивно ќе биде на терен. Мислам дека такви слики како вчера не треба да гледаме, ниту да сме сведоци на такви сценарија во тукушто отворените угостителски објекти. Тоа не беше суштината. Да знаевме дека ќе биде така, немаше да дадеме препорака да се отворат. А ние мораме да го вратиме животот во нормала, мора секој да даде максимално сè од себе, како што дадоа здравствените работници“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Обезбедуваме 200 канти за отпад од домашни миленици со бесплатни кесички
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, денеска најави дека покрај обезбедувањето на нови канти за смет, се воведува и новина, 200 специјални канти за отпад од домашни миленици на територија на Центар.
„Покрај новите канти за смет, воведуваме и новина, специјални канти за отпад од домашни миленици, слични на овој модел што како прототип го изработивме во општината. Во нив ќе има и бесплатни кесички за сопствениците. Ова е одлично решение Едноставно, урбано и еколошки одговорно. Планираме да поставиме 200 вакви канти низ сите населби и паркови, за да обезбедиме чист и уреден јавен простор, каков што доликува на општина каква што е Центар“, рече Герасимовски.
Тој, информираше дека во следниот мандат се оди чекор понатаму, со вакцинација и микрочипирање на уличните кучиња и домашните миленици, со што хумано и системски се решава овој сериозен проблем создавајќи безбедна и здрава средина.
Македонија
Единствена Македонија ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори
Членот на Извршниот комитет на Единствена Македонија, Вилијам Михајловски, на денешната прес-конференција најави дека партијата ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржат во недела, на 2 ноември.
„Со големо задоволство соопштувам дека Единствена Македонија одлучи во недела, во вториот круг, да ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А што може да се очекува од една национална и патриотска партија како што е Единствена Македонија, која секогаш е на првата линија во одбрана на македонските национални интереси“, изјави Михајловски.
Тој истакна дека оваа одлука доаѓа по, како што рече, целосна медиумска блокада и исклучување на нивната партија од државното финансирање во првиот круг, но и дека Единствена Македонија не може да стои на страна во моментите кога, според него, се решава иднината на државата. Потсети дека партијата настапила самостојно со 29 кандидатски листи, но резултатот во првиот круг не бил на нивото што го посакувале.
Во обраќањето, Михајловски се повика на потребата од национално помирување и обединување, нагласувајќи дека изборите не се борба за поединци и партии, туку за државата.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.

