Македонија
Вишото јавно обвинителство ги одби како неосновани жалбите на одбраната на обвинетите за 27 април
Денеска, на одржаната јавна расправа во Апелациониот суд по поднесените жалби за пресудите за случувањата на 27 април во Собранието, Вишото јавно обвинителство Скопје, по проучување на првостепената пресуда и другите списи од предметот, даде предлог да се одбијат како неосновани жалбите на обвинетите, и тоа по сите основи на кои се однесуваат.
Во однос на фактичката состојба што произлегува од многубројни материјални и вербални докази изведени на главната расправа, првостепениот суд правилно оценил дека кај обвинетите постои умисла за дејствата што ги презеле и дека станува збор за добро осмислени, организирани и синхронизирани дејства, во кои секој од обвинетите имал однапред одредени улоги и задачи.
Во однос на жалбата од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за ослободителниот дел од наведената пресуда за обвинетиот Игор Дурловски, Вишото јавно обвинителство Скопје во својот предлог се произнесе дека повисокиот суд треба да ја одбие како неоснована. Имено, првостепениот суд правилно ги утврдил фактите во предметот и во пресудата образложил дека за овој обвинет не е докажано надвор од разумно сомневање дека го извршил наведеното кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и партнерството со Дижон
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи кои можат да придонесат за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин „Богородица“
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 09 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
600 домаќинства во Општина Аеродром ќе добијат специјални канти за селекција на пластика
Општина Аеродром станува прва општина што воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата. Со овој проект, велат од Општината, секое пластично шише и пластично пакување ќе има своја вредност, а граѓаните ќе придонесуваат за почисто и поодговорно општество.
„Проектот ќе опфати вкупно 600 домаќинства, а во првата фаза 50 домаќинства ќе добијат специјални канти за селекција на пластика. Со Одлука на Советот на Општина Аеродром, ЈП за комунални дејности ќе го спроведува проектот, ќе ја поттикнува селекцијата кај граѓаните и ќе го предава отпадот на овластени компании за понатамошен правилен третман“, велат од Општината.
Овој проект е продолжување на Clean AirDrom, за кој е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпад.
„Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја намалува количината на мешан комунален отпад, ја штити животната средина и го поттикнува развојот на свесни граѓански навики“, се наведува во соопштението.

