Македонија
Протокол за уписи во средните училишта: Овозможен влез на 1 до 6 ученици за прием на документите

Владата денеска објави протокол за средните училишта во Република Северна Македонија за време на запишувањето на ученици во прва година во учебната 2020/2021 година
1. Запишувањето на ученици во средните училишта да се одвива во период од 07:00 часот до 19:00 часот.
2. Користење на заштитна опрема, маски и ракавици од страна на сите вработени во средното училиште.
З. Организирање на редарска служба во средното училиште, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 2 метри пред и внатре во училиштето и тоа. 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари во училиштето. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште.
4. Поставување на ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето.
5. Одржување на физичко растојание од 2 метри помеѓу присутните ученици во просторијата.
6. Организирање на прием на потребните документи за упис согласно конкурсот со обезбедување на приемни места согласно предвиденото растојание и просторот со кој располага училиштето.
7. Овозможување на влез на 1 до 6 ученици во училиштето во зависност од просторот со кој располага за прием на документи, во принцип бројот на ученици да биде еднаков на бројот на приемните места.
8. Овозможување на влез само на ученикот, не и на неговиот родител, во посебен случај доколку ученикот е спречен од оправдани причини се овозможува влез само на 1 родител / старател, кој носи заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот, кои влегуваат во училиштето.
9. Доставување само на комплетни документи согласно условите на конкурсот, придружени со претходно потполнета пријава за запишување, кој се презема од веб страната на Министерството за образование и наука.
10. средства за дезинфекција на влезот во училиштето, како и пред просториите каде се врши запишување на учениците, со цел учениците да се дезинфицираат при влез во училиштето и излез од училиштето.
11. Задолжително редовно вршење на дезинфекција на клупите и просторот во училиштето со дезинфекционо средство кое делува на вируси според упатство од производителот
12. На крајот на секој ден задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или алкохол за дезинфекција на горни површини.
13. Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.
14. Средните училишта кои имаа два влеза/излези може да организираат влез од едната страна и излез од другата страна.
15. Доставувањето на документите од страна на ученикот, односно родителот/ старателот е согласно распоред според азбучен ред од презимето.
Заради заштитата на здравјето, се повикуваат сите ученици на доследно почитување на превентивните мерки од Владата на Република Северна Македонија:
Бидете трпеливи, чекајте во ред пред училиштето и одржувајте најмалку 2 метри растојание од лицата околу вас, пред и во училиштето.
Почитувајте ги препораките на редарите и влегувајте во училиштето еден по еден, т.е. откако редарот ќе ви дозволи, односно откако ученикот пред Вас ќе излезе од училиштето.
Не се задржувајте повеќе од 5 минути во училиштето.
Задолжително носете заштитна опрема (маска, марама, шал), во спротивно нема да ви биде дозволен влез во училиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На првиот состанок на Балканската платформа за мир во Истанбул учествуваше Муцунски

На покана на министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Истанбул учествуваше на првиот состанок на Балканската платформа за мир. Настанот се одржа на иницијатива на турскиот министер Фидан, со учество на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на состанокот се разговарало за европската интеграција, регионалната поврзаност, младите, образованието, одбранбената индустрија и други актуелни регионални прашања. Учесниците се согласиле дека платформата треба да продолжи и на лидерско ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал определбата на државата за конструктивна регионална соработка како двигател на економскиот развој. Тој укажал на сериозните предизвици со кои се соочува регионот – ниска конкурентност на економиите, недоволна енергетска и инфраструктурна поврзаност и иселување на младите. Муцунски го посочил и отсуството на предвидлив и динамичен европски пат, потенцирајќи ја потребата од поголема одлучност и лидерство во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, особено во актуелниот геостратешки контекст.
Како позитивен пример беше посочен Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на неговиот потенцијал за носење конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Муцунски ја истакна и инвестициската посветеност во коридорите 8 и 10, како клучни транспортни и енергетски врски меѓу Јадранското, Егејското и Црното Море, посочуваат од МНРиНТ.
Министерот подвлекол и дека регионот мора да вложува повеќе во човечкиот капитал, конкурентноста, туризмот, културата и образованието како предуслови за одржлив развој и поврзување.
Во обраќањето пред медиумите, министерот Фидан нагласи дека стабилноста на Балканот е приоритет за Турција и дека платформата има за цел решавање на регионалните проблеми преку зголемена соработка, енергетска стабилност и поврзаност.
На маргините на настанот, министерот Муцунски остварил и билатерална средба со својот домаќин, министерот Фидан. Разговорите биле фокусирани на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес.
Македонија
Шумскиот пожар во Крива Паланка се шири кон куќите, екипите се на терен

Шумскиот пожар што од вчера напладне зафати над 50 хектари борова шума во кривопаланечкото село Нерав, според информациите од Општина Крива Паланка се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, село Герман како и кон општина Трговиште, Република Србија.
Командирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, информира дека екипите се терен и работат на гасењето без престан, но пожарот се шири и доближува кон куќите во селото Нерав.
Дојава за пожарот во ТППЕ Крива Паланка е примена вчера околу 14 часот, а во гасењето активно биле вклучени екипи на: ТППЕ Крива Паланка, ТППЕ Ранковце, Противпожарна единица Трговиште, Србија, екипи од јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Подрачно шумско стопанство “Осогово”,Крива Паланка и локално население од селата Нерав и Трговиште.
-Теренот е непристапен, во текот на ноќта гасевме заедно со сите што беа вклучени, сега на терен сме од противпожарната единица од Крива Паланка и “Македонски шуми”, направив замена на еден тим од ТППЕ, колегите се беспоштедно ангажирани, вчера успеавме да спречиме пожарот да се доближи до куќите, но денес огнот повторно се шири и претставува закана за куќите, населението е вклучено, а градоначалникот е во постојана координација со општинскиот кризен штаб, информира Коцевски.
Од општината апелираат сите граѓани строго да ги почитуваат препораките и да се воздржат од движење во планински и шумски предели, со цел заштита на сопствената безбедност и олеснување на работата на службите на терен.
Македонија
Владата тврди: Почнува стабилизацијата на здравствениот систем

По една година од преземањето на власта, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги истакнува првите резултати во, како што велат, еден од најзапоставените сектори од претходната власт – здравството.
„Почна процесот на консолидација на јавните здравствени установи низ државата, што вклучува намалување на наследените долгови и екипирање со неопходен здравствен кадар“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, СДСМ оставила здравствен систем во колапс – болници со големи долгови и недостиг на медицински персонал. Новите раководства, со поддршка на институциите, почнале со домаќинско управување и финансиска стабилизација.
„Во изминатиот месец, реализирани се или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во здравството, вклучувајќи лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари, психолози, техничари, хигиеничари и друг неопходен кадар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу болниците што веќе го започнале процесот на вработување се Прилеп, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Во Прилеп, на пример, според податоците, за една година долгот на болницата е намален од 200 на 109 милиони денари. Воедно, во тек е постапка за вработување на 120 здравствени работници, меѓу кои 21 доктор, а се најавува и вработување специјализанти.
Во тетовската Клиничка болница, како што информираат, по долг период е објавен конкурс за трајни вработувања на 119 медицински кадри, а за административниот дел ќе следи посебен оглас преку Агенцијата за администрација.
Во Битола, постапката е веќе започната за десет приватни специјализанти, додека во охридската болница, седум специјализанти (анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар, хирург и двајца гинеколози) веќе се вклучени во работа.
„Консолидирањето на јавните здравствени институции и зајакнувањето на човечките ресурси се суштински дел од стратегијата на Владата за унапредување на здравствениот систем. Не беше лесно, но темелите полека се поставуваат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.