Свет
Ќерката на градоначалникот на Њујорк уапсена за време на протестите во САД
Ќерката на градоначалникот на Њујорк беше уапсена во саботата за време на протестот против полициската бруталност спрема Афроамериканците, јавува Си-ен-ен.
Кијара, ќерка на градоначалникот Бил де Бласи, е уапсена затоа што била меѓу демонстрантите на кои им е забрането собирање. Таа беше ослободена бргу.
Полициски час е воведен во Лос Анџелес, Чикаго, Детроит и Вашингтон, додека југозападната држава Аризона воведе полициски час за целата недела откако демонстрантите излегоа на улиците и се судрија со полицијата, која користеше солзавец и гумени куршуми.
Ограничувањето на движењето, кое ќе влијае на милиони луѓе, стапи на сила во исто време со распоредувањето на повеќе од 5.000 припадници на Националната гарда, кои беа активирани во 15 држави и главниот град за поддршка на локалните полициски сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

