Свет
Цукерберг му предложи на Трамп да олади малку

Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, во телефонски разговор му предложи на американскиот претседател, Доналд Трамп, да олади малку.
Според веб-сајтот „Аксиос“, два извори запознаени со телефонскиот разговор меѓу Трамп и Цукерберг, изјавиле дека Цукерберг немал посебни барања од американскиот претседател, но изразил загриженост за неговиот тон и реторика, како и за несогласувањето со неговите неодамнешни изјави.
Шефот на „Фејсбук“ му рече на Трамп, кој го повика Цукерберг, дека неговиот избор на зборови го става „Фејсбук“ во тешка позиција.
Тоа, најверојатно, се однесува на фактот дека „Фејсбук“ се нашол под зголемен притисок да ги модерира изјавите на Трамп на својата платформа, бидејќи тие редовно содржат бесрамни лаги, целосни дезинформации и горлива реторика, пишува „Машејбл“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Почина Џорџо Армани

Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани почина, објави денеска неговата компанија.
„Со огромна тага, групацијата Армани ја објавува смртта на својот творец, основач и неуморна движечка сила: Џорџо Армани“, се вели во соопштението на модната куќа.
Армани, кој имаше 91 година, беше синоним за модерен италијански стил и елеганција. Тој ја комбинираше креативноста на дизајнер со остроумноста на бизнисмен, водејќи компанија која генерираше приход од околу 2,3 милијарди евра годишно.
Џорџо Армани е роден на 11 јули 1934 година во Пјаченца, Италија. Во младоста студирал медицина, но по неколку години го напуштил универзитетот и се свртел кон модата. Работел како декоратор на излози во стоковната куќа Ла Ринашенте во Милано, а потоа како дизајнер за Нино Черути.
Заедно со партнерот Серџо Галеоти, тој го основал Армани С.п.А. во 1975 година. Брзо станал познат по своите елегантни, минималистички кроеви и луксузни ткаенини. Особено бил познат по своите машки костуми кои го редефинирале деловниот стил во 1980-тите.
Армани изгради модна империја која вклучува неколку брендови (Џорџо Армани, Емпорио Армани, Армани Ексчејнџ), како и линии за парфеми, часовници, ентериери и хотели. Неговите дизајни често се поврзуваат со поими за софистицираност, италијанска елеганција и безвременски луксуз.
Тој стана познат и по облекувањето на холивудските ѕвезди – на пример, Ричард Гир носеше костуми на Армани во филмот „Американски жиголо“ (1980), што дополнително го зацврсти неговиот углед.
Армани остана на чело на својата компанија до неговата смрт, инсистирајќи на независноста на брендот и одбивајќи да продава на големи конгломерати. Тој беше синоним за модерен италијански стил.
Свет
Кина се огласи по коментарот на Трамп дека Шји Џинпинг, Путин и Ким Џонг Ун прават завера против Америка

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на воената парада во Пекинг даде изјави што привлекоа меѓународно внимание.
Портпаролот Гуо Ѓиакун ги демантираше тврдењата на Трамп за наводни заговорнички планови меѓу Кина, Русија и Северна Кореја.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Кина не делува против трети земји додека ги развива своите дипломатски односи, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина, Русија и Северна Кореја коваат заговор против САД.
„Кина развива дипломатски односи со сите земји, никогаш не напаѓајќи трета страна“, наведе тој на брифинг со новинарите, пренесува „Монд“.
Тој, исто така, ги нарече неодговорни изјавите на високата претставничка на Европската комисија, Каја Калас, која средбата на лидерите на Русија, Кина и Северна Кореја ја нарече директна закана за меѓународниот поредок.
Трамп во средата, за време на воената парада во Пекинг по повод Денот на победата во Втората светска војна, преку објава на „Тру соушал“ му порача на кинескиот претседател Шји Џинпинг дека САД придонеле за ослободувањето на Кина од Јапонија во тој конфликт, пренесува Ројтерс.
„Ве молам, пренесете ги моите најтопли поздрави на Владимир Путин и Ким Џонг Ун, додека правите заговор против САД“, додаде Трамп.
Во Пекинг во средата се одржа воена парада по повод 80-годишнината од победата на Кина над Јапонија во Втората светска војна, на која присуствуваа и рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Свет
Автомобил во Берлин удри во група деца, повеќе повредени

Во берлинската четврт Веден се случи инцидент кога автомобил „бмв“ налета на група деца на тротоар. Во несреќата повредени се тројца малолетници и една возрасна личност, објави германскиот весник „Билд“.
Сè се случило околу 13:10 часот. Според првичните информации, автомобилот „бмв“ при свртување влетал во тротоарот каде што се наоѓала група од петнаесет деца на возраст од седум до осум години. Три од децата добиле полесни повреди и биле пренесени во блиската болница. Една од нивните воспитувачки, според првите сознанија, сериозно е повредена и исто така е хоспитализирана.
Возачот на „бмв“ не е повреден. На фотографиите од местото на настанот се гледа како полицијата го испитува покрај автомобилот, на кој е оштетен предниот лев фар. Полицијата и пожарникарите се на терен, го обезбедуваат местото на несреќата и ја утврдуваат целата околност за тоа како дошло до инцидентот.