Македонија
Чулев: Владата спречува пополнување на работните места и нормално функционирање на МВР

Владата, од една страна, секојдневно ме обвинува дека сум виновен за нејзините неуспеси поврзани со ширењето на коронавирусот, а од друга, и во ваква состојба Оливер Спасовски и неговите послушници во МВР не успеваат да се издигнат над партиските интереси, вели техничкиот министер Наќе Чулев, кој на „Фејсбук“ напиша дека во услови на пандемија и прогласена вонредна состојба МВР со владин заклучок се обврзува да ги стопира огласите со кои се пополнуваат дел од испразнетите работни места.
Според Чулев, ова покажува дека за власта политиката и партиските интереси повторно се поважни од здравјето и животот на граѓаните.
„ДКСК и Управниот суд донесоа одлука и пресуда со која се поништи одлуката на Владата за поништување решенија за распоредување донесени од моја страна и ја потврдија законитоста на моето постапување, но Владата и понатаму продолжува спротивно на законот да се меша во работењето на Министерството за внатрешни работи и да го опструира нормалното функционирање“, нагласува Чулев.
Според него, ваквата постапка на Владата претставува грубо мешање во работата на Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата тврди: Почнува стабилизацијата на здравствениот систем

По една година од преземањето на власта, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги истакнува првите резултати во, како што велат, еден од најзапоставените сектори од претходната власт – здравството.
„Почна процесот на консолидација на јавните здравствени установи низ државата, што вклучува намалување на наследените долгови и екипирање со неопходен здравствен кадар“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, СДСМ оставила здравствен систем во колапс – болници со големи долгови и недостиг на медицински персонал. Новите раководства, со поддршка на институциите, почнале со домаќинско управување и финансиска стабилизација.
„Во изминатиот месец, реализирани се или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во здравството, вклучувајќи лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари, психолози, техничари, хигиеничари и друг неопходен кадар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу болниците што веќе го започнале процесот на вработување се Прилеп, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Во Прилеп, на пример, според податоците, за една година долгот на болницата е намален од 200 на 109 милиони денари. Воедно, во тек е постапка за вработување на 120 здравствени работници, меѓу кои 21 доктор, а се најавува и вработување специјализанти.
Во тетовската Клиничка болница, како што информираат, по долг период е објавен конкурс за трајни вработувања на 119 медицински кадри, а за административниот дел ќе следи посебен оглас преку Агенцијата за администрација.
Во Битола, постапката е веќе започната за десет приватни специјализанти, додека во охридската болница, седум специјализанти (анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар, хирург и двајца гинеколози) веќе се вклучени во работа.
„Консолидирањето на јавните здравствени институции и зајакнувањето на човечките ресурси се суштински дел од стратегијата на Владата за унапредување на здравствениот систем. Не беше лесно, но темелите полека се поставуваат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Македонија гори поради неспособноста на Владата

Повеќе од 100 активни пожари ја зафатија територијата на целата држава, додека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, не презема ништо за навремена и ефикасна интервенција.
„Цела Македонија повторно гори. Поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, изгоре 20% од вкупната површина на шуми и пасишта“, соопштија од СДСМ, оценувајќи дека се работи за „предавство, а не за патриотизам“.
Според партијата, во моментов има активни пожари во речиси сите делови од земјата – Берово, Радовиш, Василево, Прилеп, Македонски Брод, Крива Паланка, Зелениково, Карбинци, Куманово, Липково, Гостивар, Желино, Старо Нагоричане и други општини.
„Граѓаните се оставени сами да се справуваат со огнената стихија. Општина Берово е оставена без државна поддршка, иако пожарот беснее на планината Готен. Само неколку пожарникари, без соодветна опрема и логистика, храбро се борат во тешко пристапни подрачја“, посочуваат од СДСМ.
Партијата потсетува дека минатата година премиерот Христијан Мицкоски ветуваше модернизација на системот за заштита од пожари, но како што велат, реалноста денес е сосема поинаква.
„Наместо нови возила – се купуваат мобилни телефони за 7 милиони евра. Наместо авиони и пилоти – се трошат пари на луксузни летови и морска храна. Наместо пожарникари – се прават партиски вработувања“, обвинува СДСМ.
Од таму додаваат дека итно е потребна сериозна стратегија за справување со пожарите и поддршка на локалните заедници.
Uncategorized
Пожарникарите неуморно и секојдневно на терен, во едно деноноќие се гасеа 33 пожари

Во текот на изминатото деноноќие евидентирани се вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои 12 се активни, пет се ставени под контрола, а 16 се изгаснати.
Активни пожари има во: Василево / Радовиш / Берово – с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација); Прилеп 1 – с. Бешиште, Бешишки Рид, кон с. Градешница (Новаци) и крак кон границата со Р. Грција (мешана шума); Прилеп 2 – активен крак кон с. Дрен, проширен кон с. Галиште (Кавадарци); под контрола помеѓу Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација); Македонски Брод – помеѓу Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација); Желино – помеѓу с. Церово и с. Групчин (нискостеблеста и деградирана шума); Петровец – с. Средно Коњаре, крај р. Пчиња (мешана шума); Зелениково – с. Гумалево (ниска и мешана вегетација); Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума); Старо Нагоричане / Куманово – с. Облавце, Бељаковце, Довезенце, Јачинце (ниска вегетација); Старо Нагоричане – с. Руѓинце (ниска вегетација); Василево 1 – с. Сушево (грмушки и ниска вегетација); и Василево 2 – с. Добрашинци (грмушки и ниска вегетација).
Под контрола се пожарите во: Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева); Македонски Брод 2 – с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума); Струмица – с. Баница и населба Софилари (висока трева); Карбинци – с. Јунузлија (шума); и Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева).
Изгаснати се пожарите во: Сарај 1 – с. Семениште (стрниште и гранки); Сарај 2 – с. Паничари (сува трева); Гази Баба – с. Трубарево (стрниште, грмушки и сува трева); Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна (дива депонија); Кривогаштани – кај депонијата (сува трева и грмушки); Струмица – м.в. Три Води (ниска вегетација и мешана шума); Василево – с. Василево (ниска вегетација); Струга 1 – с. Калишта (ниска вегетација и ѓубриште); Струга 2 – с. Октиси (депонија); Штип – кај м.в. 9-ти км (сува трева); Карбинци – с. Радање (стрниште, сува трева и штала); Куманово 1 – н. Бедиње (ниска вегетација); Куманово 2 – с. Табановце (сува трева); Куманово 3 – ул. Никола Тесла (сува трева); Куманово 4 – с. Тромеѓа (сува трева); и Теарце – с. Непроштено (сува трева).