Македонија
Пауновски: Поднесени се 26 кривични пријави против угостители

Директорот на пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, рече дека од четвртокот до сега издале 856 опомени за угостителите кои не ги почитувале протоколите, а откако по вторпат биле прекршени, инспекторите поднеле 26 кривични пријави.
Пауновски повика сите да се придржуваат до протоколите, за кои кажа дека е можно да се изменат со цел поголема контрола.
„Во четвртокот издадовме 856 опомени на угостителските субјекти, а во врска со спроведувањето на протоколите за работа. Од денот кога почнавме да ги казнуваме тие кои ќе ги прекршат протоколите, Пазарниот инспекторат има поднесено 21 кривична пријава и пет се во фаза на постапка, односно денеска или утре ќе бидат доставени. Во викендот и вчера поднесени се 26 кривични пријави. Во истиот тој период констатирано е дека дел од угостителите кои почнале со работа во летните тераси, имаше и такви кои се нерегистрирани. Во текот на овие контроли, регистрирани се прекршувања по тој основ на 41 субјект за кои се изречени прекршочни пријави и издадени се платни налози“, рече Пауновски.
Според него, голем дел на угостителите ги почитуваат протоколите.
„Не сакаме по два и пол месеци затворени угостителски објекти, повторно да прибегнуваме кон мерката на затворање на оние кои нема воопшто да ги почитуваат протоколите. Сите овие протоколи, кои ги носи Владата, се пред сè за заштита на тие кои го организираат угостителството, здравјето на оние кои ги посетуваат угостителските објекти. Ништо не е тешко ако сакаме нешто да спроведеме, бидејќи се работи за здравјето на сите“, додаде Пауновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Невидена партизација во тек, единствениот пат до вработување е или преку партија или преку граница, велат од СДСМ

„Во државата на ДПМНЕ, нема институција која не е подложена на груба партизација пред изборите. МНАВ, Министерството за одбрана и уште десетина институции со преку 700 огласи за работа се предмет на вдомување исклучиво партиски подобни лица. Вакава груба партизација е незапаметена во историјата на државата. Стручни и квалитетни кандидати се отфрлаат секаде, а местата се полнат со партиски луѓе. Се партизира секоја позиција, па дури и личните асистенти за децата со посебни потреби“, велат од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ ја уништува последната капка надеж кај младите дека може да се вработат според квалификации и знаење. Каде е министерот Минчев да излезе и да објасни како се професионализирала администрацијата? Администрацијата никогаш не била на посилен удар, не е ни чудо што лани преку 17.000 луѓе се иселиле. Оваа бројка секојдневно ќе расте. ВМРО-ДПМНЕ надежта ја претвори во очај.
Само ако се анализираат вработувањата во МНАВ, целата работа е јасна. Вработувањето на Атанас Стамнов, човек без никакво искуство во воздушниот сообраќај, е само почеток. Негова сопруга е Анита Стамнова, директор на Централниот регистар. Братот на претседателот на управниот одбор, Владимир Ристовски, кој е чист партиски кадар од Карпош, е унапреден.
Во Министерството за одбрана се случува уште поголема манипулација. Во конкурсот за 60 места за стручно оспособување на офицери, 74 кандидати успешно ја поминале селекцијата, но само 29 имиња се нашле во решението. Министерството за одбрана ја лаже јавноста тврдејќи дека тие кандидати ќе бидат пренасочени во “втора група” за курсисти, што е целосна манипулација.
Нема да има втора група, туку нов оглас за нови кадри кои се подобни и кои ќе ги чуваат местата за нив.
Граѓаните треба да бидат свесни дека пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна: нема место во оваа држава за чесните, работливи, оние кои вложувале во себе и својот развој. Единствениот пат до успехот е или преку партијата или преку граница. Токму ваквиот систем граѓаните се надеваа да се промени, но тој не само што не се промени, туку за прв пат се надгради до мера на уништување на целото општествено ткиво“, соопшти СДСМ.
Македонија
„Додека Филипче и Заев уживаат во сомнително стекнатиот капитал, во Скопје Коцевски ги брани со сите сили за да им го штити капиталот и украдените пари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Не е проблем што Венко Филипче отишол на одмор, проблем е неговото лицемерие. Додека Венко Филипче ужива на јахта во Белото Море, неговата СДС во исто време хушка и потпалува пожари, додека во исто време држат пресови за ширење на паника и страв“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Венко Филипче во друштво на Зоран Заев уживаат во сомнително стекнатиот капитал, во Скопје нивниот Љупчо Коцевски го бранат со сите сили за да им го штити капиталот и украдените пари.
Додека во Грција на јахта Венко Филипче покажува колку е одлепен од реалноста, во Скопје лажат дека им е грижа за работниците и стандардот на граѓаните.
Венко Филипче ужива со Зоран Заев на јахта во Грција, оваа фотографија која ја објавија медиумите го покажува целиот раскош и раскалашеност на СДС и нивното раководство.
Венко Филипче со неговиот тутор Зоран Заев покажаа врвно лицемерие.
Затоа, Венко Филипче и Зоран Заев се дел од срамното минато на државата и не се никаква иднина“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Герасимовски: Детска атлетика со Кокан Ајановски на Кејот на Вардар

Градоначалникот Горан Герасимовски ги поканува сите деца од Скопје, заедно со нивните родители да се приклучат на спортска дружба и забава со познатиот македонски атлетичар Кокан Ајановски. Настанот ќе се одржи во среда, 13 август, со почеток во 19:00 часот кај скалите под Хотел „Парк“ на Кејот на Вардар и е во рамки на проектот „На одмор сум, во Центар сум“.
Дечињата ќе имаат можност да трчаат заедно со Кокан, да научат повеќе за атлетиката и да уживаат во позитивната енергија на спортот.
Герасимовски истакнува дека со овие активности им нудиме на децата што летово остануваат во градот можност за дружење, забава и нови спортски искуства.
„Верувам дека ваквите спортски дружби се најдобриот начин децата да го поминат летото активно и креативно. Нашата цел е да им создадеме моменти кои ќе ги паметат, но и да ги поттикнеме да го засакаат спортот како дел од нивното секојдневие. Спортот не само што го зајакнува телото, туку гради и тимски дух, дисциплина и самодоверба која е важна за развојот на децата. Ве чекаме во среда на Кејот на Вардар“, вели Герасимовски.
Настанот „На одмор сум, во Центар сум“, се реализира во рамки на Програмата за култура на Општина Центар за 2025 година. Целта е да се збогатат спортските, рекреативните и културните содржини за учениците кои не заминале на летен одмор.