Македонија
67 новозаразени, еден починат и нов кластер во Тетово
Во последниве 24 часа од 868 тестови, регистрирани се 67 позитивни пациенти на коронавирусот, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Еден пациент починал во последново деноноќие, а 25 лица се оздравени.
На клиниката за Инфективни болести примени се шест нови пациенти. На клиниката има вкупно 40 пациенти, од кои нема пациенти кои дишат со помош на респиратор, а 16 се на кислородна поддршка.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 27 пациенти, од кои шест дишат со помош на респиратор.
На Инфективното одделение во Битола има 7 пациенти, во Штип – 14, а во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп има 27 хоспитализирани пациенти.
Филипче изјави дека има нов кластер во Тетово, од еден правен субјект и 40 лица оттаму се во изолација. Раст на бројот на заболени има и во Липково.
Подетални информации за дистрибуцијата по општини, Филипче најави за подоцна во текот на денот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Против насилството врз жените, за безбедна средина
Општина Центар активно се вклучува во иницијативите за подигнување на свеста и спречување на насилството врз жените и девојчињата. По повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, градоначалникот Герасимовски ја истакна важноста од давање поддршка за жртвите и превенција во справувањето со овој сериозен проблем.
„Покрај психичкото и физичкото насилство врз жените кое е секојдневно, особено загрижува растечкиот тренд на онлајн насилство. Општина Центар ќе продолжи да создава поддржувачка средина, да ги поттикнува жртвите да го пријавуваат насилството, ќе ја засили соработката со институциите и стручните служби и ќе организира активности за едукација на младите за опасностите од дигиталнaта агресија“, истакна Герасимовски, посочувајќи ги последните истражувања според кои речиси 70 проценти од жените во земјава биле изложени на ваков вид вознемирување.
Општина Центар преку соработка со Националниот совет за родова рамноправност овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство или биле било како злоупотребени. Овие услуги се обезбедуваат од страна на стручни тимови од различни области со цел да им се понуди соодветна помош и поддршка на сите на кои им е потребна.
Македонија
Пожар во Адвокатската комора на Македонија: непознато лице насилно влегло и го предизвикало истиот
Адвокатската комора на Република Северна Македонија најостро го осудува насилниот напад кој се случи ноќеска, на 25 ноември 2024 година, околу 3:30 часот по полноќ, кога непознато лице насилно влегло во Комората и предизвикало пожар.
Пожарот, како што соопштија од комората брзо бил изгаснат од противпожарните екипи, но била предизвикана значителна материјална штета.
„Најважно е што, благодарение на брзата реакција на надлежните, нема човечки жртви. Овој акт на насилство не само што претставува сериозна закана за безбедноста на вработените во институцијата, туку и на граѓаните кои живеат во непосредната близина на деловниот простор на Комората. Нападот врз Адвокатската комора не е само напад врз еден правен субјект, туку е напад врз целокупната адвокатура и правниот систем во Република Северна Македонија. Поради ова ја изразуваме нашата најдлабока осуда за ваквото насилство и нагласуваме дека ваквиот напад е апсолутно неприфатлив. Овој чин на насилство и вандализам е сериозна закана за јавната безбедност и правниот поредок во земјата, и не може да се оправда под никакви околности“, се нагласува во официјалното соопштение.
Ги повикуваат надлежните органи да дејствуваат брзо и ефективно за да се идентификуваат и приведат одговорните за овој напад.
Ваквиот напад, според нив, не смее да остане неказнет, а одговорните мора да се соочат со последиците од своите дејствија и да бидат најстрого казнети.
Комората, како што е истакнато во информацијата, останува посветена на заштитата на правата на адвокатите, граѓаните, како и на создавање на опкружување во кое сите институции ќе можат да работат без страв и загриженост, а притоа правото и правдата ќе останат неприкосновени.
Македонија
Директорот на Царинска управа: Националниот едношалтерски систем се имплементира со висока вклученост на сите институции
Имплементацијата на Националниот едношалтерски систем ќе овозможи подобрување на условите за водење бизнис и забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ, информира директорот на Царинската управа. Притоа во процесот на имплементација на системот од клучно значење е активна вклученост на највисоко ниво на сите 15 институции коишто се вклучени во процесот на издавање на дозволи, лиценци и сертификати. Целта е, според првиот човек на Царина, компаниите да добијат подобри услуги преку целосна дигитализација и отстранување на бирократските процедури, како и намалување на трошоците и времето на чекање потребно за завршување на извозните и увозните постапки. Ова беа клучните пораки на денешниот состанок на Управувачкиот комитет за Национален едношалтерски систем, што на иницијатива на директорот на Царинска управа Бобан Николовски беше одржан во Царинската управа. На состанокот беа присутни директори и високи претставници на 15 институции, претставници на Светска банка како финансиери на проектот и претставници од конзорциумот.
Националниот едношалтерски систем ќе овозможи компаниите на едно место да ги поднесуваат барањата и документите до повеќе владини агенции коишто се вклучени во прекуграничната трговија. Притоа новиот систем ќе овозможи целосна дигитализација на процесите на издавање дозволи и лиценци и нивно плаќање.
Воедно системот ќе придонесе за поедноставување на процедурите, намалување на времето и трошоците за водење бизнис како и зголемување на транспарентноста. Истовремено преку колективно користење на податоците од страна на институциите, ќе се овозможи унапредување на анализата на ризик и зголемување на безбедноста, велат надлежните во оваа институција.