Македонија
МТСП и Канцеларијата на УНИЦЕФ обезбедија 500 пакети со дидактички материјали за деца со попреченост

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ обезбеди 500 пакети со дидактички материјали за децата со попреченост кои посетуваат дневни центри во 30 општини во државата и за децата со попреченост кои беа опфатени со процесот на деинституционализација и кои продолжија да живеат во мали групни домови во Демир Капија, Неготино, Битола и Скопје.
Со спроведувањето на мерките за заштита од пандемијата и привременото затворање на училиштата, градинките и дневните центри, многу родители на деца со попреченост ја изгубија секојдневната поддршка. За да продолжи поддршката на оддалеченост, специјалните едукатори, психолозите и социјалните работници вработени во дневните центри обезбедуваат онлајн или телефонски совети за користење на дидактичките материјали, психосоцијална поддршка и изработка на прилагодени индивидуални едукативни програми со корисниците на дневните центри и нивните семејства за полесно спроведување на активностите во домашни услови.
Создавањето можности за учење и игра во домашни услови е особено важно за ранливите семејства кои се грижат за деца со попреченост поради нивниот недостиг на средства и пристап до други мрежи за поддршка. Обезбедувањето дидактички материјали исто така ќе помогне во остварување на активностите кои ги спроведуваат тимовите составени од психолози и специјални едукатори кои работат со децата без родителска грижа во малите групни домови.
Како дел од пошироката соработка на УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика, во партнерство со „Отворете ги прозорците“, а со финансиска поддршка од Амбасадата на Велика Британија, се одржуваат работилници за обука на вработените во дневните центри за да продолжат со трасирање на процесот на транзиција на дневните центри во центри на ниво на заедницата за поддршка на децата со попреченост и нивните семејства и старателите. Центрите за поддршка ќе обезбедуваат разновидни услуги прилагодени кон потребите на семејствата, ќе поттикнуваат поголема вклученост на заедниците и ќе работат на рана интервенција за да се олесни инклузијата на децата со попреченост во образованието и во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити го претстави мега-спортскиот проект во Чаир

Првиот Заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, денес го претстави најголемиот спортски проект во историјата на Чаир, трансформација на напуштениот базен во нов, модерен спортски и рекреативен центар.
Овој амбициозен проект, конципиран по примерот на познатите спортски центри „Јане Сандански“ во Аеродром и „Борис Трајковски“ во Карпош, има за цел да донесе мултифункционален центар според европски стандарди, во срцето на Чаир.
„Комплексот ќе содржи: голема спортска сала за ракомет, одбојка и кошарка со капацитет од над 3.000 гледачи, затворен фитнес центар, сали за пинг-понг и боречки спортови како карате и бокс; како и надворешни игралишта за мал фудбал и две кошаркарски игралишта – отворени и достапни за сите граѓани”, информираше Меџити.
Според него, проектот ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство, при што Општина Чаир ќе ги обезбеди сите правни и институционални предуслови во целосна соработка со централната власт.
„Инвеститорот што ќе биде избран, ќе има обврска да изгради центар што ги исполнува современите стандарди и да понуди одржлив модел на функционирање. За возврат, ќе има право да го користи комплексот во рок од 20 до 30 години“, изјави Меџити.
Тој додаде дека по истекот на тој период, овој модерен спортски и рекреативен центар ќе стане целосна сопственост на Општина Чаир и на сите наши граѓани. Со одлука на Влада на РСМ е дадено на трајно користење на Општина Чаир и Општината може да управува односно да ги спроведе сите процедури кои се потребни за реализација на овој проект.
Време е и Чаир да добие спортски центар од европски ранг, порача Меџити за време на презентацијата.
Македонија
(Видео) Полицискиот хеликоптер денеска фрли повеќе од 30 тони вода врз дел од пожарите

Денеска полицискиот хеликоптер Бел 412 беше ангажиран во два наврати за гасење пожар во реон на село Русиново и во реон на село Никуштак на Скопска Црна Гора и притоа исфрли преку 30 тони вода, соопшти МВР.
– Активностите на полициските хеликоптери продолжуваат и во наредните денови, се до целосно гасење на пожарите на територијата на целата држава, известува МВР.
Македонија
Меџити: Работа, не зборови-започнува целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во Чаир!

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи за целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во населбата Топхана.
Овој проект е еден од многуте инфраструктурни зафати што Општина Чаир ги реализира со цел подобрување на животните услови на граѓаните, изјави Меџити пред присутните жители.
„Инвестицијата, во вредност од околу 3 милиони денари, е финансирана преку Вториот повик на Владата за поддршка на општините. Работите опфаќаат целосно асфалтирање“, истакна Меџити.
Тој додаде дека оваа инвестиција ќе овозможи побезбедна, пофункционална и поодржлива инфраструктура за жителите на оваа населба, директно придонесувајќи за зголемен квалитет и удобност на живеењето.
„Овој проект е конкретен доказ за нашиот модел на управување, професионалност, ефикасност и постојан фокус кон граѓанинот. Секоја интервенција во инфраструктурата е чекор кон поразвиен, помодерен и поинклузивен Чаир“, изјави Меџити во своето обраќање.
Општина Чаир, додаде Меџити и во следните четири години ќе продолжи со реализација на слични проекти кои имаат за цел создавање на квалитетна, безбедна и достапна урбана средина за сите граѓани.