Свет
„Сакс фифт авенју“ со бодликава жица се штити од грабежи
„Сакс фифт авенју“ ја обвитка својата клучна продавница на Менхетн со бодликава и со жилет-жица за да ги спречи крадците да ги искршат излозите, да влезат внатре и да избегаат со скапите производи, дознава „Њујорк пост“.
Компанијата исто така ангажираше и приватни чувари со специјално обучени кучиња за заштита на просториите, по грабежот во славната стоковна куќа „Мејсис“ на Хералд сквер во понеделникот вечерта.
Во „Сакс“, работниците во вторникот попладне почнаа да ја закачуваат бодликавата жица врз иверката што беше претходно поставена за да ги покрие славните излози на луксузната продавница. Во втората фаза од работата, работниците ја засилија оградата со жилет- жица по горниот раб.
Најмалку седум германски овчари и питбул кучиња им прават друштво на чуварите кои ќе ги користат кучињата за патрола надвор од продавницата во обид да ги одвратат ограбувачите.
„Господе, се надевам дека тие нема да се појават и сè ќе одвива непречено“, рече еден чувар, кој предупреди дека кучињата не се пријателски расположени.
Покрај жицата и чуварите, „Сакс“ изнајмил четири огромни рефлектори – по вкупна цена од повеќе од 16.000 американски долари – за да ги осветли улиците околу продавницата.
Њујоршката полиција има пристап до снимка во живо од камерите за надзор на покривот на „Сакс“ и другите блиски луксузни продавници и планира да ги следи протестите како што тече ноќта, соопштија полициски извори. Дополнителни полицајци беа распоредени во областа поради зголемено насилство и грабежи за време на протестите што почнаа во градот во четвртокот.
Неколку стотици демонстранти кои маршираа по Петтата авенија поминаа покрај „Сакс“ кусо по 19 часот, предизвикувајќи гласно лаење од кучињата, а многу луѓе во толпата ги фотографираа возбудените кучиња. Контингент од околу 30 полицајци ги следеше активистите кои маршираа кон север.
Нередите таму и на други места во градот го натераа гивернерот Ендрју Кумо да каже дека градоначалникот Бил де Бласио и Њујорк не си ја завршиле својата работа, а претседателот Трамп да побара активирање на Националната гарда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

