Македонија
Отфрлена кривичната пријава против кумановскиот градоначалник за непочитување на мерките за заштита
Кумановското основно јавно обвинителство донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, и раководителот на Центарот за управување со кризи од општина за наводно сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи.
Од обвинителството велат дека не се утврдени елементи на сторени кривични дела кои се гонат по службена должност.
Во кривичната пријава од 24 април годинава имало наводи дека лицата за време на епидемијата постапиле спротивно на здравствените прописи, на начин што откако претходно биле тестирани и им било дијагностицирано присуство на вирусот Ковид-19, се упатиле на дополнително тестирање во Скопје во три приватни лабаратории, иако не смееле да го напуштаат просторот каде што биле сместени.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово констатирал дека пријавените како асимптоматски носители на вирусот и лица кои поради нивната здравствена состојба спаѓаат во група на висикоризичи пациенти, побарале дополнително тестирање и второ стручно мислење за сопствената здравствена состојба, што е согласно Законот за заштита на правата на пациентите.
„Пријавените извршиле консултација со матичните лекари и закажале контролен преглед на Инфективното одделение во Општата болница Куманово за 22 април годинава. Еден од пријавените приватно ангажирал и платил од сопствена сметка амбулантно возило со кое утрината, истиот ден, двајцата пријавени биле превезени во Скопје и обратно за контролни тестирања во приватни болници и лабораторија. Превозот во амбулатното ‘ковид-возило’ бил извршен согласно со медицинските протоколи, под целосна заштитна опрема на возачот и пациентите. Нивниот превоз, пријавените уредно го пријавиле телефонски на 192 во Центарот за известување и командување при СВР Куманово, а согласно решенијата за домашна изолација каде стои дека ‘доколку лицето во текот на лекувањето и изолацијата во домашни услови има потреба од болничко лекување, претходно треба да се јави на телефонскиот број со цел да му биде овозможено напуштање на домот’“, се наведува во образложението на Основното јавно обвинителство Куманово.
Притоа, иако резултатите од извршеното тестирање во Скопје биле негативни, двајцата пријавени сепак останале во домашна изолација до истекот на рокот од 14 дена и до добивање на два последователни негативни резултати од овластената лабораторија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

