Свет
Поранешниот шеф на МИ6: Коронавирусот бил по грешка ослободен од кинеска лабораторија

Сер Ричард Диерлов, поранешен шеф на британската тајна разузнавачка служба (МИ6), изјави за поткастот„ Планет нормал“ на Телеграф дека научен извештај објавен од норвешко-британски истражувачки тим сугерира дека пандемијата на Ковид-19 е резултат на респираторен вирус кој „избегал“ од лабораторија во Кина.
Нова студијата покажува дека епидемијата почнала како неисправен експеримент во Кина, вели Диерлов, а извештајот што го цитирал наводно, бил „ублажен“ за да се тргнат обвиненијата против Пекинг.
„Сметам дека ова почнало како несреќа“, рече сер Диерлов, кој ја водеше МИ6 од 1999 до 2004 година.
Ова го поставува прашањето: ако Кина некогаш ја признае одговорноста, дали ќе плаќа отштета? Ова ќе ја натера секоја земја во светот да размисли како ги третира своите односи со Кина и како се однесува меѓународната заедница кон кинеското раководство.
Диерлов посочи дека вирусот не бил ослободен намерно туку случајно излегол додека кинеските научници експериментирале со коронавируси кај лилјаците. Во студијата на британско-норвешкиот тим се тврди дека биле пронајдени вметнати делови поставени на површината на SARS-CoV-2 Spike што овозможуваат вирусот да стапи во контакт со човечки клетки.
Диерлов изјави за „Телеграф“ дека студијата била препишана неколку пати. Истражувачкиот труд првично предлагал новиот коронавирус да се нарече „вирус Вухан“ – по името на кинескиот град каде што за првпат е регистриран – и тврди дека докажал оти вирусот е „дизајниран“, објави весникот, повикувајќи се на претходен нацрт од студијата.
„Телеграф“ исто така вели дека истражувачите од институтот „Френсис Крик“ и од Кралскиот колеџ во Лондон ги отфрлиле заклучоците на студијата, а водечките академски списанија како „Нејчр“ и „Журнал оф виролоџи“ сметале дека студијата е несоодветна за објавување.
Во извештајот се вели дека еден од оригиналните автори на студијата го повлекол своето име од истражувањето пред трудот да биде „разводнет“ за да се отстранат сите експлицитни обвинувања против Пекинг. Сепак, разузнавачките служби, наводно, ги разгледале неговите откритија пред објавувањето.
Од првите недели од појавата на Ковид-19, некои медиуми и некои западни политичари тврдат дека вирусот SARS-CoV-2 можеби потекнува од виролошка лабораторија од висок профил во Вухан. Американските власти се особено заинтересирани да ја обвинат Кина, а претседателот Доналд Трамп рече дека земјата мора да ги надомести штетите предизвикани од пандемијата.
Пекинг континуирано ги негираше овие тврдења.
Кон крајот на април, Канцеларијата на американскиот директор за национално разузнавање изјави дека вирусот не бил создаден или генетски модифициран. Исто така, разузнавачки извори изјавија за „Гардијан“ минатиот месец дека нема докази оти коронавирусот е ослободен од кинеска лабораторија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нов Зеланд воведува даноци за странски туристи на најпознатите природни локации

Нов Зеланд планира да почне да им наплаќа влезници на меѓународните туристи за своите познати природни места и да им го олесни работењето на бизнисите на заштитено земјиште, како дел од контроверзниот предлог за „ослободување“ на растот во еколошки и културно заштитените подрачја.
Посетителите ќе плаќаат до 40 новозеландски долари за пристап до одредени атракции во наредните години, како дел од реформата на законите за заштита на природата.
Владата планира да им наплаќа на странските посетители 20-40 новозеландски долари (12-24 американски долари) по лице за пристап до некои места.
Овие такси би биле воведени од 2027 година, пишуваат медиумите.
Министерката за заштита на природата, Тама Потака, рече дека овие такси би можеле да донесат 62 милиони новозеландски долари годишно, „за да можеме да продолжиме да инвестираме во локациите што ја формираат основата на голем дел од нашиот туристички сектор“.
Најавите на владата се дел од поширока реформа на законите за заштита на природата, што исто така ќе ја олесни продажбата или размената на заштитено земјиште и ќе овозможи спроведување на повеќе активности во заштитените подрачја без потреба од дозвола.
„Во духот на давање зелено светло за повеќе работни места, поголем раст и повисоки плати“, владата ќе „ослободи нов бран концесии“, вклучително и во туризмот, земјоделството и инфраструктурата на одредени локации, изјави премиерот Кристофер Лаксон во саботата.
Заштитеното земјиште е јавна сопственост и сочинува една третина од територијата на Нов Зеланд. Опфаќа области со биодиверзитет, историско или културно значење.
Свет
Почина поранешниот претседател на Романија, Јон Илиеску

Поранешниот претседател на Романија, Јон Илиеску, почина денес на 96-годишна возраст, објави претседателот на Социјалдемократската партија (ПСД), Сорин Гриндану.
На почетокот на јуни, Илиеску беше примен во болница, каде што беше опериран од рак на белите дробови, а во текот на последните неколку дена неговото здравје брзо се влоши. Според медицинските извештаи, неколку органи откажаа, објавува „Аѓерпрес“.
Јон Илиеску беше претседател на Романија двапати од 1990 до 1996 година и повторно од 2000 до 2004 година. Тој беше првиот посткомунистички претседател на Романија по револуцијата во 1989 година, во која одигра водечка улога.
Илиеску беше лидер на Националниот фронт за спас, кој подоцна прерасна во Социјалдемократска партија. За време на неговиот мандат, Романија стана членка на НАТО и започна преговори за пристапување кон Европската унија.
Фото: принтскрин
Свет
Лидерот на Хезболах: Ако војната со Либан продолжи, ракети ќе паѓаат врз Израел

Лидерот на Хезболах, Наим Касем, денес му се закани на Израел дека „ракети ќе паѓаат“ врз таа земја ако војната против Либан продолжи. Тој додаде дека Хезболах, либанската армија, како и либанскиот народ, ќе продолжат да се бранат доколку Израел започне „агресија од големи размери“.
„Нашата одбрана ќе предизвика ракети да паѓаат врз ентитетот Израел, а целата безбедност што ја изградија осум месеци ќе се распадне за еден час“, рече Касем, објави Ројтерс.
Израелската војска минатата недела изврши неколку воздушни напади врз инфраструктурата на Хезболах за производство и складирање на стратешко оружје во јужен Либан и источната долина Бека. Беше објавено дека оваа армија ги смета активностите на Хезболах за кршење на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан.
Фото: ЕПА