Македонија
Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на Љубе Бошкоски за случајот „Кампања“

Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, за случајот „Кампања“. Како што се вели во пресудата, одлуката се базира врз фактите за неправедност при водење на судската постапка и неоправдано исклучување на јавноста од целиот процес, како и прекршување на Законот при сослушување на заштитетниот сведок, соопшти партијата.
Според Обединети за Македонија, судот ја задолжи државата да му исплати на Љубе Бошкоски парична отштета, но и исплата на затезни камати во рок од три месеци од правосилноста на одлуката, односно пресудата.
„Ова за мене лично е голема победа и предупредување – ниедна друга власт во иднина, особено не извршната, така брутално како во режимот на Никола Груевски не треба да се меша во судската власт“, вели претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
„Сите средства што ќе ги добијам како отштета за неправедната робија во ‘Идризoво’ ќе ги дадам во цели поврзани со правдата. Очекувам оваа пресуда од Стразбур да ги иницира надлежните македонски тела, кои, според договорот со Стразбур, мора да спроведат постапка во Македонија, каде што ќе бидат вклучени највисоките претставници на судската власт, кои треба да му дадат одговор на Стразбур што е следниот чекор во однос на оваа пресуда. Очекувам да иницираат овој монтиран судски процес да биде обновен во една праведна постапка со ослободителна пресуда.
Оваа пресуда на Судот за човекови права дефинитивно потврдува дека постоеше режим раководен од Никола Груевски, кој ги жигосуваше политичките неистимисленици, во еден разработен систем во кој беа вклучени и учествуваа сите сегменти од општеството. Почнуваше со медиумски напади и црна кампања за да се создаде основа и оправданост кај јавноста за подоцнежната политичка и монтирана пресуда.
Јас ја иницирав оваа постапка во Стразбур со цел да се дојде до вистината, да се тргнат сите невистини од моето име, сите лаги што беа кажани, а немав можност од затвор никогаш да реагирам и да ја кажам вистината. Моите години во затвор од една деценија никаква пресуда не може да ми ги врати, ниту годините ниту моментите без моето семејство. Тоа никакви пари веќе не може да го надополнат. Hо, мојата жртва нека биде само моја, во мене нема никаков порив за реваншизам и освета, но имам желба ова да не се повторува. Нека бидам пример како не треба да функционира една правна држава“, додава Бошкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев: 11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност

„11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност, да ја унапредуваме татковината со обединети сили, знаење и заедништво. Само така ќе обезбедиме стабилна и просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат“, порачува министерот за за јавна администрација Горан Минчев во честитката упатена по повод 11 Октомври.
– На овој ден се сеќаваме на храбрите мажи и жени кои, пред повеќе од осум децении, храбро се спротивставија на тиранијата и ги поставија темелите на борбата за слободна и праведна Македонија. Нивната жртва и визија за подобро утре се наша водилка денес, да продолжиме да градиме општество засновано на демократија, еднаквост и солидарност, вели Минчев во честитката.
Македонија
Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври: Да ја сочуваме визијата и храброста на оние што тргнаа во востанички марш

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи дека овој датум претставува темел на македонската државност и потсетник на храброста, жртвата и единството на нашиот народ.
„Со срдечни честитки го одбележуваме денешниов голем празник, кога им оддаваме почит на сите кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани,“ порача Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека востаниците „со крв ја остварија визијата на своите претци за слободна и независна држава“, додавајќи дека нивната борба покажала дека „земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор“.
„Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК,“ нагласи претседателката.
Сиљановска Давкова потсети дека токму обединетоста и сплотеноста биле клучот за победа над неправдата и насилството: „Во драматичните денови на Втората светска војна покажавме дека без оглед на социјалната, етничката, верската или идеолошката припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, 11 Октомври не е само потсетување на славната епопеја, туку повик за нејзино продолжување – со дијалог во мир.“
Во својата порака, претседателката се осврна и на современите предизвици со кои се соочува државата:
„Живееме во тегобно време на војни и закани, оптоварени со проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки.“
„Повторно мора да бидеме обединети и сплотени ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија и спремни за жртвување во ослободителната мисија,“ порача Сиљановска Давкова.
„Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“ – стои во честитката на претседателката на државата.
Македонија
Денес се одбележува Денот на народното востание

Во земјава денеска се одбележуваат 84 години од почетокот на народното востание кое почна во 1941 година во Прилеп и Куманово. Со ова започна востанието против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ.
Празникот годинава ќе биде одбележан со свечена академија во Прилеп и доделување на истоимената награда во Скопје.
Свечената академија под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“ ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на неа, според најавата од владината прес-служба, ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Во Скопје, во Собранието ќе бидат доделени годинашните награди „11 Октомври“. Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе им биде врачена на актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент проф. Летка Димовска и на продуцентот и промотор на македонската уметност Иво Јанкоски. Во областа на науката и образованието годинава наградата ќе му биде врачена на проф. д-р Константин Димитров, машински инженер и на академик Глигор Јовановски, хемичар.