Регион
Под српско-унгарската граница откриен тунел за шверц на мигранти
Минатиот викенд унгарската полиција спречила повеќе од 300 мигранти илегално да влезат на територијата на Европска Унија, пренесува РТС. Граничните полицајци пронашле 54 лица, кои се обидувале да ја прескокнат или да ја пресечат жичената ограда на унгарско-српската граница, а 258 мигранти биле пронајдени во граничната зона без документи.
Повеќето од нив се декларираат како Сиријци, а потоа следуваат граѓани на Ирак, Иран, Авганистан и Палестина.
Полициските службеници во округот Бац-Кискун, во соработка со унгарската војска, откриле тунел под жичената ограда на границата, во близина на градот Морахал. Унгарската полиција смета дека тунелот висок 40 сантиметри и долг 24 метри бил користен за шверцување мигранти од српската кон унгарската страна.
Тоа е трет подземен премин под оградата што унгарските гранични власти го откриле минатата година во тоа подрачје, пренесува РТС.
Говорејќи на националната телевизија „М1“, Џерџ Баконди, советник за национална безбедност на унгарскиот премиер, рече дека илегалната миграција би можела да се запре ако има политичка волја на државите на нивниот пат да ги затворат границите за нив, што се покажа за време на епидемијата на коронавирусот.

По неколкумесечното затишје поради пандемијата и затворените граници, Унгарија повторно бележи големо зголемување на бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да стигнат до Европската Унија од крајот на мај. Речиси 900 обиди за илегално преминување на границата беа забележани минатата недела.
Унгарските власти повторуваат дека Унгарија нема да ја отстрани оградата на унгарско-српската граница, туку ќе ја зајакне одбраната на шенген-границите со цел да се зачува безбедноста на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.
Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.

