Македонија
Нова австриска помош преку механизмите на ЕУ и НАТО
Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во присуство на амбасадорот на Република Австрија, Георг Вуцас, и шефот на НАТО-канцеларијата за врски во Скопје, полковник Зоран Јанковиќ, денеска во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје ја прими донацијата, која вторпат во рок од еден месец Република Австрија ја обезбеди за нашта земја како поддршка во борбата против Ковид-19.
Помошта е обезбедена преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија (UCPM) и Координативниот центар за реакција при елементарни непогоди на НАТО (EADRCC).
Амбасадорот Вуцас во оваа пригода истакна дека ќе следува дополнителна помош од страна на Австрија, а во фокусот на австриската помош за Ковид-19 ќе бидат земјите од Западен Балкан. Воедно, тој потсети и на австриската понуда за прием на пациенти од Северна Македонија во австриските болници за кои е неопходен итен болнички прием и интензивна нега.

„Се работи за 500 пакети со средства за одржување нична хигиена за едно петчлено семејтво“, објасни Жерновски, притоа упатувајќи благодарност до амбасадорот Вуцас, до владата на Австрија и до австриските граѓани за нивната несебичност и солидарност во време на криза, со што само се потврдува поддршката што Република Австрија во континуитет ѝ ја дава на Република Северна Македонија.
„Вирусот не препознава граници и само заедно можеме да го совладаме. Австриската помош пристигна во вистинско време и за вистинска намена имајќи предвид дека во периодот што следува ќе имаме потреба од вакви средства во големи количини“, додаде Жерновски, при што потенцира дека денешната помош од Австрија не претставува случајност, туку континуитет на добрите меѓусебни односи бидејќи Австрија и претходно обзезбеди помош за земјата, која се состоеше од шатори, ќебиња, генератори за електрична енергија, душеци и постелнина за еднократна употреба.
Република Северна Македонија како членка на НАТО го активира механизмот за цивилна заштита во услови на вонредни состојби на евро-атлантскиот Центар за координиран одговор во случаи на катастрофи и во таа насока во неколку наврати доби неопходна асистенција од страна на своите сојузници преку овие механизми. Жерновски, имајќи го предвид токму овој факт, потенцира дека сојузниците секогаш заеднички одговораат на предизвиците, а членството во НАТО ни овозможи поголема сигурност и стабилност, како и можност полесно да се справиме со овој здравствен, но истовремено и економски предизвик“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

