Свет
Германија нема да го санкционира Израел поради евентуалната анексија
„Германија нема да го санкционира Израел поради планираната анексија на делови од Западниот Брег“, изјави дипломатски претставник во Ерусалим, но додаде дека овој потег ќе предизвика затегнување на односите, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Берлин нема да воведе санкции против Ерусалим или да преземе чекори за признавање на палестинската држава, вели официјалниот претставник, и покрај цврстото спротивставување на Германија за анексија.
„Германија нема да оди во крајност“, рече тој. „Германците не се за санкции и нема да ја признаат палестинската држава. Тие се прагматични. Нивната главна цел е да се гарантира регионалната стабилност. Тие не сакаат да предизвикаат голема вознемиреност. Наместо тоа, ќе бараат начини да нè охрабрат нас и Палестинците да се вратиме на разговорите“.
„Но, ги познавам Германците – нивниот одговор, најверојатно, ќе биде повеќе во областа на атмосферата“, вели официјалниот претставник. „Ќе станат помалку отворени за нас и нашите грижи и можеби ќе биде потешко да ги натераме да ни помогнат во разни арени“.
Неговите забелешки доаѓаат пред планираната посета на германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, за средба со неговиот израелски колега Габи Ашкенази. Според официјалниот претставник, кој побара да остане анонимен, Германија веројатно ќе ги процени реакциите на соседите на Израел пред да заземе став.
„Ако видат дека реакциите на Јордан и на Египет ќе бидат помалку груби отколку што се очекуваше, и Германците ќе бидат порасположени за простување“.
Јордан се закани дека ќе го откаже својот мировен договор со Израел ако тој продолжи со анексијата. Според израелските медиуми, Мас планира да го предупреди премиерот Бенјамин Нетанјаху против овој потег оти тоа ќе им наштети на врските на Израел со ЕУ, како и со Германија.
Мировниот предлог на администрацијата на Трамп предвидува Израел да анектира 30 отсто од Западниот Брег и долината на Јордан. Според коалицискиот договор меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана, Бени Ганц, анексијата би можела да се изгласа во Кнесетот уште на 1 јули.
САД, пак, јасно ставија до знаење дека не треба да се преземаат еднострани чекори кон анексија пред да се заврши мапирањето од страна на Комитетот за мапирање на територијата, што може да трае со недели или дури месеци.
Со планот на Трамп се предвидува и демилитаризирана палестинска држава на поголемиот дел од Западниот Брег со делови од источен Ерусалим, кои се наоѓаат надвор од израелската безбедносна ограда, како нејзин главен град.
Палестинците исто така ќе добијат економски пакет во висина од 50 милијарди американски долари ако се согласат со условите на договорот, кои вклучуваат да запре поттикнувањето терор и ставање крај на нивната т.н. шема плати за убивање, со која се плаќаат финансиски стипендии за осудени терористи и нивните семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

