Македонија
Нема полициски час, но Владата го задолжи МВР да врши засилени контроли

Владата ги задолжи МВР и инспекторатите да вршат засилени контроли во подрачјата со поголем број новозаболени од коронавирус.
Владата на денешната 63-та седница донесе одлука да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.
Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.
Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.
Во врска со оваа точка, Владата заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата Стоп корона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин.
Уредбата определува дека доколку некое лице одбие да го прими решението за самоизолација, или дава лажни лични податоци и лажни податоци во врска со лицата со кои што имало контакт во изминатите денови, или не ја применува мерката строга изолација во домашни услови (домашна самоизолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата, за што Министерството за внатрешни работи донесува решение, а трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од страна на тоа лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Трубарево гори и пластичен отпад, Ангелов рече дека пожарот е подметнат и нема повредени лица

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека големиот пожар кој денеска избувна во фабриката „Ф – Групација“ во Скопје, каде што се складира електронски отпад, е намерно подметнат и претставува хибриден напад врз државата.
Ангелов објасни дека пожарот зафатил два производствени погони во кои имало и пластика. Огнот делумно се проширил и кон уште два соседни објекти каде што е складирана поголема количина на пластичен отпад.
„Пластиката дава густ и црн, а верувам и токсичен чад“, рече Ангелов.
Директорот на ДЗС соопшти дека нема повредени, а побарана е помош од соседните противпожарни единици. Дел од пожарникарите се во црниот чад со заштитни маски.
Рече дека сите ресурси се насочени кон овој пожар, на терен дејствува ер-тракторот, хеликоптерите на МВР и АРМ, хермелин, пожарникари…
Тој нагласи дека пожар од ваков обем не може лесно да се запали и дека не е случаен:
„Ова е хибриден напад врз државата, бидејќи во краток временски период се случија повеќе тешки пожари што предизвикуваат огромно загадување на воздухот во Скопје – Вардариште, Дрисла, депонијата во Шуто Оризари и денес оваа фабрика. Мета сме на хибриден напад, а за мотивите можеме само да погодуваме.“
Ангелов додаде дека Министерството за внатрешни работи работи на откривање на сторителите и упати апел до граѓаните: „Секое сомнително однесување, лица со туби, особено околу вакви објекти, веднаш пријавете ги на бројот 112 или во најблиската полициска станица.“
Македонија
(Видео) Големиот пожар во Трубарево се гасне и со хермелини

Специјализирани возила со хермелини, ер трактор, хеликоптери на МВР и АРМ, екипи на скопската противпожарна бригада го гаснат големиот пожат што избувна во Трубарево во складиштето за електронски отпад.
Видеата во прилог го прикажуваат гаснењето на огнот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Пожарите се подметнати за создавање вештачка криза, скопјани се жртви на политички игри

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска порача дека споделува загриженост со скопјани за пожарите кои деновиве ја зафатија околината на главниот град, оценувајќи дека постојат сомнежи за нивно намерно подметнување.
„Не само што некој си игра со трпението, туку си игра и со здравјето на илјадници граѓани во Скопје! Го повикувам Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги превземат сите неопходни мерки за откривање на сите кои се замешани во свесното и намерно потпалување на сите депонии околу главниот град Скопје. И ги повикувам да постапат брзо,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека институциите мора да делуваат за да го заштитат здравјето на граѓаните, посочувајќи дека „основани и отворени се сомнежите дека поголем дел од пожарите кои се случуваат овие денови се подметнати со цел создавање на вештачка криза во општеството во очи на претстојните локални избори“.
„Никогаш во последните неколку децении не ни се случувало ова – да се палат ридови и сите ѓубришта во радиус од 20 километри околу главниот град. Овие пожари се со цел да се предизвикаат политички пожари. За жал, граѓаните и ние скопјани сме жртви. На ова мора да му се стави крај,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Тој најави дека по одржувањето на локалните избори прва и основна задача ќе му биде создавање на систем во кој „нема да има пожари, Скопје ќе биде чисто, а депониите нема да бидат проблем, туку решение“.
„Имам План за чисто и здраво Скопје. Имаме комунални претпријатија со илјадници вработени, а немаме кој да се грижи за комуналниот ред. На овој напад против животната средина и против здравјето на граѓаните мора да му се стави крај,“ додаде Ѓорѓиевски.