Економија
ССК: Претприемачите треба да се поддржат, а не да се репресираат и казнуваат

Координација и меѓуинституционална комуникација е неопходна за да не се остава простор за слободно толкување на економските мерки и уредбите што сметководителите ги спроведуваат во пракса за најголем број од претпријатијата. Комората на сметководителите апелира за усогласување на ставовите на институциите бидејќи дополнителна конфузија на веќе постојните предизвици со кои деловните субјекти се соочуваат е најмалку потребна.
Јасни уредби и техничка институционална подготвеност за нивно спроведување е од голема важност за непречено функционирање на стопанството, беше истакнато на денешната прес-конференција на Комората на сметководителите при Сојузот на стопанските комори на Македонија.
Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководителите, истакна дека особено актуелна е мерката за финансиска поддршка за приватниот сектор во износ од 14.500 денари за вработен и информира дека за оваа мерка, циклусот за април е завршен, а за мај е во тек, но се соочуваат со технички неусогласености и предизвици за реализација.
„Деновиве сме сведоци на разни толкувања од страна на надлежни институции, коморите и синдикатите за начинот на искористување на средствата. Таквите толкувања доведуваат до заблуди зголемувајќи ја правната несигурност кај колегите сметководители, како и кај клиентите со кои соработуваме. Во согласност со законските прописи, во случај на виша сила, каде што во зависност од дејноста има делумно или целосно запирање на работниот процес, дозволено е пресметување и исплата на нето-плата во износ од 50 или 70 отсто. Тоа беше соопштено на официјалната веб-страница на Владата, а во повеќе наврати го потврди министерката за финансии повикувајќи се на одредбите од член 112 од Законот за работните односи.
Оттука, неосновани се тврдењата што се наjавуваат изминативе денови со закана за контроли и враќање на средствата со камата доколку не е исплатен целиот износ од 14.500 денари како нето-плата. Имено, самата уредба со законска сила никаде не се повикува на бруто или нето-плата, туку средствата се јасно дефинирани како финансиска поддршка за исплата на плата. Во условите за аплицирање и одобрување на оваа мерка пропишани се единствено компанијата да има пад на приходот 30 отсто во однос на споредбен период, како и задржување на бројот на вработени одреден број месеци по завршувањето на мерката, а никаде таа не се поврзува со висината на исплатената нето-плата“, изјави Андреева
Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководителите, побара итно и безусловно продолжување на мерките за финансиска поддршка.
„Македонските мали и средни претпријатија претставуваат повеќе од 99 отсто од регистрираните активни претпријатија и имаат клучна улога во функционирањето на националната економија. Тие со 65 отсто учество во домашниот бруто-производ доминираат пред другите субјекти, обезбедуваат повеќе од 80 отсто од работните места во приватниот сектор и се столбот на македонската економија. Нашето барање се темели на анализи на податоците за компаниите за кои обезбедуваме сметководствено-финансиски услуги и непосредно можеме да ги согледаме предизвиците со кои се соочуваат за да опстанат во оваа криза. Многубројни реакции стигнуваат до нас и во однос на тоа дека голем дел од самостојните вршители на дејност сè уште немаат примено средства за април иако уредно поднеле барање и тоа им е одобрено. Сите параметри укажуваат дека ликвидноста на над 65 проценти од претпријатијата е сериозно нарушена. Тука не се изземени ниту сметководствените бироа, кои во најголем број, поради ограничувачките пропишани услови, за жал, не можеа ниту да аплицираат за некоја од понудените економски мерки“, истакна Грозданов.
Тој додаде дека здравствената криза е во ек, а како резултат на рестриктивните мерки и протоколи, дополнително e отежната состојбата во економијата. Некои од дејностите воопшто не се почнати со работа поради што неопходни се навремени реакции за помош.
Комората на сметководителите постојано укажува на потребата од меѓуинституционална координација и слух за потребите на реалниот сектор од терен. Апелираат дека во услови на економска криза не е време за промовирање репресивни мерки за претпријатијата што се во криза.
Комората на сметководителите уште еднаш ја истакна подготвеноста за учество во работните групи за носењето применливи законски решенија во областа на даноците, придонесите, финансиите и сметководството, чие извршување, односно имплементација, во пракса е на товар на сметководителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.