Македонија
Македонскиот полициски синдикат: Владата да го поништи штетниот договор што го потпиша Чулев со новиот синдикат
Македонскиот полициски синдикат денеска на прес-конференција побара од Владата да го поништи, како што беше кажано, штетниот и противзаконски договор што го потпиша министерот Наќе Чулев.
„Раководството на Македонскиот полициски синдикат во периодот што измина во повеќе наврати од министерот Чулев бараше на сите вработени во Министерството за внатрешни работи поради посебен придонес во борбата со Ковид-19 да им се исплати награда во висина од најмалку една просечна плата. Министерството не го прифати нашето барање при што нелогично за нас самостојно излезе со барање до Владата за донесување уредба со законска сила, според која на секој вработен во Министерството за внатрешни работи да му се исплати награда во висина од 15.000 денари, што за нас, како единствен репрезентативен синдикат на полицијата, сумата од 15.000 денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000 денари“, беше кажано на прес-конференцијата.
Од Синдикатот се пожалија дека на последната средба што ја имале кај министерот во март добиле директна закана.
„ Доколку не прекинете да го напаѓате министерот и неговиот тим, ќе ви формираме трет синдикат и нема да броите 8.500, туку ќе ве направеме на 4.000 члена и за кратко време ќе ве снема од синдикалната сцена“, им било кажано на средбата.
„Но, тензиите не стивнаа и понатаму. Се направија кадровски промени на сите комисии во МВР и БЈБ, и тоа повторно без дијалог. Советниците што не припаѓаат на Бирото за јавна безбедност и се дел од политичките кабинети се појавуваа во организациски единици за кои не се надлежни и сееја страв и закани кон вработените и сето тоа создава збунетост кај нашите колеги. На сето ова ние како Македонски полициски синдикат реагиравме и баравме прием кај министерот Чулев, но тој нè игнорира и, наместо прием, се соочувавме со многубројни индиректни закани кон нас и кон нашите преставници во Републиката.
За жал, заканата што ја добивме во кабинетот на министерот Чулев тие почнаа да ја исполнуваат со регистрирање нов синдикат на 29.4.2020 година во Министрството за труд и социјала и упис во него на 13.5.2020 година во Централен регистар на 2.6.2020 година со договор спротивен на законските прописи во Република Северна Македонија и колективниот договор на МВР ја крунисат соработката со него.
Токму од овде ја повикуваме Владата да го поништи штетниот и противзаконски договорот што го потпиша министерот Чулев со новоформираниот синдикат бидејќи е спротивен на член 46 од Законот за Владата и колективниот договор на МВР.
Од наша страна со писмена реакција се известени сите релевантни институции во ЕУ и Република Северна Македонија.
Токму од овие причини сметавме дека треба да се извести целокупната јавност за случувањата во синдикализмот во МВР“, велат од Македонскиот полициски синдикат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Од Обвинителството додаваат дека дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

