Македонија
Во Карпош 3 се тестираат нови полуподземни контејнери

Во Скопје почнува пилот-проект за тестирање нов вид контејнери за отпад од домаќинствата, односно полуподземни контејнери.
Во врска со ова, скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, денеска одржаа прес-конференција на улицата Никола Русински во Карпош 3, каде што се поставени полуподземни контејнери.
„Овие контејнери имаат извесни предности во однос на другите видови, од кои може да се издвојат поради поголемиот капацитет, мал надземен дел, побрзо празнење, можност за заклучување и поголем век на експлоатација“, рече Шилегов.
Тој објасни дека станува збор за полуподземни контејнери со капацитет од 3 до 5 кубни метри од финско производство.
На улицата Никола Русински, зад ТЦ „Лептокарија“ во Карпош, поставени се 6 вакви контејнери, од кои два се со капацитет од три кубни метри, а четири се со капацитет од 5 кубни метри.
Шилегов појасни дека овој пилот-проект дава и можност за селектирање отпад, односно дека граѓаните, покрај селекцијата на комуналниот отпад, ќе може да селектираат и електронски и кабаст отпад.
„Во неколкумесечниот тест-период во рамките на овој пилот-проект ќе ги согледаме сите предности и предизвици од користењето на овие садови за отпад од домаќинствата по што ќе бидат направени внимателни анализи за исплатливоста на инвестирањето во вакви контејнери барем за оние делови од градот каде што просторните услови тоа го дозволуваат“, кажа градоначалникот.
Шилегов воедно упати апел граѓаните прописно да го фрлаат отпадот од домаќинствата користејќи ги садовите исклучиво во согласност со нивната намена и да го фрлаат отпадот во пропишаното време, односно од 19 до 22 часот навечер, во затворени пластични кеси, не оставајќи храна и облека надвор од контејнерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.