Свет
Калифорниски заменик-шериф застрелан во главата во заседа во полициска станица
Вооружен напаѓач го застрелал заменик-шерифот на округот Сан Луис Обиспо во Калифорнија во заседа во полициската станица, а потоа избегал од местото на настанот и наводно убил бездомник, пренесува „Њујорк пост“.
„Вооружениот напаѓач, идентификуван како Мејсон Џејмс Лира, го почнал своето дивеење кога отворил оган кон полицискиот оддел во Пасо Роблес околу 3.45 часот по полноќ и го застрелал полицаецот во главата“, соопштија од канцеларијата на шерифот.
Напаѓачот пукал и кон прозорците и вратата во зградата. Никој внатре не бил повреден.
„Веруваме дека ова беше заседа, дека тој ја испланирал, сакал полицајците да излезат од полицискиот оддел за да ги нападне“, вели шерифот на округот Сан Луис Обиспо, Јан Паркинсон.
Лира (26) избегал од местото на настанот додека на повредениот полицаец му била укажана лекарска помош. Полицаецот е во сериозна, но стабилна состојба, со куршум во главата.
Подоцна, полицијата пронашла застрелан неидентификуван бездомник во железничката станица во Пасо Роблес, во кого, како што се сомнева полицијата, Лира пукал еднаш одблизу во задниот дел на главата.
Полицајците синоќа беа во потрага по Лира, објавија фотографии од осомничениот и предупредуваа дека е вооружен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама: Министерката создадена со вештачка интелигенција „ќе роди“ 83 дигитални помошници за парламентот
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека нивната министерка создадена со помош на вештачка интелигенција, Диела, ќе „роди“ 83 дигитални помошници кои ќе работат како виртуелни асистенти на пратениците од Социјалистичката партија.
Според Рама, тие асистенти ќе ја подобрат ефикасноста и транспарентноста на парламентот, водејќи евиденција за седниците, подготвувајќи анализи и предлагајќи политики засновани на податоци.
Диела, која беше именувана во мај 2025 година, е првата виртуелна министерка во светот создадена со помош на вештачка интелигенција. Нејзината задача е да ја следи законитоста и транспарентноста на државните тендери и да спречи корупција, со користење алгоритми што одлучуваат без човечко влијание.
Рама ја опиша иницијативата како чекор кон „целосно транспарентна и безкорупциска“ администрација, а метафората за „трудна министерка“ симболично го претставува ширењето на вештачката интелигенција во повеќе сектори на управувањето во Тирана.
Свет
Орбан оди кај Трамп поради руската нафта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан следната недела ќе отпатува во Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и да разговара за санкциите против руската нафтена индустрија, изјавил шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Сијарто рече дека Унгарија оваа недела ќе ја анализира „правната и физичката последица“ од санкциите што САД ги воведоа против руските компании минатата недела, додавајќи дека Орбан ќе може лично да разговара со Трамп ако биде потребно.
Средбата треба да се одржи во втората половина на следната недела, но точниот датум не е познат.
Трамп претходно изјави дека Европа мора целосно да се откаже од руската нафта и гас и воведе санкции против „Росњефт“ и „Лукоил“, додека Орбан најави дека Унгарија ќе бара начини да ги заобиколи американските ограничувања.
Свет
Трамп до Путин: Наместо да тестираш ракети, заврши ја војната во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на веста дека Русија успешно ја тестирала новата крстосувачка ракета на нуклеарен погон „Буревестник“, пренесе „Еуроњуз“.
„Тој (Путин) треба да ја заврши војната. Војната што требаше да трае една недела сега влегува во својата четврта година. Тоа треба да го направи, наместо да тестира ракети,“ изјави Трамп од претседателскиот авион „Ер форс уан“.
Руското Министерство за одбрана претходно објави дека тестирањето било успешно и дека ракетата, според шефот на Генералштабот Валериј Герасимов, прелетала 14.000 километри за 15 часа.
Трамп го нарече тестот „непримерен“ и предупреди дека Москва е свесна за американската нуклеарна подморница која е многу блиску до нивниот брег.
Според анализата на експертот Џон Харди од Фондацијата за одбрана на демократиите, ракетата „Буревестник“ со нуклеарен погон би можела да има „практично неограничен дострел“, но ја оцени како „непотребен трошок“ што ја оптоварува руската војска.
„Ројтерс“ потсетува дека клучниот договор за ограничување на нуклеарното вооружување — „Нов СТАРТ“ — истекува на 4 февруари 2026 година, што дополнително ги зголемува тензиите меѓу Москва и Вашингтон.

