Култура
Исмаил Кадаре – добитник на „Прозарт“ за 2020
Наградата „Прозарт“, која Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ му ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2020 година му припадна на големиот албански писател Исмаил Кадаре за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус, кој редовно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика.
Поради неможноста фестивалот да се одржи во вообичаениот термин (крајот на мај), лауреатот ја доби наградата, која се состои од статуетка и паричен дел, во неговиот дом во Париз. Организаторите најавуваат дека 8. издание на фестивалот ќе се одржи наесен. Во прозното творештво на Кадаре се преплетуваат минатото и современоста, митот и иронијата, индивидуалното и колективното, пренесени на многу специфичен и карактеристичен стилски и јазичен идиом, кои го издвојуваат неговото дело во групата на современите светски великани на литературата.
„Со голема чест му ја доделуваме наградата „Прозарт“ на писателот што ги одбележа втората половина на минатиот век и почетокот на новиот век со провокативноста и компактноста на неговите книжевни остварувањa“, стои во образложението на одборот за доделување на наградата „Прозарт“.
Одборот на наградата го сочинуваат: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.
Кадаре е автор на повеќе светски познати книги, меѓу кои „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“, „Наследникот“… Сите овие книги се разликуваат во однос на тематиката, времето и просторот кои се обработуваат, но многу сродни во однос на етичките и стилските суштествени одлики на писмото на Кадаре.
„Непомирлив во однос на чесноста на писателскиот, но и интелектуален став, со непресушен имагинативен капацитет, Кадаре постојано во текот на половина век творештво ги изненадува познавачите на литературата со високолитерарна разработка на теми во кои содејствуваат локалното и универзалното.
Кадаре изрази благодарност за признанието:
„Се натажив што нема да можам да ја прифатам поканата на фестивалот за лично да ја примам наградата која љубезно ми ја доделивте, но поради моментната пандемија, се надевам дека ова писмо на благодарност од далечина е доволно. Се разбира, особено важно ми е дека наградата „Прозарт“ ја велича литературата од Балканот и сум почестен што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор кој истражува извесни настани во историјата, кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата „Пастернак“.
Можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што може најдобро да проценат како моите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет – историја, топографија и сл. Можеби исто така еден албански читател или кинески читател би почувствувал одредена врска со мојот роман „Концертот“, кој го истражува, меѓу другото, ненадејното заладување на кинеско-албанските односи – нешто што австралиски или аргентински читател не може да го почувствува така, а истовремено тој албански и кинески читател можеби нема да го паметат периодот во кој се случиле настаните или дури и не биле родени во тоа време. Го кажувам сето ова за да нагласам дека наградата што ја слави литературата на Балканот е особено добредојдено признание од истакнати литературни творци и се гордеам што можам да дадам придонес.
Можам да додадам дека литература на Балканот е глобална литература затоа што толку многу балкански автори, вклучувајќи ме и мене, се читаат од превод. Уште повеќе, нашите регионални прашања се глобални прашања – каде, на пример, завршува Европа? Не станува збор за прашање на кое литературата – од Балканот или која било друга – може да одговори дефинитивно, но е прашање на кое литературата и историјата се покажале фасцинантни“, напиша Кадаре во писмото.
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ и годинава ќе се реализира со помош на: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје и Институтот „Јунус Емре“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

