Свет
„Амазон“ ѝ забрани на полицијата да го користи нејзиниот софтвер за препознавање лица
„Амазон“ ѝ забрани на полицијата да го користи нејзиниот софтвер за препознавање лица една година по соочувањето со притисок за време на немирите поради убиството на Џорџ Флојд, пренесува „Њујорк тајмс“.
Техничкиот гигант се надева дека мораториумот ќе му даде на Конгресот доволно време да донесе закон за регулирање на контроверзната технологија.
Софтверот „Рекогнишн“ на „Амазон“ беше критикуван со години за расна и родова пристрасност, а студиите покажуваат дека погрешно ги идентификува Афроамериканците и Азијатите почесто од белите субјекти.
„Се залагавме владите да воспостават построги закони за регулирање на етичката употреба на технологијата за препознавање лица и во последните денови се чини дека Конгресот е подготвен да се соочи со овој предизвик. Се надеваме дека едногодишниот мораториум може да му даде на Конгресот доволно време за спроведување соодветни правила и ние сме подготвени да помогнеме ако биде побарано“, се вели во изјавата на „Амазон“.
Од промовирањето на „Рекогнишн“ во 2016 година „Амазон“ ѝ го продаде својот систем и на полицијата како начин да ги лови криминалците и на агенциите за имиграција и царинско работење за да им помогне да ги таргетира или идентификува имигрантите.
Не е јасно колку агенции за спроведување на законот во моментот се потпираат на технологијата. Американската унија за граѓански слободи од 2018 година тврди дека „Амазон“ тајно им ја продал моќната и опасна технологија на полициските оддели. АЦЛУ сега бара компанијата да се обврзе на неопределен мораториум додека не се донесе федералното законодавство.
„Беа потребни две години за ‘Амазон’ да дојде до овој момент, но среќни сме што компанијата, конечно, ги препозна опасностите што ги претставува за лицата во црнечките и латинозаедниците и за граѓанските права. Заканата од оваа технологија за надзор по нашите граѓански права и граѓанските слободи нема да исчезне за една година“, рече Никол Озер, директор за технологија и граѓански слободи на АЦЛУ.
„Амазон“ не одговори веднаш на барањето за коментар.

Кабинетот на шерифот на округот Вашингтон во Орегон е единствената полициска агенција наведена како клиент на веб-страницата на „Амазон“ за системот.
„’Релкогнишн’ на ‘Амазон’ во голема мера ја зголеми можноста на нашите полицајци да дејствуваат брзо и одлучно. Успеавме да индексираме повеќе од 300.000 фотозаписи во рок од 1 до 2 дена, а времето за идентификација на осомничените се намали од 2 до 3 дена на неколку минути“, вели Крис Аџима, аналитичар во канцеларијата, во сведоштво објавено на страницата на „Амазон“.
Најавата на „Амазон“ доаѓа во период кога демонстрантите ги таргетираат технолошките компании барајќи да дејствуваат со поголема одговорност со технологијата за препознавање лица.
По засилувањето на повиците, ИБМ во понеделникот објави дека во целост излегува од бизнисот со технологијата за препознавање лица поради загриженоста за тоа како може да се користи таа за масовно набљудување и расно профилирање.
Претставничкиот дом, кој е под контрола на демократите, одржа серија расправи за софтверот за препознавање лица, но републиканецот Џими Гомез, кој е член на Комитетот, го обвини „Амазон“ за недостиг од законодавство што ја регулира технологијата.
„Ова е добар прв чекор, но сè уште не е доволно“, вели Гомез за Си-ен-би-си. „Тие велат дека бараат од Конгресот да стави заштитници за употребата на оваа технологија, но секојпат кога ќе се обидевме да добиеме повеќе податоци, тие одолжуваа и моравме да имаме сослушувања за да го придвижиме проблемот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вонредна состојба и предупредувања поради бура за над 140 милиони луѓе во САД
Снежна бура предизвика сериозен хаос низ Соединетите Американски Држави, поради што за над 140 милиони луѓе, односно повеќе од 40 проценти од населението, е издадено предупредување за опасни временски услови. Поради невремето, речиси 12.000 летови планирани за викендот се откажани, јавуваат американските медиуми.
Предупредувањето се протега од Ново Мексико до Нова Англија, при што Националната метеоролошка служба најави обилни снежни врнежи и замрзнување на коловозите од источен Тексас до Северна Каролина. Во делови од југоисточна Оклахома, источен Тексас и Луизијана е регистрирано формирање мраз со дебелина до 0,6 сантиметри.
Метеоролозите предупредуваат дека по завршувањето на бурата ќе следи екстремно ниска температура, поради што снегот и мразот ќе се топат многу бавно, дополнително отежнувајќи ја нормализацијата на состојбата. Во некои региони штетите од мразот би можеле да бидат споредливи со оние предизвикани од урагани.
Гувернерите во повеќе од десет сојузни држави прогласија вонредна состојба или апелираа граѓаните да останат во своите домови. Во меѓувреме, околу 120.000 корисници останаа без електрична енергија, најмногу во Тексас, Луизијана и Ново Мексико.
US storm leaves 160,000 without power, forces thousands of flight cancellations
winter storm that has cut power to more than 160,000 electricity customers as far west as Texas, and threatened to paralyze eastern states with heavy snowfall pic.twitter.com/oaFPraSjbg
— Muhammad wahaj (@M_wahaj1) January 25, 2026
Авиосообраќајот е сериозно нарушен, при што сите летови беа откажани на некои аеродроми, вклучително и во Оклахома Сити, додека меѓу најпогодените се аеродромите во Далас, Нешвил и Шарлот.
Особено загрижувачки се температурите на Средниот Запад, каде се измерени и до минус 40 степени Целзиусови, што носи ризик од смрзнатини за само неколку минути. Во Висконсин е измерена температура од минус 38 степени, најниска во последните речиси три децении.
Американската администрација соопшти дека е во постојана координација со државните и локалните власти, а девет сојузни држави побараа прогласување вонредна состојба со цел активирање федерални ресурси за справување со последиците од екстремното невреме.
Свет
Орбан со порака до Зеленски: Унгарија нема да дозволи да биде заплашена
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија нема да биде заплашена.
„Унгарија нема да биде заплашена. Претседателите доаѓаат и си одат, личните навреди можат да се случат, но достоинството на Унгарија е нешто за кое не може да се преговара. Претседателот на Украина Зеленски треба да го запомни тоа“, рече Орбан во објава на социјалната мрежа X.
Унгарскиот премиер претходно во четвртокот го критикуваше Зеленски за неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос, во кој, според извештаите од Будимпешта, тој „повторно ја нападна унгарската Влада и него лично“.
Свет
Зеленски: Трилатералните разговори беа конструктивни
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека трилатералните разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД во Абу Даби биле „конструктивни“, дека на нив биле дискутирани параметри за завршување на војната и дека следната недела би можеле да се одржат нови состаноци.
Во објава на Телеграм, Зеленски, исто така, рече дека украинските воени претставници идентификувале список на прашања за дискусија на потенцијален иден состанок со претставници на Русија и САД, пренесува Укринформ.
„Главната работа на која се фокусирале дискусиите биле можните параметри за завршување на војната. Навистина го ценам тоа што постои свест за потребата Америка да го следи и контролира процесот на завршување на војната и одржување на вистинската безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можните формати за одобрување на параметрите за завршување на војната и безбедносните околности потребни за тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека по состанокот, што заврши денеска во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, сите страни се согласиле да поднесат извештаи за секој аспект од преговорите во своите главни градови и да се договорат за понатамошните чекори со лидерите на своите земји.
„Армијата утврди список на прашања за евентуален следен состанок. Доколку постои подготвеност за движење напред и Украина е подготвена, ќе се одржат понатамошни состаноци, потенцијално следната недела. Со нетрпение го очекувам непосредниот извештај на (украинската) делегација по нејзиното враќање“, рече Зеленски.
Украинската делегација на преговорите ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер, секретарот на американската армија Ден Дрискол, додека руската делегација вклучуваше претставници на воената разузнавачка служба и армијата.

