Македонија
Отфрлена кривичната пријава против градоначалникот на Сарај за дивите платформи на Матка
Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата против градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, за кривични дела злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата, а во врска со дивите платформи на Матка. Скопското Обвинителство соопшти дека Беџети спровел процедури во согласност со Законот за постапување со бесправно изградените објекти.
Иницијативата за кривично гонење ДКСК ја поднесе поради сомненија дека пријавениот свесно и намерно не презел дејства и не донел конкретни управни акти во постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти, со што на физички и правни лица им овозможил бесправно да изградат платформи на езерото Матка, да стопанисуваат со нив и да остваруваат противправна имотна корист за себе и за друг.
„Од податоците доставени од Државниот управен инспекторат произлезе дека инспекторите од овој инспекторат извршиле вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај во врска со постапувањето во наведените предмети, при што на 10.6.2019 година бил составен записник со наод за утврдена состојба и констатирани недостатоци во управното и канцелариското работење. Притоа било донесено решение со кое градоначалникот на општина Сарај бил задолжен да преземе мерки и дејства во негова надлежност и во определен рок да ги отстрани недостатоците. На 21.8.2019 година инспекторите извршиле контролен инспекциски надзор, при што е утврдено дека градоначалникот целосно постапил по решението на Државниот управен инспекторат и ги отстранил претходно утврдените недостатоци и против него не се преземени наредни дејства“, се наведува во соопштението на скопското Обвинителство.
Од доставените известувања од градоначалникот на општина Сарај произлегува дека во првите четири предмети, по спроведена постапка, донесени се решенија со кои се одбиваат барањата за легализација по кои решенија подносителите на барањата доставиле жалби до Министерството за транспорт и врски. И покрај вложената жалба, Општина Сарај на 16.9.2019 година распишала јавна набавка за уривање на овие објекти, но на јавниот повик не се пријавил ниту еден економски оператор. Од овие причини Општина Сарај се обратила писмено до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за помош за отстранување на платформите.
Инспекторатот ја известил Општината дека се работи за објекти од локално значење за кои е надлежна Општината и воедно ги предупредил дека кон уривање на објектите може да се пристапи само по конечноста на донесените решенија.
Во однос на петтиот предмет, решението за легализација било донесено од претходниот градоначалник на општина Сарај во 2017 година, но по поднесена иницијатива на МПЦ – Охридска ахиепископија, решението е огласено за ништовно со пресуда на Управниот суд.
Во врска со шестиот предмет опфатен во кривичната пријава, произлегува дека од Општина Сарај е составен записник за констатација, но за овие платформи одлучувала Општина Сопиште. Донесеното решение за легализација во овој предмет од страна на Одделението за урбанизам при Општина Сопиште подоцна било поништено од градоначалникот на општина Сопиште, а по жалба во предметот одлучувало Министерството за транспорт и врски.
Општина Сарај во врска со изградените платформи се обратила и до Град Скопје и до Министерството за животна средина за да провери дали од нивна страна биле издадени одобренија на лицата подносители на барањата за легализација да вршат превоз со чамци од манастирот „Св. Андреја“ до пештерата „Врело“. Имено, контролата на превозот со чамци е во надлежност на Министерството за животна средина, кое презема мерки во согласност со Законот за водите доколку се констатираат прекршоци од конкретни сторители.
Државниот инспекторат за животна средина исто така вршел инспекциски надзор по што до Општина Сарај доставил известување со насоки за натамошно постапување во однос на барањата за легализација, во кое се наведува дека против Општината нема да биде поведена инспекциска постапка бидејќи не се утврдени недостатоци во нивното работење во согласност со Законот за водите.
„Проучувајќи ги сите овие наводи, надлежниот јавен обвинител утврди дека во дејствата на пријавениот не се содржани суштествените елементи на кривичните дела – злоупотреба на службената положба и овластувањето и несовесно работење во службата ниту, пак, на друго кривично дело што се гони по службена должност“, соопштија од Обвинителството.
Во случајот, пишува во соопштението, градоначалникот во рамките на своите надлежности спровел процедури во согласност со Законот за постапување со бесправно изградените објекти и донел негативни решенија по барањата за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти на подрачјето на кањонот Матка.
Постапката, во согласност со законот, продолжува во Министерството за транспорт и врски, а потоа и пред Управен суд. Со своето постапување, велат од Обвинителството, пријавениот не прибавил противправна имотна корист за себе или за друг, ниту причинил штета за кој било субјект.
Во однос на самите баратели или градители на бесправно изградени објекти на подрачјето на кањонот Матка, нивното постапување е предмет на проверки во друг предмет пред Основното јавно обвинителство Скопје за кој во тек е предистражна постапка. По преземање на потребните дејства и комплетирање на документацијата, Обвиинителството во овој предмет ќе донесе соодветна одлука во согласност со Законот за кривичната постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комисијата за одбрана и безбедност со претставници на Израел: нагласена важноста на соработката за зајакнување на националната и регионалната безбедност
Комисијата за одбрана и безбедност денеска одржа работна средба со претставник на Министерството за одбрана, Елај Калиф, и амбасадорката Вивиен Аисен на Државата Израел, на која се дискутираше за соработката во областа на одбраната и безбедноста. Посебен акцент беше ставен на соработката во рамките на НАТО, како и на размената на искуства и добри практики од областа на одбраната.
Претставникот на Министерството за одбрана на Државата Израел ги презентираше глобалните безбедносни тенденции кои влијаат врз Израел, како и можностите за соработка со земјите од Балканот и Балтикот. Во тој контекст, беше истакната потребата од започнување структуриран дијалог во областа на одбраната и безбедносната поддршка.
Претседателот на Комисијата, Павле Арсоски, ја нагласи претходната соработка со Центарот за обука на пилоти, посочувајќи ги придобивките и значењето на оваа соработка за унапредување на одбранбените капацитети.
Пратениците, во своите излагања, ја потенцираа суштинската важност на соработката со Државата Израел во областа на одбраната, како значаен елемент за зајакнување на националната и регионалната безбедност и стабилноста на Балканот.
Македонија
Појава на магла на Стража, државните патишта проодни и безбедни за сообраќај
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинскиот премин Стража.
Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„Паметен зелен бран“ за регулирање на протокот на возила: Ѓорѓиевски и Тошковски на финални подготовки за официјално пуштање на „Сејф Сити“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одржа координативен состанок со стручни тимови од областа на сообраќајот, посветен на финалните подготовки за официјално пуштање во функција на „Сејф Сити“ системот, соопштија од Град Скопје.
Притоа беше истакнато дека Градот Скопје ќе има клучна и активна улога во имплементацијата на овој современ систем, со цел воспоставување ред, дисциплина и значително повисоко ниво на безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Со воведувањето на „Сејф Сити“, Скопје започнува суштинска реформа во начинот на управување со сообраќајот, заменувајќи ги застарените модели со паметни, адаптивни и технолошки напредни решенија кои во реално време ќе го регулираат протокот на возила, ќе ги намалат гужвите и ќе овозможат побезбедно и поефикасно движење низ градот.
„Воведуваме ред, безбедност и модерен сообраќај – градот Скопје ќе има клучна улога во „Сејф Сити“ системот, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Одржавме, додава тој, значаен координативен состанок со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како и со експерти од областа на сообраќајот, посветен на финалните подготовки за официјалното пуштање во функција на „Сејф Сити“ системот.
Како што појаснува Ѓорѓиевски, Градот Скопје ќе има силна и активна улога во неговата имплементација, со цел воспоставување ред, дисциплина и многу повисоко ниво на безбедност за сите учесници во сообраќајот.
„Ова е суштинска реформа во начинот на кој функционира сообраќајот во нашиот град.
Наместо застарениот концепт на „зелен бран“ од минатото, воведуваме паметен зелен бран – модерен, адаптивен и иновативен систем кој во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе ги намали гужвите и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје.
Во наредниот период, Советот на град Скопје ќе донесе низа важни одлуки поврзани со дистрибуцијата, особено во централното градско подрачје.
Овие мерки ќе донесат значително олеснување на сообраќајниот метеж, подобра организација и поголем комфор за граѓаните.
Дополнително, преку „Сејф Сити“ системот ќе се стави крај на девијантното и неодговорно однесување кое со години наназад го нарушуваше јавниот ред и резултираше со уништување на урбаната опрема и јавниот простор.
Контролата, превенцијата и брзата реакција ќе станат стандард“.
Ѓорѓиевски нагласува дека ова ќе значи побезбедни улици, почитување на правилата, заштита на јавниот имот и пред сè, сигурност за секој граѓанин. „Скопје чекори кон модерен европски град со паметни решенија, јасни правила и одговорен сообраќај“.

